За одбележување на 21-годишнината од рамковниот договор, предвидено е да се потрошат близу 100.000 евра, во услови кога државата и граѓаните се соочуваат со досега невидена економска и енергетска криза и сме исправени пред дилемата како да се преживее дури и следниот ден. Економските аналитичари се едногласни дека воопшто не е добро непотребно да се трошат народните пари, кои може да се пренаменат за други попродуктивни цели и потреби
Дали одбележувањето на рамковниот договор е пример за недомаќински работење
Во услови на огромни поскапувања на основните прехранбени производи и на енергентите, на галопирачка инфлација, како и на тешка криза што претстои, државата наместо преку личен пример да покаже дека штеди, таа ќе потроши близу 100 илјади евра за одбележување 21 година од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Имено, истите тие политичари што до вчера ги повикуваа граѓаните да го затегнат ременот и да штедат, сега се подготвени да потрошат илјадници евра за манифестација што повеќе има партиски отколку државен карактер.
Лани за одбележување 20 години од Охридскиот рамковен договор, во време кога во земјава ковид-пандемијата достигнуваше нов врв, а државата беше погодена од големи пожари, беа потрошени половина милион евра народни пари за изнајмување скапи хотелски сали, за апетисани, храна и безалкохолни пијалаци, како и за жесток алкохол. Не се штедеше ниту на сметките за хотелски услуги за гостите, рекреативни, спортски и културни услуги во кои спаѓаат и ангажирање македонски и странски ѕвезди и бендови, ангажирање водител, филхармониски оркестар и културно-уметнички друштва.
Истото сценарио, но овој пат во нешто помал обем, се планира и за сегашното одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, што говори за една лицемерна и недомаќинска политика на политичарите, кои од една страна бараат од граѓаните да штедат и да се подготвуваат за претстојната криза, од друга страна трошат народни пари без причина.
Ако се има предвид дека ова и не е некој настан за одбележување, тогаш се наметнува прашањето зошто не се постапи домаќински и годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор не се одбележи со една свечена седница во Собранието, без да се трошат непотребно народните пари, кои во едни вакви времиња попрактично би било да се пренаменат за социјално загрозените категории граѓани и за стопанството.
– Купив два леба и едно млеко, платив речиси 200 денара. Не знам какви сметки ќе почнат да ми доаѓаат зимава и со оваа пензија од 15.000 денари навистина е тешко да се издржи. Наместо државата да ни помогне, таа троши пари на прослави. Не знам дали остана човек во оваа земја кому во вакви времиња му е до прослава. Само нè лажат, бараат од нас да штедиме, а тие си ги полнат џебовите и се луксузираат. Па ние штедиме 30 години, не од што сакаме, туку од што немаме – револтирано вели Никола Стрезовски, пензионер.
Според него, не е во ред министрите за економија и за финансии до вчера да апелираат до граѓаните максимално да штедат, а сега да дозволуваат од државната каса да се трошат пари за разни прослави. Дополнително, државата планира и нови даноци со кои ќе ги оптовари стопанството и граѓаните, со цел да ја наполни државната каса, која, пак, истовремено непотребно и залудно се празни на вакви настани. Се казнуваат граѓаните и фирмите да плаќаат поголеми даноци за државата тие пари да ги троши на концерти и одбележување некакви партиски годишнини.
– Прв треба министерот за финансии, како чувар на парите, да рече стоп за непродуктивните трошења. Утре нема да имаат пари да купат струја во зимскиот период. Ќе сноси ли тогаш некој одговорност, или како за сè во оваа држава, одговорноста ќе си ја префрлаат еден на друг – додава уште Стрезовски.
И познавачите на економските состојби сметаат дека не е паметно да се трошат непотребно народните пари во услови кога земјата се соочува со криза и не може повеќе да се задолжува со евтини кредити.
– Како што комунистите во првата половина на минатиот век чекале секоја вечер да слушнат на радио дека капитализмот пропаднал, ние треба да чекаме вести дека цените на светските пазари се смириле, зашто Русија престанала да војува со Украина, зашто пандемијата веќе не ги попречува економските активности на нашите снабдувачи со енергија и храна, зашто се надеваме дека Америка и Кина нема да ја комплицираат ситуацијата… И сето тоа што е спомнато да се смири, ние сега ќе ја платиме цената од залудно трошените и безочно ограбуваните јавни пари на државно и на локално ниво, зашто заврши ерата на евтини пари за позајмување, но не заврши нашата голема зависност од позајмувањето кредити, не само за инвестирање туку и за одржување каков-таков социјален мир според дефиницијата „преживување“ – вели Петар Гошев, поранешен министер за финансии и поранешен гувернер на НБРМ.