Рестрикциите на електрична енергија не се опција за ЕСМ и за Владата, рече генералниот директор на Електрани на Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат“, зборувајќи за енергетската криза. Тој додаде дека компанијата интензивно се подготвува за зголемување на домашното производство со кое би ги обезбедиле потребните количества за домаќинствата и малите потрошувачи.

– Ние минатата грејна сезона успешно се справивме со енергетската криза, иако дел од т.н. експерти за енергетика и дел од политичките партии предвидуваа црни сценарија. Сега, исто така, се подготвуваме. Дополнителен мотив и за нас во ЕСМ и за другите енергетски компании, но пред сѐ за Владата, е прво да се обезбедат ресурси доволни за производство на електрична енергија, а второ да имаме доволно количество на електрична енергија без рестрикции, но и да се внимава на цената – изјави Ковачевски, додавајќи дека имаме регулирана цена до крајот на годинава, а во декември треба да се определи цената за наредните шест месеци.