Најновото истражување на „Евробарометар“ покажува рекордно висока недоверба кај Европејците во однос на работата на судството и владеењето на правото, која во некои земји е и до 74 отсто од анкетираните граѓани.
Кои се причините за ваквата лоша перцепција внатре во самата ЕУ?

ИСТРАЖУВАЊЕ НА „ЕВРОБАРОМЕТАР“

Почитување на владеењето на правотo, спроведување на реформите и функционирање на независно судство се главните препораки што земјите од Западен Балкан ги добиваат во извештаите на Европската Унија, како услов за нивна евроинтеграција. Но истовремено упатените набљудувачи на европските случувања посочуваат и на непринципиелноста на политиката што се спроведува од Брисел, кога станува збор за исполнување на демократските или како што тие сакаат да нагласат и „европските“ вредности, кои не се почитуваат и од самите членки на ЕУ. Токму за непочитувањето на владеењето на правото од некои од земјите-членки беше забележано и во последниот извештај на Европската комисија, во кој беше искажана „загриженост поради развојот на настаните во одделни земји-членки околу европското право, независноста на судството и слободата на медиумите“.
За тоа што мислат европските граѓани за степенот на независноста на правосудниот систем во земјите од ЕУ покажува и последното истражување спроведено од „Евробарометар“, кое неодамна беше објавено од Европската комисија. Резултатите што се однесуваа за перцепцијата на граѓаните за независноста на правосудството во европските земји се загрижувачки. Во некои земји има висок процент на незадоволни граѓани, како во Хрватска на пример, во која 74 отсто сметаат дека хрватското правосудство е мошне лошо и многу лошо. Просекот за Европската Унија е околу 35 отсто. Кога станува збор за перцепцијата за независноста на судовите и судиите, Хрватска е на последното место, а пред неа се Полска, Словачка, Бугарија, Италија, Естонија и Унгарија. Само пет отсто од анкетираните Хрвати сметаат дека состојбата со независноста на судовите и судиите е добра. Околу две третини од граѓаните сметаат дека причина за ваквата состојба е притисокот од Владата и политичарите, а потоа се посочува влијанието од економските субјекти, по што доаѓа неагилноста на судиите и судовите. Просекот за Унијата, за тоа зошто се неповолни оцените за независноста на судството е 54 отсто, а како главни виновници се посочени притисокот од владите и политичарите.

– Податоците за перцепцијата за независноста на судството се субјективно гледање или израз на поединците. Во однос на ваквите истражувања им пристапувам со половична доверба за тоа колку се овие податоци издржани. Перцепцијата е нешто што е брзо променливо и во секоја земја е во зависност од тоа дали има некој голем корупциски скандал во високата политика и како се води тој низ судскиот процес. Ни западноевропските земји не се имуни на постоење на корупција во правосудството и на носење политички одлуки при изборот на судиите. Би рекол дека тоа е последица на постоењето на повеќе партии, кои имаат спротивставени интереси. Можам да се согласам со оцената дека постои двојство во однесувањето на Европската Унија кога станува збор за критиките кон земјите од регионот и неефикасното судство. Доколку се споредуваме со другите земји од источниот блок, а кои сега се во ЕУ, ние сме во далеку подобра позиција за независноста на судството и во справувањето со корупцијата, за разлика до Бугарија, која во основа не ги почитува основните демократски вредности со негирањето на постоењето на една нација – ни изјави Дане Илиев, поранешен судија и претседател на Врховниот суд на Македонија.
Во претходните извештаи на Европската комисија беа посочувани и конкретни земји во кои постојат слабости околу спречувањето на корупцијата. Кога е во прашање независноста на судството, ЕК упати критики на сметка на неколку земји. Во Германија се критикува изборот на врховни судии, во Италија – бавноста на судството, а во многу земји има забелешки за бавниот тек на дигитализацијата. Во однос на Бугарија се истакнува дека реформите во правосудството одат пребавно.

Но тежиштето на критиката беше ставено и на Полска и Унгарија. Унгарскиот парламент во меѓувреме овозможи избор на врховните судии надвор од вообичаената постапка, што го поставува прашањето за независноста на целиот процес. Поранешните препораки на ЕК, кои би воделе кон јакнење на независноста на судиите и посебно на Националниот судски совет, Будимпешта во целост ги игнорираше, стои во извештајот.
Развојот во полското правосудство, минатата година беше набљудувано со посебна загриженост. Од 2015 година моќта на Владата и законодавецот во однос на правосудството порасна до тој степен што доведе до поведување постапка според членот 7 од Договорите за Европската Унија. Иако ЕУ и Европскиот суд имаа сомнеж во независноста на Националниот судски совет, тој и натаму продолжи со работа. Врховниот суд е дополнително ослабен во својата функција со најновите промени, а изборот на врховни судии не одговара на стандардите, се посочува во забелешките на ЕК.
Листата со забелешки за Унгарија беше подолга, а се однесуваа главно при именувањето врховни судии. Во борбата против корупција недостигаат независни контролори, а тесните врски меѓу политиката и државните фирми го поттикнуваат митото. М.Ј.