Ставот на претседателот на државата Стево Пендаровски е дека во наредните 14 месеци скринингот е апсолутно најважниот политички приоритет за нас. Да се фатиме за реформи, нагласи тој, бидејќи имаме доста домашни задачи на тој план.
– Не мислам дека промената на Уставот денес или во месеците кои доаѓаат, треба да биде политички приоритет на Владата. Но, ако Владата која има мнозинство во Парламентот мисли поинаку, не можат да речам не. Мислам дека треба да се посветиме на работите кои додека преговараме и чекавме изминатите две години за некако да ја надминеме бугарската блокада, тука некои работи не одеа на добро, особено во делот на владеење на правото и борбата против високата корупција – рече претседателот Пендаровски вечерва во гостувањето во магазинот „Трилинг“ на ТВ 24.
Шефот на државата најави дека на 1 октомври ќе отпатува во Софија, на покана на бугарскиот претседател Румен Радев.
Пендаровски досега имал четири телефонски разговори со неговиот колега Радев, на тема увоз на електрична енергија.
Тој информира дека таму се отвора интерконекторот меѓу Грција и Бугарија, а ќе бидат присутни, како што е најавено, и неколку претседатели и премиери од регионот, со цел да покажеме дека не треба да се гледаме и понатаму како непријатели, напротив како добри соседи кои си помагаат и во невоља.
– Од бугаризација се плашат или најавуваат дека ќе ни се случи само Македонците кои имаат лабаво национално самочувство. Навредливо е за македонската нација да кажеш дека протокол, договор, преку механизми на европска интеграција, дека јас и ти можеме да станеме Бугари. Тој дух на наводна бугаризација која ни се заканува е измислена од страна на опозицијата за да го плаши македонскиот народ, кој има свои длабоки корени и цврсто втемелено национално члувство, а ние сме токму тоа, нема потреба да се плаши од бугаризација. Мислам дека тоа е испукан ќор фишек, бидејќи нема никаква опасност дека ние низ европските процеси на крајот на станеме Бугари – дециден е Пендаровски.
Политички став на претседателот Пендаровски, е дека референдум нас ни беше нужен, но не, како што истакна, со овие магливи варијанти што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ.
– И јас бев спремен да излезам и да гласам на референдум на кој ќе се поставеше прашањето дали сте за ЕУ или не сте – рече Пендаровски.
Дали енергетската криза се злоупотребува за некој да профитира на грбот на граѓаните, Пендаровски нагласи дека профитерите се јавуваат секогаш кога има кризи, војни, конфликти.
Според него, енергетската криза пред се е недостаток на стратешко размислување на сите политички елити од 1990 година до денес, кои гледаат само да го истераат мандатот, а да не вложат во такви големи капитлени инвестиции во енергетскиот сектор.
– За жал ние сме, купи ден помини политика – потенцира меѓу другото претседателот Пендаровски.
За тоа како гледа на владините мерки во справувањето со енергетската криза, Пендаровски укажа дека не постои влада во Европа, немам увид се разбира во целиот свет, рече, која не зборува со слична реторика.
Говорејќи за корупција, шефот на државата рече дека не би сакал во принцип одреден политички субјект без разлика дали е власт или опозиција да го коментира дали е недопирлив за правосилните органи.
– Меѓутоа, мислите ли дека велиме ДУИ се заштитена мечка. Мислите дека луѓето од СДСМ, ЛДП и другите не се заштитени мечки. Па зошто велиме дека има многу мал број случаи, 30 години наназад на високи функционери кои заглавиле во затвор. Значи, еве не да ја земеме ДУИ, туку овој т.н. македонски дел. Да ве вратам уште поназад. Слушајќи ги бомбите на Заев, слушајќи што се правеше власта на Груевски 11 години додека беше на власт, стварно мислите дека сите големи риби од таа политичка структура заглавија во затвор. Знаете кој лежи во затвор. Лежи во затвор Гордана Јанкулоска за набавката на „мерцедесот“. Знаеме значи луѓе кои станаа мултимилјардери се надвор од било каков допир или контакт со затвор и никој не ги ни бара и ако ги бара, а знае кај се пак не сака да ги најде. Значи, гледајте, сите политички структури пошто именувате една од нив, јас ви тврдам дека ниското ниво на доверба на граѓаните во правосудството е затоа што независно на која политичка партија припаѓате ако сте висок функционер вие сте недопирлив, во најголем дел, во најголем број случаи недопирлив за органите на прогонот – подвлече шефот на државата.
Прашан како ја оценува безбедносната состојба во државата, претседателот на државата потенцира дека е стопроцентно уверен дека нова војна од типот на деведесеттите нема да има на Балканот.
– Конфликти од големи размери слични на оние од деведесеттите нема да гледаме и тоа е добро. Тоа е ми се чини одлична порака за сите нас што живееме тука – рече Пендаровски.
Во однос на српско-косовско прашање, претседателот Пендаровски посочи дека гледајќи ја целокупната регионална и билатерална констелација меѓу Белград и Приштина не предвидува дека ќе има приближување кон завршна некоја конечна солуција меѓу тие две држави, значи решавање на меѓународниот статус на Косово или неговиот однос и позиција во меѓународните организации.
– На разврската на Косово кога и да се случува може да има негативни консеквенции по нас само во случај ако се менуваат границите. Прва колатерална штета од евентуалната промена на границите во регионот, од нова промена на границите во регионот, зборувам во контекст на разговорите меѓу Белград и Приштина ќе биде Босна и Херцеговина и Република Северна Македонија – оценува претседателот Пендаровски.
Што се однесува до војната во Украина, неговата проценка е, како што рече, иако е тоа тешко да се каже дефинитивно дека за жал, оваа стратешка грешка од страна на претседателот Владимир Путин практично и веќе ја спушта втората железна завеса меѓу западната Алијанса и Руската Федерација.
– Мое предвидување е дека Руската Федерација во годините и децениите кои доаѓаат ќе биде изолирана во меѓународната сцена. Значи, нема да биде ни близу на онаа меѓународна репутација, углед и реална сила или политичка моќ на сите пет континенти како што беше до пред 24 февруари оваа година – рече претседателот Пендаровски.