Насловна страница од весникот „Револуција“, гласило на македонските револуционери

„Девизата ќе биде ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци. Во систематската борба ќе се пропагира идејата за создавање една независна македонска република. Како интернационалисти, ние ќе ги присоединиме своите усилби со тие на српските, хрватските, грчките и другите револуционери и на тој начин ќе ги парализираме сите шовинистички агитации и ќе подготвиме почва за создавање една слободна и независна држава“ – весник „Револуција“

Ликот и делото на крушевскиот војвода Веле Марков, еден од првите социјалисти во Македонија

Овие денови се навршуваат 120 години од смртта на Веле Марков, истакнат македонски левичар, револуционер и војвода на Македонската револуционерна организација (МРО). Во македонската историја, тој останува запаметен како еден од великаните што го предводеле македонскиот народ во борбата за создавање самостојна и независна македонска држава.
Веле Марков е роден на 12 февруари 1870, во сиромашно семејство, во крушевско Селце. Бидејќи потекнувал од сиромашно семејство, како десетгодишно момче, откога научил да чита и пишува кај учителот Павле, почнал да слугува како козарче во селото Јакреново. Поради тешката економска состојба, во 1894 година ја напуштил Македонија и заминал на печалба во Софија, каде што работел во дограмаџиска работилница и посетувал вечерно училиште. Во 1896 година се преместил во работилницата на македонскиот деец Васил Главинов, заедно со Никола Карев од Крушево и Најдо Вељаноски-Черга од с. Ракитница, а потоа отворил и своја работилница на улицата Пиротска во Софија.
Под влијание на Васил Главинов, Марков станал член на Македонската социјалистичка група (МСГ), која била најрадикалниот идеолошки чинител во македонското револуционерно движење. Идеолошките принципи на споменатата група јавно се претставени во статијата „Нашата програма“, објавена во весникот „Револуција“, орган на македонските револуционери.
Во статијата се вели: „Девизата ќе биде ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци. Во систематската борба ќе се пропагира идејата за создавање една независна македонска република. Како интернационалисти, ние ќе ги присоединиме своите усилби со тие на српските, хрватските, грчките и другите револуционери и на тој начин ќе ги парализираме сите шовинистички агитации и ќе подготвиме почва за создавање една слободна и независна држава“.

Во 1899 година, во Крушевскиот Регион се враќаат Веле Марков и Никола Карев, а во Битола заминуваат Никола Петров Русински и Лазар Главинов. Набргу потоа во Крушево, Веле Марков заедно со Никола Карев ја формирал Крушевската револуционерна социјалистичка група. Марков во соработка со Никола Петров Русински од Битолската револуционерна социјалистичка група во синорот на с. Житоше (Крушевско) ја организирал Првата социјалистичка конференција во Македонија. Како резултат на оваа конференција, доаѓа до слевање на социјалистичките групи во редовите на Македонската револуционерна организација (МРО), а Веле Марков станал член и војвода на споменатата организација.
Проф. д-р Благоја Маркоски, денес, со гордост зборува за својот предок и објаснува дека на Марков како на војвода му била доделена тешка задача да ги организира полските села, кои дотогаш не биле организирани. Со придобивање на селата Годвиле, Локвени, Турско, Бичин, Бела црква, Обршани, Врбјани, Крушеани и Св. Митрани, револуционерната мрежа во Крушевско се зацврстувала.
Во периодот од 1900 до јуни 1902 година во Битолскиот, Леринскиот, Демирхисарскиот, Крушевскиот и Прилепскиот Регион се одржале низа организациски и револуционерни активности во кои војводата Марков имал изразито голема улога. Кон неговата револуционерна чета во целост се вклучува и ајдутската дружина на Ѓурчин Наумов.

Веле Марков

На 21 јуни 1902 година, војводата Веле Марков со својата чета во состав: Ѓурчин Наумов-Пљакот, Методија Стојчев, Марко Хр. Алексовски, Тирчо Карев од Крушево, Ѓорѓија Христов-Скршениот, Стојан Иванов Јошевски, Христо Тасев, Ѓорѓи Кошинчето, Петко Иванов, Томо Крстев Дојчинов, Мирче Котев, Даме Новев, Павле Костов и Иван Боримечката се упатиле кон селото Ракитница, со задача да го ликвидираат повеќекратниот предавник Стојан Толев-Чаде.
Професорот Благоја Маркоски вели дека предавникот ја насетил четата и го извршил неговото најголемо предавничко злосторство. Четата на војводата Марков била заобиколена од турскиот аскер и во голема нерамноправна борба поголем дел од комитите загинале. Меѓу нив и војводата Веле Марков, кој во борбата прво бил ранет, а потоа со прикрадување на турските војници бил убиен и му била отсечена главата.
Неговиот потомок Благоја Маркоски посочува: „Од с. Селце во Крушево, на месноста Гумење ја донеле мајката на војводата Веле Марков (нашата прабаба Стојна), каде што пред нејзините нозе тркалајќи ја главата на нејзиниот син Веле барале од неа да изврши потврдна идентификација. Но баба Стојна, природно итра и пожртвувана, знаејќи дека ако признае, ќе биде убиено целото семејство, совладувајќи ја страшната болка, ниту со еден гест не се издала, постојано повторувајќи дека тоа не е главата на нејзиниот син“. Д.Ст.