Фото: Игор Бансколиев

Проблемот со „природната депопулација“, која е резултат и на масовно иселување на луѓето, се однесува на речиси сите македонски општини, со исклучок на мал број што бележат повеќе раѓања од умирања. Негативен природен прираст има и во главниот град на државата

Повеќето општини во државава со негативен природен прираст на населението

Трендот на намалување на бројот на населението во Македонија продолжува, а само по основа на природното движење на населението во 2022 година имаме 4.604 жители помалку во однос на претходната година. Според Државниот завод за статистика, најголема разлика меѓу живородени и умрени лица е остварен во првиот квартал од минатата година, кога е регистриран негативен природен прираст од 3.418 лица. Во вториот и во третиот квартал оваа разлика изнесува 381, односно 189 лица, додека во последниот квартал има природен прираст од минус 616 жители. Попрецизно, за толку лица е помал бројот на живородените деца од бројот на умрените лица. Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2022 година, живородени се 4.427 деца и во споредба со истиот период од претходната година нивниот број е намален за 4,7 отсто. Бројот на умрените лица во четвртото тримесечје од 2022 година бележи намалување од 26,8 отсто во споредба со истото тримесечје од 2021 година, односно 5.043 лицa, од кои девет се умрени доенчиња.
Процесот на намалување на бројот на жители во Македонија е подолготраен и се должи на намалениот животен стандард на граѓаните, кои сѐ подоцна се одлучуваат да стапат во брак или да основаат семејство. На ова се надоврзува и засилениот бран иселувања од земјата на млади лица, кои одлучуваат своите наследници да ги добијат во некои од развиените земји во Европа. Во новото социоекономско опкружување и модерниот начин на живеење, помладата популација се одлучуваат за едно или две деца.

Според демографот Дончо Герасимовски, кој многу години ги следи демографските процеси во Македонија, забележува дека негативниот природен прираст започнал во 2019 година, односно оттогаш стапката на смртност за првпат била поголема од наталитетот. Највисок број на починати лица беше забележан во вториот квартал од 2021 година, кога за три месеци беа регистрирани 7.496 починати лица во Македонија. Ковид-пандемијата, иселувањето и стареењето на населението се некои од причините што влијаат на нагативниот прираст на населението. Ова е и регионален тренд што се јавува во повеќето од земјите од Западен Балкан.
Проблемот со „природната депопулација“ и масовното иселување се однесува на речиси сите македонски општини, со исклучок на мал број што бележат повеќе раѓања од умирања. Негативен природен прираст има и во главниот град на државата, а во четвртиот квартал од 2022 година во Скопје има „негатива“ од 44 жители. Од другите скопски општини со негативен прираст, најголемо намалување има во општина Аеродром, од 81 лице. За разлика од нив, во овој период во Сарај природниот прираст е позитивен со 95 лица, во Центар со 30 лица, во Чаир со 66 лица и во Шуто Оризари со природен прираст од 56 лица.
Во другите општини во Македонија преовладуваат негативни трендови. Така, со негативен природен прираст се Берово (-22), Битола (-98), Кавадарци (-48), Кочани (-46), Охрид -63), Прилеп (-63) и Штип (-39). Позитивен природен прираст има во Арачиново (+66), Студеничани (+71), Тетово (+89), Струмица (+10) и Чашка (+14).
– Ние имаме некаде околу 53-54 општини во држава со негативен природен прираст. Имаме четириесетина општини што го намалиле бројот на населението. Тоа има силно влијание на територијалниот распоред на населението во земјава. Од осум поголеми региони имате шест во кои морталитетот е поголем од наталитетот – истакнува Герасимовски.

Ваквите показатели на раѓање и умирање укажуваат на трендот на стареење на населението, кој е присутен во светски рамки, а се забележува и во земјава. Во периодот од 1994 до 2015 година, учеството на населението на возраст од 0 до 14 години е намалено од 20,2 отсто на 16,7 отсто, а учеството на населението на возраст од 65 и повеќе години е зголемено од 11,7 отсто на 12,8 отсто. Неповолната старосна структура се покажа и на последниот попис на населението во 2021 година. Вкупното резидентно население на Македонија, на 5 септември 2021 година изнесуваше 1.836713 жители. Според возрасната структура, најголем процент од населението, 7 отсто – се во возрасната група од 40 до 44 години.
Со текот на годините уделот на постари лица (на возраст од 65 години и повеќе) во вкупното население прогресивно се зголемува: тој изнесувал 11,1 проценти во 2005 година и 13,6 проценти во 2018 година, додека уделот на деца (0-14 години) се намалил во истиот период од 19,4 проценти на 16,5 проценти. Достапните проекции на населението покажуваат дека во наредните 30 години работоспособното население (односно, лицата на возраст 15-64 години) ќе се намали за 21 процент. Демографските и економските проекции се дека миграцијата ќе продолжи и во наредниот период, што сериозно ќе се одрази на намалувањето на понудата на работната сила на домашниот пазар на трудот, а фирмите ќе се соочуваат сѐ повеќе со недостиг од работници. Забелешките на бизнис секторот се дека отсуствува сериозна стратегија за спречување на надворешната миграција, а со тоа и на подобрување на природниот прираст на населението. М.Ј.