Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Бугарија се во тек тектонски придвижувања на политичката сцена. И не само на политичката туку импактот е многу поширок: во прашање е доведено владеењето на демократијата! Според видни бугарски интелектуалци, Бугарија покажа дека е неспособна да изгради ефективна парламентарна власт, дека и елитата и електоратот имаат заедничка фундаментална политичка слабост. Тешки недоследности се дијагностицирани и во правосудниот систем, кој е селективен… Од таквиот контекст на тешки внатрешнополитички дисфункционалности, според бугарските интелектуалци, кога „правото реши да ја фалсификува вистината, тоа има многу моќен деморализирачки ефект“… Очигледно, многу од ова ја засега и бугарската надворешна политика, особено во односот на Софија кон Македонија

Бугарија е држава и членка на ЕУ, но врвни бугарски интелектуалци аргументираат дека во овие околности не ѝ прилега ниту едното ниту другото

Ноторен факт е дека Бугарија за речиси две години, во четири-пет изборни циклуси, не може да формира стабилна влада. Деновиве бевме сведоци на уште еден нов обид од страна на бугарскиот претседател Румен Радев за доделување мандат за формирање владин кабинет, веднаш по новогодишните празници, на 3 јануари. Имено, Радев му врачи уште еден мандат за формирање кабинет на кандидатот за премиер, академик Николај Денков, номинација за втората по големина пратеничка група во 48-то Собрание – Продолжуваме со промената.
Но непосредно пред ова доделување на мандат за формирање влада, еден признаен бугарски психијатар, теолог и политички аналитичар, Николај Михаилов, излезе со изјава во јавноста, која одекна како бомба во домашната и во регионалната јавност, но и во срцето на ЕУ, во Брисел.

Николај Михаилов: Бугарија нема влада затоа што не ја заслужува!

Врвниот бугарски интелектуалец, психијатар, теолог и политички аналитичар Николај Михаилов во изјава за Бугарското национално радио постави тешка дијагноза дека „Бугарија нема влада затоа што не ја заслужува, а не ја заслужува поради политичката слабост и на елитата и на електоратот“.
– Бугарија беше силно охрабрена да учествува во привилегираниот свет на ЕУ, но оваа либерална демократија со својот парламентарен систем на владеење како да не издржа докрај и се покажавме неспособни да изградиме ефективна парламентарна власт. Во последната година ние бевме сведоци на спектакл тежок за поднесување. Бугарија нема влада затоа што не ја заслужува, а не ја заслужува затоа што политичката слабост им припаѓа и на елитата и на електоратот. Имаме заедничка и фундаментална политичка слабост – неможност политички да го регулираме нашиот заеднички живот – коментира Николај Михаилов.
Според неговите зборови, Бугарите ја доживуваат корупцијата како хуманост и нешто што го придружува животот, што е разбирливо кога човек е под притисок на искушението.
– Затоа што искушенијата од имотна природа се неодоливи. Ова е бугарската малоумност, урбанизираниот рурален менталитет. Поради оваа причина, нашиот правосуден систем е формално присутен и не функционира за елитата. Функционира селективно. Поради оваа причина има абдикација да се преземе товарот за санкционирање на корупцијата во елитата. Што стана со владеењето на Борисов, со онаа глетка на златниците, банкнотите и пиштолот одозгора? Ова е тешко да се поднесе, бидејќи е национално самопонижување и провокација за правдата. Ако правото реши да ја фалсификува вистината за овој случај, тоа има многу моќен деморализирачки ефект врз бугарската политика, врз бугарските граѓани, бидејќи е јасно дека таков тон се дава од највисоко место – констатира бугарскиот интелектуалец Михаилов.
Политичкиот аналитичар во своето излагање испрати и силно предупредување до јавноста.
– Додека не одлучиме дека нешто во Бугарија треба да се забрани со договор, дека треба да поставиме црвена линија над која се обесчестува нашиот сопствен живот и стануваме национална потсмев, ќе живееме во средина на нешто што повеќе им прилега на група разбојници или измамници отколку на одговорни политички лица – укажа д-р Михаилов, додавајќи дека Бугарија има само една опција на располагање – да остане членка на ЕУ во маневар што ќе зачува некаква капка достоинство на народот што е на пат да го изгуби целосно.
Според д-р Михаилов, најдраматично корумпираната компонента на бугарската политичка реалност е тоа што нема правда, што е спектакуларно пасивна, вулгарна и цинично амортизирана од оние што владеат со неа.

Дијагнозата на д-р Михаилов е уште една целосна потврда во низата за политичкоправната заболеност на бугарското општество

Повеќе политички аналитичари, како од македонска, така и од бугарската страна, во текот на овие две изминати години, укажувале дека сите овие дијагностицирани состојби на бугарското општество, сега наведени од д-р Михаилов, во суштина се и коренот на фрустрациите што Бугарија ги манифестира во непринципиелните, анахроно поставени и асиметрично градени билатерални односи со Македонија. Немоќта на бугарските политички елити да се справат со принципите на демократијата и вредносните стандарди што ги поставува ЕУ се супституира со манифестација на моќ и уцени во процесот на македонските евроинтеграции. Апсурдните условувања од Бугарија за Македонија, од привилегираната позиција на земја-членка на ЕУ, треба пред бугарската јавност да бидат претставени како компензација за сите неуспеси во процесите на внатрешната политика за вистинско постигнување на стандардите и вредностите на Европската Унија. Македонија всушност е (зло)употребена за лекување на европскиот комплекс на Бугарија.
– Тој психолошки комплекс на Бугарија спрема Македонија потекнува и е негуван во бугарското општество уште од Санстефанскиот договор, всушност од формирањето на егзархијата, во 1870 година. Иако егзархијата е црковна институција, која требало да има поширок словенски карактер, речиси веднаш е сведена на Бугарска црква, која претставува власт во новоформираната бугарска држава. Македонија практично никогаш не станала дел од санстефански проектираната бугарска држава, но тој мит е поддржуван од институциите, образовни и религиозни, со незаинтересираност на големите сили низ историјата за неговото воспоставување како национално устројство на Бугарија. Таквиот мит, создаден без основа, се провлекува до денес во бугарското општество и во политички амбиент, што го предизвикува и анахроното однесување на Бугарија во современите меѓународни односи и институции како ЕУ. Бугарија во ЕУ е примена како геостратегиски субјект, а Унијата во суштина се однесуваше незаинтересирано за текот на процесите на трансформација на бугарското општество според нејзините демократски стандарди и вредности. Таквата европска незаинтересираност за бугарскиот демократски анахронизам, во голема мера се одрази штетно на европерспективите на Македонија, кои сега се обременети со условите на Бугарија за менување на македонскиот устав, „официјализирани“ како француски, односно европски предлог – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова од македонскиот Институт за национална историја.

Како претседавач со ОБСЕ, Македонија има шанса проблемот со нерамноправниот однос што ѝ е наметнат со Договорот за добрососедство со Бугарија да го издигне на ниво на фундаментално прекршување на принципите на оваа организација

Професорката Котлар-Трајкова оценува дека ЕУ не ја интересираат длабинските, суштински манифестации на државите, туку само нивната површинска, моментална употребна вредност. Според таквиот површински принцип на постоење и дејствување, воден пред сѐ од геостратегискиот интерес, Бугарија и Романија беа примени во ЕУ, без да биде земена предвид нивната демократско-трансформативна капацитетност, почнувајќи од способноста да бидат почитувани основните цивилизациски вредности на современиот свет.
– Македонија, како претседавач со ОБСЕ во оваа 2023 година, може да го издигне на ниво на принципите на оваа организација проблемот со нерамноправниот однос што ѝ е наметнат со Договорот за добрососедство со Бугарија, кој се провлекува понатаму како бугарски аргумент за непринципиелно условување со уставни измени на македонските евроинтеграции. Договорот за добрососедство е целосно асиметричен на штета на Македонија и ѝ овозможува на Бугарија да ги погазува принципите на ОБСЕ, кои дури и се наведени во преамбулата на овој договор. Македонскиот министер за надворешни работи Османи, како претседавач со ОБСЕ, треба да иницира почитување на принципите на оваа организација од Бугарија во однос на Македонија наместо да инсистира на уставни измени. Уставните измени воопшто не се од техничка природа, како што се настојува да бидат претставени со францускиот предлог, туку имаат суштинско значење за националното дефинирање на Македонија како држава. Еден асиметричен билатерален договор не смее да биде основа дури ни за технички уставни измени што треба да ги спроведе нерамноправната, подредената страна. Македонија не смее да биде политичка терапија за бугарските европски комплекси – вели професорката Наташа Котлар-Трајкова.