Фото: Архива/Игор Бансколиев

Инцидентот со излевање амонијак во соседна Србија, во непосредна близина на Пирот, уште еднаш, како што обично се случува во вакви ситуации, покажа колку сме еколошки ранливи. Настанот ги обнови дискусиите за тоа колку сме подготвени за инстантна и ефикасна акција, а и колку сме сите ние одговорни кога станува збор за материи и супстанции што може лесно да предизвикаат хаварија, но и воопшто колку сме одговорни и дисциплинирани кога станува збор за зачувување и заштита на нашата животна средина

Акција што е апсолутно неопходно да се преземе за да се елиминираат жариштата на загадување

Неодамнешниот еколошки инцидент во соседна Србија, кога се преврте вагон со амонијак и падна во реката Нишава, во непосредна близина на Пирот, предизвика бура реакции во јавноста и, секако, паника кај тамошните жители.
По контактот со водата, амонијакот создал бурна реакција, по што повеќе од педесетина лица побараа лекарска помош, како последица на труење со амонијак, а официјално беше соопштено дека две лица починаа. Исплашени од штетните последици што би можел да ги предизвика амонијакот, локалните жители панично бегаа од своите домови за да се спасат од штетниот гас.
Овој инцидент уште еднаш, како што обично се случува во вакви ситуации, ги обнови дискусиите за тоа колку сме сите ние одговорни кога станува збор за материи и супстанции што може лесно да предизвикаат хаварија, но и воопшто колку сме одговорни и дисциплинирани кога станува збор за зачувување и заштита на нашата животна средина.

И ние во Македонија си имаме свои „трујачи“

Загадениот воздух со кој се соочуваме секоја година не е единствениот „отров“ што ни се случува, а за кој причина е човечки фактор.
Колку е несоодветен нашиот однос како држава кон сите оние објекти и локации што можат да предизвикаат еколошка хаварија може многу лесно да се увиди од примерите што ни се случија во поранешниот хемиски гигант „Охис“, или излевањето отпадни токсични води во Вардар од „Југохром“, или користењето азбест и неговото неменување иако науката докажала дека е канцероген, како и последниот случај, дека во месноста Пеленица има отровна почва како последица на непланското расфрлање токсичен отпад од поранешна „Стаклара“.

ЛИНДАНОТ ОД „ОХИС“

Ако не прави проблем, игнорирај го. Ако го заборавиле, не споменувај го. Се чини дека кај нас овие две реченици најмногу се применуваат, сѐ додека не почне „да ни гори под нозете“.
И, навистина, таква беше ситуацијата со „Охис“, кој до избувнувањето на пожарот минатото лето, кој се закануваше да направи еколошка катастрофа во Скопје, никој не го споменуваше како еколошки проблем. Дури реакциите по првата информација за пожарот беа – пожар како пожар, ќе се изгасне. Но тука пожарот можеше да остави сериозни еколошки и животозагрозувачки последици на половина Скопје и неговите жители. Со години гигантот е затворен, додека во неговиот двор имало закопано 650 тони отпад, од кои 450 тони беа линдан, а 200 тони контаминирана почва.
Линданот е пестицид што порано се користел во земјоделството. Станува збор за хемиска супстанција за која имало огромна побарувачка и која се произведувала токму тука во оваа фабрика. Тој служел како инсектицид, а по добивањето на конечниот производ, од него се создало огромно количество токсичен отпад, кој веќе сериозно ги контаминирал и земјата и подземните води.
За жал, линданот не беше единствената хемиска супстанција што претставува ризик за скопјани. Во фабриката, но и во околината, се депонирале сите отпади од производството, од кои некои претставуваат смртоносни супстанции, меѓу кои е и линданот. И како последица на долгогодишното нетретирање на проблемот дошло до контаминација не само на земјата туку и на подземните води, бидејќи опасните хемиски соединенија, според анализи на експертите, одамна пристигнале и во Вардар. Дополнително, беше реализирана и студија што утврдила дека била пронајдена висока концентрација линдан во крвта на граѓаните, меѓу кои и кај мали девојчиња, кои како последица на труењето влегле во преран пубертет.
Токму затоа разбирлива е паниката што се крена кога изби пожарот во дворот на фабриката, токму каде што се наоѓаше и оваа депонија. Граѓаните панично реагираа, многумина чии живеалишта се наоѓаа во близината на „Охис“ веднаш ги напуштија од страв по сопствениот живот, а во периодот кога од дворот на фабриката излегуваше црн чад, жителите и минувачите се жалеа дека кашлаат и дека имаат печење на очите.
Поразувачки е фактот дека требаше да избие пожар, кој ќе претставува сериозна опасност по луѓето, за конечно државата да преземе конкретни мерки за чистење на депонијата, што уште еднаш покажа на дело колку е сериозна нашата несериозност, особено за вакви теми.
Откако се случи инцидентот, државата презеде мерки со кои почна чистењето на депонијата што претставуваше жешка точка во метрополата. Линданот и контаминираната почва беа сместени во буриња и од солунското пристаниште, отпатуваа за Холандија, каде што беа уништени.

„ЈУГОХРОМ“ И ШЕСТВАЛЕНТНИОТ ХРОМ

Најсвеж пример за тоа колку ни е несериозен пристапот кон еколошките теми во земјава е неодамнешниот инцидент со излевање шествалентен хром од „Југохром“ директно во реката Вардар.
Според многубројните стручни анализи, ова излевање претставува директна закана за изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдува цело Скопје. Контаминацијата на подземните води што се мешаат со хромот е регистрирана уште пред дваесетина години во едно истражување направено од УХМР.
Последиците што ги предизвикува излевањето на овие токсини по животинскиот свет во Вардар, но и кон биодиверзитетот во реката и околу неа, се катаклизмични, за што во неколку наврати досега реагираа еколошките здруженија. За сериозноста на проблемот доволно говори и фактот што во ризик е водоснабдувањето на цело Скопје.
Откако се случи излевањето, сега се преземаат привремени мерки за чистење на дренажниот систем на пречистителната станица во индустрискиот гигант, за да се заштити излевањето на шествалентниот хром и да се заштитат изворите на Рашче. Во врска со трајното, конечно решение, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека додека не се обезбедат средства за комплетно чистење на депонијата, која долги години претставува горлив проблем, Министерството ја презело обврската да создаде ад хок решение за пречистителна станица.

ТОКСИЧНА ЗЕМЈА НА ПЕЛЕНИЦА

Штетата што фабриките во минатото ѝ ја причинувале на природата е непоправлива, а се чини дека секојдневно излегуваат само нови информации за нови имиња на веќе згаснати фабрики што се однесувале неодговорно кон животната средина.
Неодамна беа објавени податоците од истражувањето на земјиштето кај драчевска Пеленица, направени од страна на холандска лабораторија. Според резултатите, на оваа локација екстремно се мешале разни видови отпадоци, а со тоа и токсични материи, па, така, пронајдени се разни отровни материи што доаѓале тука од поранешната фабрика „Стаклара“.
Отпадот, по примерот на „Охис“, наместо да се спакува според прописите во соодветни буриња, се расфрлал низ почвата, па, така, сега се контаминирани подземните води, како и изворот во непосредна близина на манастирот во Пеленица. Сѐ уште нема информации за тоа како и дали воопшто ќе се чисти оваа локација.

АЗБЕСТОТ ОД СКОПСКА „ТРЕСКА“

Иако последниот случај повторно е поврзан со фабрика, сепак тука не станува збор за расфрлани отрови, туку за оставени стари бараки, кои во минатото биле покриени со азбестни материјали, а кои денес се сметаат за канцерогени.
Изминатата пролет пожарот што изби во фабриката „Треска“ и кој ги зафати старите и дотраени простории и магацини предизвика облаци од густ чад, кои ги загрижија жителите и предизвикаа паника кај скопјани.
Иако тогаш надлежните смируваа дека нема опасност по човековото здравје, „Нова Македонија“ од разговорот со експертите дозна дека, сепак, пожарот кренал во воздухот азбестни честички што претставуваат опасност по човековото здравје.
– Ако покривите имале присуство на азбест (за што потврдуваат и надлежните органи), тогаш разнесените честички од азбестна прашина, секако, придонеле да бидат опасност по животот и здравјето на граѓаните – смета проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.
Азбестот предизвикува разни болести на белите дробови (азбестоза, рак), и тоа најчесто во рок од пет до четириесет години по вдишувањето – тогаш ни изјави проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.
Тогаш тој нагласи дека не секое вдишување азбестни честички предизвикува и болест, бидејќи тој најчесто преку искашлување се исфрла од организмот, но некогаш ваквите азбестни честички може да се закачат за алвеолите во белите дробови и тогаш претставуваат директна опасност по здравјето и животот на човекот. Тој исто така истакна и дека на отворен простор опасноста по здравјето на луѓето од вдишување азбестни честички е помала отколку ако тоа континуирано се прави во затворена работна или животна просторија.
Азбестот дополнително загрижува, затоа што сѐ уште се користи како покрив на многу институции, згради, индивидуални објекти, како и училишта и градинки.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, во август минатата година истакна дека просторот по пожарот го чистат сопствениците, а според процените, на оваа локација имало дури 40 илјади квадратни метри азбестен покрив. Сопствениците на објектите ангажирале приватна компанија за надзор, која им давала логистика за безбедно отстранување на азбестот, шутот и ѓубрето.
Ова е само мал преглед на опасностите што нѐ демнат од сите страни, а кои се резултат на нашата негрижа за животната средина. Станува збор за актуелни случаи, за кои сеќавањето е свежо, а поводот да се навратиме на нив беше еколошкиот инцидент во соседна Србија. Повеќе од јасно е дека мора да се преземе акција за да се елиминираат овие жаришта и да не дозволиме да се создаваат нови. Недостигот од средства не смее да биде никакво оправдување, бидејќи здравјето на граѓаните нема цена.

[email protected]