Одредени влијателни групи во Европа почнуваат внимателно да го напипуваат пулсот меѓу европските земји за некаква нова стратегија кон Западен Балкан, која би опфаќала зачленување на сите земји-кандидати во ЕУ во некаков разумен рок, но полноправното членство да се оствари во оној момент кога земјите ќе ги исполнат потребните услови. Тоа, како што размислуваат одредени европски кругови, ќе ѝ овозможи на Унијата еднаш засекогаш да го затвори прашањето со проширувањето, комплетирајќи го европскиот мозаик, а во меѓувреме ќе може слободно да им се посвети на внатрешните проблеми

Земјите од Западен Балкан инсистираат да добијат временска рамка за зачленување во ЕУ

Општата разочараност на земјите од Западен Балкан во Европската Унија станува сè поизразена, бидејќи Брисел одбива да даде каква било временска рамка дека некогаш ќе се случи ново проширување, по последното со Хрватска во 2013 година, што директно влијае и врз самите реформски процеси во регионот, кои не само што стагнираат со години туку почнуваат и да се уназадуваат.
По последниот пример со Македонија, кога ЕУ вети, а не испорача датум за преговори, без оглед што земјава го исполни главното барање да го промени уставното име, општата перцепција што завладеа во земјите во регионот е дека Унијата нема никаква намера да се шири, без оглед колку болни отстапки ќе направи секоја земја. Нарацијата што постојано се користи од европските дипломати во врска со јасната европска перспектива за земјите од регионот всушност е во насока само да се задржи влијанието на Европа на овие простори и да спречи продор на трети сили.

Личи како ЕУ сама да придодава нови и нови предизвици во регионот, за потоа сама „да ги решава“

Последните тензии во Косово, кревката ситуација во Црна Гора, нефункционалноста на БиХ, притисоците врз Србија, како и заострената реторика на релацијата Скопје – Софија, само говорат дека без реална европска перспектива проблемите само ќе се наталожуваат до таа точка кога ќе можат многу лесно да излезат од контрола, а ЕУ, ваква каква што е, нема да има капацитет сама да се справи со нив, слично како што беше ситуацијата со распадот на Југославија во почетокот на 90-тите години од минатиот век.
Понудите за заменско членство во Европската економска или политичка заедница очигледно не се доволно атрактивни за земјите во регионот, за кои членството во ЕУ е единствената реална опција, која им е ветена уште од самитот во Солун во 2003 година.
Свесни за ваквите ризици, одредени влијателни групи во Европа почнуваат внимателно да го напипуваат пулсот меѓу европските земји за некаква нова стратегија кон Западен Балкан, која би опфаќала зачленување на сите земји-кандидати во ЕУ во некаков разумен рок, но полноправното членство да се оствари во оној момент кога земјите ќе ги исполнат потребните услови.
Тоа, како што размислуваат одредени европски кругови, би ѝ овозможило на Унијата еднаш засекогаш да го затвори прашањето со проширувањето, комплетирајќи го европскиот мозаик, а во меѓувреме ќе може слободно да им се посвети на внатрешните проблеми. Ваквиот пристап нема да се создава отпор кај некои постари земји-членки, кои ѝ натаму со скепса гледаат на проширувањето со земји како Бугарија и Романија, кои ниту 15 години по зачленувањето не можат да ги достигнат европските стандарди.

Зачленување со скратени членски привилегии како мотив за реформи

Дека постојат вакви идеи за еден вид „неполноправно“ брзо членство во ЕУ неодамна потврди и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој извесен период ја турка тезата дека е можно зачленување на Македонија во Унијата до 2030 година.
– Постојат идеи што се презентирани од некои организации, аналитичари и аналитички центри, особено од Париз и Виена. Има поединци што ја промовираат идејата да им се даде поскорашен датум за членство на државите од Западен Балкан, но со одредени нетипични дерогации. Одредени права да им бидат замрзнати во првите пет или десет години, како правото на вето или правото на комесар – изјави Маричиќ.
Анализите во овие француско-австриски кругови на влијание покажуваат дека зачленувањето „по скратена постапка“ би ги мотивирало земјите од Западен Балкан максимално да се посветат на реформите, борбата со корупцијата, владеењето на правото, за да можат што поскоро да станат рамноправен партнер со полни ингеренции. Тоа ќе значи поставена цел и реформски натпревар под директен европски мониторинг, што би ги заменило сегашната скепса и недоверба кон Европа.
Овој нов план коинцидира со австрискиот нон-пејпер што се појави во јуни минатата година, во кој токму Австрија бара на земјите од регионот да им се понудат прогресивна интеграција во заедничкиот пазар, инклузија во трговските и даночните политики, учество во климатските и енергетските политики, како и учество во агенциите на ЕУ. Покрај тоа, во овој нон-пејпер уште се предлагаше пристап до сите ЕУ-фондови за земјите од Западен Балкан. Очигледно овој документ некои кругови во Париз и Виена сега се обидуваат да го надградат, така што ќе се постави достижна временска рамка за прием во Унијата со скратени ингеренции, кои би се добивале во согласност со исполнувањето на критериумите подоцна. Ваков модел беше применет при најголемото проширување на Унијата, кога во 1998 година сите земји добија јасна временска рамка дека во 2004 година ќе станат членки на ЕУ ако ги исполнат зададените реформски задачи. Сите го направија тоа, со исклучок на Бугарија и Романија, кои подоцна само поради политички и геостратегиски причини станаа членки во 2007 година.
Некои од домашните аналитичари сметаат дека секаква временска рамка за членство во ЕУ што би се поставила пред Македонија и другите земји-кандидати, макар да предвидува и скратени ингеренции во прво време, ќе претставува силен поттик за спроведување на неопходните реформи, кои сега никој нема желба да ги прави.
– Вообичаено, европските аналитички центри се добро „информирани“ и ако се остварат нивните идеи, тоа би било добар почеток за нас од регионот – вели Ѓулистана Марковска, поранешна пратеничка и познавачка на политичките состојби.
Според неа, сами по себе идеите што се пласираат од европските центри треба да бидат поткрепени со вистинска политичка волја да се реализираат, а не само да се нафрлаат како пробни балони.
– Ако постои вистинска политичка волја за поскорашен прием на целиот регион во ЕУ, тоа може да биде одличен поттик за сите земји од регионот да го забрзаат својот реформски курс, особено во делот на законодавството. Македонија во тој дел не заостанува многу, бидејќи нашето законодавство претежно е слично на европското, но заостанува во делот на имплементацијата во практика на усвоените европски закони, односно има селективна примена на овие закони – истакнува Марковска.

Земјите од Западен Балкан можат во ЕУ само во пакет

И другите соговорници се согласни дека Македонија мора да има некаква временска одредница по која ќе се движи на патот кон ЕУ, оти граѓаните, реално, сè помалку веруваат дека Унијата е искрена во намерите за проширување.
За универзитетскиот професор во пензија Живко Андревски идејата за прием на земјите од Западен Балкан со скратени ингеренции не е лоша и вреди да се размислува за неа.
– Уште одамна имам став дека сите балкански земји што останале недопримени во ЕУ, ќе бидат примени во пакет. Таа идеја не е нереална, во смисла дека има вредност, а за остварување повторно е комплициран механизмот за одлучување во ЕУ, определен број земји водејќи се од сопствените интереси, еден дел од надворешни интереси, еден дел од самодокажување и мало изживување кон новите, дека повторно можат да го оспорат и тоа. ЕУ многу губи со тоа што не ги вклопува земјите од овој дел од Балканот во своите процедури, оти нашите општества би биле склони да ги прифаќаат вредностите кога би биле внатре и би учествувале во европските процеси – нагласува Андревски.
Според него, важно е да се каже дали и за колку време би се остварило тоа, исто онака како што им беше кажано на земјите што порано станаа дел од Унијата.
– Тогаш Бугарија и Романија беа примени за спречување на руското влијание на Балканот. Ако се суди според сегашните услови на агресија на Русија врз Украина, било оправдано од страна на ЕУ што ги примила овие две земји токму поради овие превирања што се случуваат сега. Само во тој дел беше исправен приемот на Бугарија и Романија. Во сè друго, демократија, владеење на право, борба со криминал и корупција, овие земји и денес не ги исполнуваат европските критериуми. Гледано низ таква призма, оваа идеја за брзо зачленување на земјите од Западен Балкан сега може да привлече повеќе внимание отколку бркањето некакви долгорочни стандарди. Колку што меѓународната политика е сериозна, втемелена, толку знае да има и апсурди, непромислености. Сето тоа е составен дел, така што и вакви сценарија не се исклучени – заклучува професорот Андревски.