Фото: Фејсбук/Тања Фајон

Словенија ги поттикнува членките на ЕУ да испратат силен политички сигнал за Западен Балкан, особено за БиХ, додека нагласува и оти е клучно да се дојде до спогодба за Македонија и Албанија, сметајќи дека европските лидери веројатно нема да дадат силни гаранции за евроинтеграциите на регионот на претстојниот самит на ЕУ, наведува „Еурактив“.

– Клучно е да дојдеме до спогодба за С. Македонија и за Албанија – истакна словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон, повикувајќи го француското претседателство со ЕУ да направи последни напори за наоѓање на „магична формула“ за Бугарија да го отфрли ветото кон Македонија.

Таа нагласува дека ЕУ не смее да го заборави Западен Балкан.

– Не смееме да го заборавиме Западен Балкан и да го запоставиме процесот на проширување за Западен Балкан. Ако размислувате малку поинаку, Западен Балкан има 20 до 30 години на крвави војни зад себе и јас би сакала да испратиме силен политички сигнал и за БиХ, знаејќи дека тие треба да исполнат мноштво критериуми – кажа Фајон.

Словенија силно се залага за БиХ, подготвувајќи се да претстави документ во кој се бара итно одобрување на кандидатскиот статус за поранешната југословенска република на денешниот состанок на европските министри за надворешни работи во Луксембург.

– Таквиот сигнал за БиХ, отворањето на пристапни преговори со С. Македонија и со Албанија, како и визна либерализација за Косово, би ја потврдило посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан – смета Фајон.

Според словенечкиот предлог, по добивањето на кандидатскиот статус, а пред отворање на пристапните преговори, БиХ ќе треба да усвои три закони што се однесуваат на судството, спречувањето на судирот на интереси и на јавните понуди за тендери.

Фајон за „Еурактив“ истакна оти знае дека станува збор за „многу амбициозен предлог“, но и како одредени министри за надворешни работи покажале разбирање за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан.

– Ако продолжиме да нанесуваме политички притисок, да разговараме и можеби да најдеме некоја неконвенционална формула со која ќе дојдеме до светло на крајот на тунелот, тогаш ќе бидеме среќни. Ако на јунскиот самит имаме параграф или реченица што се однесуваат на ова, тогаш ќе бидеме уште посреќни – порача Фајон.

Се очекува европските лидери да ја нагласат „полната и несомнена поддршка за перспективата за членство во ЕУ за Западен Балкан и да повикаат на забрзување на пристапниот процес“, според „Еурактив“, со што се нагласува и дека нема дадат дополнителни гаранции за регионот.