Како што одминува времето, не стивнуваат одгласите дека „релативно долгиот временски рок за усогласување на имињата на бугарските здруженија со изменетиот закон за граѓански здруженија и фондации нема да го омекне ставот на македонската јавност за називите на бугарските клубови со фашистички имиња, кои треба да исчезнат од македонското општество!“ Македонското општество, народ и држава отсекогаш биле антифашистички, и тоа е една од главните историски одлики на македонскиот народ во целост. Според соговорниците, „ваква дамка воопшто не ни е потребна и толеранцијата за вакви провокации е недозволива“. Секоја културна соработка е добредојдена, но ако е искрена, чесна и на рамноправна основа меѓу народите. Соговорниците ни потенцираат дека „сѐ што содржи хегемонизам, фашизам и шовинизам, како во случајот со именувањето на бугарските клубови во Македонија, е – неприфатливо!“

Македонската јавност не дава да паднат во заборав провокациите со неприкладните имиња на бугарските клубови

Посебна дисонантна нота на и така раштиманите односи на релацијата Скопје – Софија, поттикнувани од Софија во изминативе две-три години, исполнети со вета и уцени за македонските евроинтеграции, во 2022 година беа и отворањата на т.н. бугарски културни клубови во Македонија. Нескриената интенција на овие клубови е да докажат постоење на македонски граѓани со бугарска самосвест, кои бараат своја идентификација и во Уставот на Македонија. Активностите во таа насока беа засилени кога во еден од пакетите со услови на Бугарија за повлекување на ветото пред ЕУ за почеток на преговорите на Македонија за полноправно членство беше побарано внесување на Бугарите во македонскиот устав. Работите постепено ескалираа до степен на поттикнување омраза и провокација за македонското општество кога за називи на тие клубови беа избрани имиња на историски докажани соработници на фашизмот, покрај нивното негаторско и непријателско дејствување спрема македонската нација. Вознемиреноста во македонското општество беше дополнително зголемена од фактот што било дозволено регистрирање на овие клубови со имињата на Ванчо Михајлов и бугарскиот цар Борис Трети. Михајлов е контроверзна личност со своето дејствување во македонската историја и пред Втората светска војна, кога се профилира како поддржувач на нацифашистичките идеи и сојузник на лидерите што се приклониле и ги втурнале своите држави на погрешната страна на историјата. Царот Борис Трети бил на чело на Бугарија во Втората светска војна, кога оваа држава како колаборационист на фашистичка Германија ја окупира територијата на денешната македонска држава. Во тој период бугарската окупаторска војска извршува голем број злосторства врз македонското население, а бугарскиот цар Борис Трети е директно одговорен за холокаустот врз македонските Евреи. Токму Еврејската заедница во Македонија остро реагираше и се спротивстави на провокативното именување на бугарските клубови во земјава со имиња на историски личности со фашистичка контаминација во нивните биографии.

Регистрацијата на овие здруженија во Централниот регистар на Македонија, според објаснувањата на надлежните, била овозможена наводно поради непрецизна дефинираност на прописите во Законот за формирање граѓански здруженија и фондации. Реакциите и вознемиреноста во македонската јавност од овие случаи беа причина за брзи измени на Законот, кои на средината на ноември минатата година беа изгласани во Собранието. Според изменетиот закон, беше оставен законски рок од три месеци за усогласување и промена на имињата на овие здруженија. Како што одминува времето, повторно и погласно се поставува прашањето дали можеби релативно долгиот временски рок за усогласување е оставен за оваа тема со бугарските здруженија да падне во заборав. Како потсетување се поставува и прашањето дали овие здруженија можеби веќе поднеле барање за менување на имињата, во согласност со одредбите на изменетиот закон.
Од Министерството за правда велат дека досега не добиле информација од Централниот регистар за барање за промена на имињата на бугарските културни клубови, кои треба да се усогласат со измените на Законот за формирање здруженија и фондации.

– Рокот од три месеци за промена на имињата на културните клубови наречени според Ванчо Михајлов и бугарскиот цар Борис Трети, односно усогласување со новиот изменет закон за формирање граѓански здруженија и фондации, истекува во текот на февруари. Досега до Министерството за правда нема стигнато информација од Централниот регистар, односно барање за мислење за променето име на конкретните здруженија културни клубови. Доколку до истекот на законскиот рок за усогласување со изменетите одредби на законот (со кои се регулира употребата на имиња на историски личности) нема барање за пререгистрација на овие здруженија со други имиња, Министерството за правда ќе издаде решение за да се постапува според новиот закон со кој се регулираат овие прашања. Законот е веќе во сила и ќе се примени ретроактивно на здруженијата „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“. За сите идни здруженија што се со намера да се именуваат според историски личности, во постапката на регистрација ќе се применува новиот закон за формирање граѓански здруженија и фондации. Постапката почнува со барање мислење од Министерството за правда за името на здружението според историска личност. Во рок од три дена, Министерството го испраќа барањето до комисијата во Владата, која ја разгледува соодветноста на барањето. Мислењето на комисијата е консултативно, но Министерството за правда секако ќе го има предвид пред носењето на решението – велат од Министерството за правда.