Фото: „Нова Македонија“

Свесна за длабоките рововски позиции околу уставните измени на актуелната власт и на опозицијата, меѓународната заедница во заднина турка агенда за некаква постизборна широка коалиција, која полесно би ја спровела обврската да се направат уставните измени и на тој начин одговорноста да биде споделена, а уделот на секоја од засегнатите страни минимален, но кумулативно доволен за остварување на зафатот. Временската рамка на концептот е ова да биде направено уште во првите 100 дена од мандатот на новата влада, некаде во периодот на годишните одмори, и на тој начин да се амортизира и граѓанското незадоволство од ваквата постапка…

На сцена алтернативна стратегија на западни центри за промената на македонскиот устав

Обврската за спроведување на уставните измени со кои би се вметнале Бугарите во македонскиот устав, преземена со избрзаното прифаќање на францускиот предлог, стои како Дамоклов меч над македонските евроинтеграции, така што оваа обврска останува и за секој иден собраниски состав, кој мора да најде решение за излез од ќор-сокакот.
Несомнено, туркањето на личната агенда пред институционалните политики доведе до тоа отворените прашања со Бугарија од билатерално, да се префрлат на мултилатерално ниво, што резултира со тоа што уставните измени на кои инсистира официјална Софија да се претворат во составен дел на македонската преговарачка рамка со ЕУ, преседан незабележан во ниту еден интегративен процес на актуелните земји членки на Унијата, но и на земјите кандидати што веќе преговараат.
Актуелната власт и натаму се надева дека има некакви шанси уставните измени да се случат и во периодот до изборите, иако овој пат оптимизмот е умерен.
– Сè уште има време, бидејќи процесот е отпочнат. Но искрено не гледам премногу простор, за жал – е ставот на пратеничката од редовите на владејачката СДСМ, Снежана Ванчева Калевска, која за разлика од шефот на дипломатијата, Бујар Османи, и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, кои и натаму се убедени дека уставните измени би можеле да се случат до изборите, не го дели нивниот фанатичен оптимизам.
Опозицијата, пак, која претендира да ја освои власта на претстојните избори, најавува дека нема да прифати уставни измени под, како што постојано велат, бугарски диктат.

– Ставот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и сега и во новиот собраниски состав останува непроменет, ние не би прифаќале или иницирале какви било уставни измени под бугарски диктат, за кои државата би направила отстапки, а би имала неизвесност во процесот на евроинтеграции, или би добила следни две, три или пет нови блокади од Бугарија. Затоа сметам дека ќе треба за ова да се разговара на пошироко национално ниво и Македонија да изгради државна стратегија што е од интерес за нас – вели Антонио Милошоски, пратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Свесна за длабоките рововски позиции околу уставните измени на актуелната власт и на опозицијата, меѓународната заедница во заднина турка агенда за некаква постизборна широка коалиција, која полесно би ја спровела обврската да се направат уставните измени и на тој начин одговорноста да биде споделена и минимизирана, планирајќи ваквиот чекор да биде направен уште во првите 100 дена од мандатот на новата влада, некаде во периодот на годишните одмори, и на тој начин да се амортизира и граѓанското незадоволство од ваквата постапка.
На вакво сценарио неодамна предупреди и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, според кого, Западот турка агенда уставните измени да се случат во тие фамозни први 100 дена на новата влада.
– Широка коалиција по изборите ќе форсира Западот бидејќи во пракса се покажа дека тој не ни е пријател и не ни мисли добро, но за мир во куќа тоа им е најубава опција. Можна е таа опција за широка коалиција, но неа ја сака само Западот, на чело со САД и врхушките на партиите, додека обичното партиско членство не се согласува со таквите планови. Едноставно им се гади од тоа. Се сака да се направи еден вид германски систем на владино коалицирање меѓу десните и социјалдемократите, како што беше случајот во Германија. Тоа кај нас не може да функционира. Можна е широка влада, исклучиво поради лукративни причини, да им течат бизнисите, да им биде мирна главата, да си имаат две третини што сакаат да си сменат. Тогаш ќе го стават и албанскиот јазик во Уставот и сите опции се во игра, а разградувањето на нацијата ќе продолжи – предупредува Апасиев.
Ставот на повеќето аналитичари со кои се консултиравме е идентичен, дека уставните измени несомнено ќе мораат да се случат бидејќи државата презела обврска, а странците ќе бараат креативни решенија како најбезболно да се реализира тоа.

– Колку и да ни кажуваат дека мора да ги средиме состојбите дома, што е од круцијална важност за да ја спасиме државата, сепак странските претставници не забораваат да споменат дека мора да ги направиме уставните измени. Во заклучоците на Советот на ЕУ од декември минатата година немаше споменато ништо посебно за ниту една земја кандидат, па дури ни за Србија, која обично е на тапет поради неусогласеноста на нејзината надворешна политика и проблемот со Косово, но беше издвоена Македонија со една реченица, дека мора да ги направи уставните измени ако сака да помине во втората фаза од преговарачкиот процес со ЕУ. Тоа е јасен сигнал дека уставните измени се неопходно зло што некој мора да го направи. Веројатно затоа во последно време под радарот се пласира тој наратив за некаква широка влада по изборите, која би ги направила уставните измени уште во првите 100 дена, со единствена цел, одговорноста да биде споделена и минимизирана – посочуваат нашите соговорници.
Според нив, ако веќе промената на Уставот е обврска, тогаш мора да се најде начин како од сето тоа како земја да не бидеме повторно губитници како што беше случајот со промената на името.
– Западот ги преферира широките влади оти така полесно може да ги оствари сопствените интереси. Не се работи за тоа дека тие се грижат за нас, туку многу повеќе како да затворат едно отворено прашање тука. Лично сметам дека на Македонија ѝ е потребна политичка влада со целосен легитимитет што ќе носи одлуки што ќе бидат во полза на државата и на граѓаните. Ако веќе уставните измени се нужно зло, тогаш потребно е да се најде решение како од сето тоа да профитира македонскиот народ бидејќи сите досегашни отстапки се на негова штета. Тоа значи ако веќе се отвора Уставот, тогаш да се бетонираат државотворниот статус на македонскиот народ, статусот на македонскиот јазик, симболите и унитарниот карактер, а за сите други работи можат да се наоѓаат инвентивни решенија – констатираат соговорниците.