Европското првенство почнува со мечот Македонија – Франција на 10 јануари од 18 часот, а потоа е дуелот Германија – Швајцарија, од 20.45 часот. Двете средби се играат на фудбалскиот стадион во Диселдорф, кој е со капацитет од 54.000 гледачи и се очекува да биде поставен светски рекорд во посетеност на еден ракометен натпревар

РАКОМЕТ

На неколку дена до почетокот на 16-то Европско првенство (ЕП) во Германија, очекувањата во пресрет на континенталниот шампионат за ракометари почнуваат да зовриваат. Европската ракометна федерација (ЕХФ) објави некои отсуства од репрезентациите, за играчите што по ова Европско првенство ќе заминат и за оние што лани заминаа во репрезентативна пензија.
Надежите на селекцијата на Холандија за освојување на првиот медал на ЕП за мажи претрпеа удар минатиот месец, кога беше потврдено дека десниот бек Кеј Смитс е надвор од теренот значително време. Холанѓаните, кои ЕП 2024 го почнуваат на 11 јануари со натпреварот со репрезентацијата на Грузија, уште имаат многу моќ во нивната селекција, но 26-годишниот Смитс беше клучен играч во текот на нивниот подем претходниве неколку години, пишува ЕХФ.
Четвртопласираната репрезентација на Европското првенство во 2020 година, Словенија, ќе биде без услугите на крилото од врвна класа Блаж Јанц, откако играчот на Барселона има повреда на грбот. На 27-годишниот играч ќе му се придружи неговиот клупски и интернационален колега Домен Макуц, кој уште е надвор од терените поради повреда на коленото во претсезоната. Проблем со коленото има и играчот на Целје, Стефан Жабиќ, кој, исто така, ќе го пропушти ЕП 2024.
Имаше големо разочарување за Маријан Михалчик бидејќи универзалниот играч беше принуден да се повлече поради повреда на мускулот, што значи дека 26-годишниот ракометар нема да може да ја претставува Германија на домашното ЕП, пишува Европската ракометна федерација.
Победникот на Европското првенство во 2014 година, Винсент Жерар, нема да добие шанса да освои уште еден златен медал, по една деценија, бидејќи голманот на репрезентацијата на Франција ќе го пропушти годинашниот континентален ракометен турнир поради проблем со препоните.
ЕП 2024 ќе биде последен европски шампионат во блескавата кариера на Никола Карабатиќ (Франција) и на Енди Шмид (Швајцарија), кои ќе се пензионираат на крајот од сезоната, пишува ЕХФ. Карабатиќ веќе трипати ги освојуваше златните медали на европските првенства со селекцијата на Франција, и тоа во 2006, 2010 и во 2014 година, а има и два бронзени медала на континенталните првенства. Селекциите на Франција, Швајцарија и на Германија ѝ се ривали на репрезентацијата на Македонија во групата А.
Годинашното првенство дојде малку предоцна за двајца крилни играчи, Полјакот Пжемислав Крајевски и Швеѓанецот Никлас Екберг, кои претходно најавија дека се повлекуваат. Крајевски беше дел од репрезентацијата на Полска што ја освои бронзата на Светското првенство во Катар во 2015 година, а пензионирањето на Екберг значи дека тој ја напушта сцената на европските шампионати на самиот врв, откако го освои златниот медал на ЕП во 2022 година.
Шест германски града (Берлин, Хамбург, Дизелдорф, Келн, Мандхајм и Минхен) се домаќини на ЕП, на кое треба да се одиграат 65 натпревари. Европското првенство почнува со мечот Македонија – Франција на 10 јануари од 18 часот, а потоа е дуелот Германија – Швајцарија, од 20.45 часот. Двете средби се играат на фудбалскиот стадион во Диселдорф, кој е со капацитет од 54.000 гледачи и се очекува да биде поставен светски рекорд во посетеност на еден ракометен натпревар. Актуелниот светски рекорд за посетеност на ракометен меч е поставен на германски фудбалски стадион, кога 44.189 луѓе присуствуваа на дуелот Левен – Хамбург во арената во Франкфурт во 2014 година, пишува ЕХФ. Н.М.