Уште одамна одбив да пораснам

БАЛКАНСКИТЕ ПОЕТИ ЗА ДЕЦА ВО „КОЛИБРИ“: СТЕВАН МИЛОШЕВИЌ, ВРАЊЕ, СРБИЈА

Драги читатели, денеска ви го претставуваме младиот српски поет за деца Стеван Милошевиќ, кој со своето духовито перо ќе ве воведе во светот на детската радост, љубов, топлина, шеговитост и слобода.
– Јас одамна одбив да пораснам, а за тоа многумина ме критикуваат и денес, но јас нема да се откажам од тоа, затоа што, верувајте ми, некогаш, најголема и најтешка промена е да се остане ист, без разлика на сѐ – вели поетот Милошевиќ.
Неговите песни денес првпат може да се прочитаат на македонски, токму на страниците на вашето омилено „Колибри“.

Стеван Милошевиќ е роден во 1987 година, во градот Врање, во Србија. Дипломирал на Учителскиот факултет, а работи како професор по веронаука. Од мал пишува поезија, а себеси најмногу се пронаоѓа во литературата за деца. Наградуван е на повеќе поетски конкурси и застапен е во повеќе книжевни зборници и списанија за деца и возрасни. Живее и работи во Врање. Досега ги објавил книгите: „Aждајата ја напушта бајката“, „Легенда за срцето на пеперутката“ и книгата за возрасни „Поетска микрофонија“. Песните што денес ги читате на македонски јазик се дел од стихозбирката „Аждајата ја напушта бајката“, објавена во 2019 година од страна на една од најреномираните српски издавачки куќи за деца „Пчелица“.

Тој е редовен член на „Матица српска“ во Нови Сад. Повеќепати е наградуван во областа на книжевноста за деца и за возрасни. Во 2021 година му е доделена високата награда „Србољуб Митиќ“ за најдобра збирка поезија за возрасни, од центарот за култура во Бараево, на Меѓународниот собор на духовна поезија. За литературата за деца, пак, добитник е на наградите „Драгомир Ѓорѓевиќ“ на меѓународниот фестивал „Булка“, во местото Црвенка, и награда за поезија на меѓународниот конкурс „Оаза на знаењето“ во Подгорица.

Организатор е на голем број изложби, претстави, книжевни вечери и работилници за деца и млади. Да потсетиме, поетот Стеван Милошевиќ годинава беше гостин и во Македонија. По покана на директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на малцинствата на Република Северна Македонија, господин Милутин Станчиќ, Милошевиќ ја претстави својата поезија пред учениците од ОУ „Невена Ѓорѓиева-Дуња“ во Кисела Вода и во училиштето во селото Љубодраг, Кумановско. Исто така, при оваа посета на Македонија, авторот подари свои книги за македонските ученици што учат српски јазик и одржа своја книжевна вечер во просториите на српскиот културно-информативен центар „Спона“ во Скопје. Ф.Д.


ДЕЦАТА НА ДЕЦА ЛИЧАТ

„Личи на неговата мајка!“
„Личи на неговиот татко!“
Не се согласува со тоа
тетин Влатко.

„Личи на неговиот дедо!“
„Личи на неговиот стрико!“
Не мисли така соседот Нико.

Се придружуваат роднините
сите редум се набројуваат
детето на нив да
личи – настојуваат.

Од колено до колено
се спомнува и
прабабата Лена
речиси сите редум
заедно со чукундедо.
Далечни роднини
вујко Пеце, тетка Цеца…
а децата личат само на деца.


БЕСНИ ГЛИСТИ

Кога нештата не се баш чисти
тука се долгите бесни глисти
домашна ил школска мака
бесната глиста збрка сака.

Штом немирот нема мера
сите нејзе ѝ се дерат
но, за среќа, нема уши
па, дерењето не ја гуши.

Митско суштество,
многу вешто
од ништото прави нешто
снимките медицински
покажуваат
од неа палавковците
боледуваат.

И науката околу ова се дигна
но, за жал, далеку не стигна
глистата умот ѝ го пече
па незадоволно следното
го рече:

Ни прачката не може
како мера,
бесната глиста да ја истера.

Затоа глистите каде и да се
од неволја ќе нѐ спасат
но, да не претерам, ај
уште ова го велам за крај:

Фала Боже што се живи
наместо децата, секој нив
ги криви.

Стеван Милошевиќ
Препев од српски на македонски: Филип Димкоски