А што направивме ние самите за да го подобриме животот во Скопје?

Кој е тој внатрешен порив да загадуваме? Не користиме јавен превоз, фрламе ѓубре каде што ќе стигнеме, создаваме депонии каде што сакаме, ги уништуваме автобусите и зелените површини што ги имаме. Сами го направивме отровен воздухот, а потоа другите ни се криви. Први сме да дадеме мито за да завршиме работа или, пак, да најдеме човек што ќе ни ја истурка работата. Пензионерите ги кудиме и бркаме, затоа што „им поминало времето“, не смеат да излезат надвор, ниту да се возат во автобус, ниту да чекаат ред во банка затоа што ни „зафаќаат место и ни сметаат“

Според извештајот на Унијата за квалитетот на животот во европските градови за минатата година, околу 90 проценти од жителите на ЕУ се задоволни од начинот на живот во нивните градови.
Со истражувањето се опфатени 71.153 жители од 83 града од земјите членка на ЕУ и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА), од државите од Западен Балкан, како и од Велика Британија и Турција. Во рамките на анкетата, спроведена меѓу јануари и април 2023 година, биле интервјуирани по најмалку 839 жители од секој град.
Оцените се вршени според повеќе критериуми, како степенот на задоволство од севкупниот начин на живот, условите за безбедно движење ноќе и за можностите за наоѓање вработување, финансиската состојба на домаќинствата, квалитетот на јавниот транспорт, воздухот, културните случувања и здравствената заштита, пристапот до зелени површини, степенот на корупција на јавната администрација, како и условите за живеење на повозрасните лица и на мигрантите од други земји.
За сите овие ставки, Европејците истакнале дека се задоволни и дека забележале дури и подобрување во изминатите пет години, што е навистина гордост за секоја една општина и локална администрација, но и за жителите на тие градови.
Па така, Цирих, Копенхаген, Лајпциг, Стокхолм, Женева, Росток, Луксембург, генерално (иако не во сите ставки) се градови чии жители се задоволни речиси од сѐ што им нуди градот. Подобар живот, зеленило, екологија, чист воздух, нула корупција, безбедност во вечерните часови, доверба во сожителите, но и во локалните институции, во културната понуда на градот, сите тие ставки се причина поради која тие градови котираат високо во истражувањето. Тамошните жители се среќни, задоволни од своите животи и работни позиции, возат велосипеди и еколошки возила, па во согласност со тоа однесување тие и се задоволни од квалитетот на воздухот, од хигиената во нивниот град и од зеленилото што го имаат.
Сепак, и тука има жители на градови што не се баш од сѐ задоволни.
Рим, Неапол, Марсеј се градовите што не се баш добро оценети како безбедни за шетање во вечерните часови, а Рим и Амстердам не се добри ниту како места за живеење за семејства со мали деца. Најлоши за наоѓање добра работа се Палермо, Неапол, Рим, Барселона и Торино, а Женева е лошо оценета за наоѓање добар и евтин станбен простор за живеење.
За жал, балканските градови не можат да се пофалат со високи оцени и задоволни граѓани.

Само 13 отсто скопјани оцениле дека квалитетот на животот во Скопје е подобар отколку пред пет години. Скопјани се чини дека се едни од најнезадоволните жители, на кои ништо не им се допаѓа, а за иронијата да биде поголема, ништо не ни прават за да ја сменат фактичката состојба. Слично расположение имаат и белграѓани. И позицијата на Белград е нешто како Скопје.
Откако ќе ги образложам сферите во кои граѓаните на Скопје не се задоволни, ќе образложам и зошто се самите главните причини за тоа.
Според степенот на задоволство од животот во градот, Скопје се наоѓа на 75-то место од 83-те града опфатени со истражувањето, со 72 отсто задоволство на граѓаните, а што се однесува до тоа дали граѓаните имаат впечаток дека во изминатите пет години се подобрил квалитетот на животот во Скопје, градот се наоѓа на претпоследното место. Лоши оцени има за животот на постарите луѓе, за довербата кон сограѓаните, а најлоши оцени градот доби по прашањето на екологијата и темите поврзани со неа. Па така, меѓу првите сме по користење автомобили, на дното сме по користење јавен превоз, а високо котираме по прашањето за незадоволството од јавниот превоз. Мрзливи сме и не пешачиме. И тоа е дел од истражувањето. Последни сме по задоволството од зелените површини и квалитетот на воздухот. Од аспект на еколошката свест, единствено „нѐ вадат“ велосипедистите, бидејќи за возење велосипед, Скопје не е во најлошо оценетите.
Сепак, не е сѐ толку црно. На сите тие маки што ги кажале скопјани, осаменоста не е карактеристика на жителите на Скопје. А и како би била кога на сите горенаведени проблеми со кои ни е накуден градот, кафеаните се полни со гости, музика ечи, сите безгрижно пеат и уживаат. Како за град во кој жителите изјавиле дека толку лошо живеат, дури и чудно е колку скопјани се весели. Градот добро котира и по прашањето за лесно наоѓање станбен простор по разумна цена. Градот доби добра оцена и за безбедноста при шетање ноќе.

Е сега, откако ги наведовме најважните ставки од истражувањето и најважните фактори поради кои скопјани се едни од најнезадоволните жители на главните градови, време е да ја кажеме вистината онака како што и треба. Директно и во лице.
Зошто како граѓани на овој град не придонесеме за да го подобриме живеењето во него?
За ова не се виновни ниту градоначалници, ниту совети, ниту ниедна власт. Иако можеби имаат удел, но, сепак, главниот виновник се самите жители.
Зошто загадуваме? Возиме стари автомобили што енормно загадуваат, не користиме јавен превоз, фрламе ѓубре каде што ќе стигнеме, создаваме депонии каде што сакаме, ги уништуваме автобусите и зелените површини што ги имаме. Сами го направивме отровен воздухот, а потоа другите ни се криви. Први сме да дадеме мито за да завршиме работа или, пак, да најдеме човек што ќе ни ја истурка работата. Пензионерите ги кудиме и бркаме, затоа што им поминало времето, не смеат да излезат надвор, ниту да се возат во автобус, ниту да чекаат ред во банка затоа што ни „зафаќаат место и ни сметаат.“
Па, чекајте, бе луѓе, кој ви е виновен за тоа, кој ако не ние самите?
Следниот пат пред да бидете толку строги кон градот, кој всушност е вашиот дом, и каде што каде и да одите пак ќе се враќате и за кој душата ќе ве боли, запрашајте се „што направивте вие за да го направите Скопје подобро место за живеење за сите?“.

[email protected]