Фото: Принт-скрин

Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Мадрид изјави дека Соединетите Американски Држави ќе го променат и зајакнат составот на своите сили во Европа во согласност со заканите што доаѓаат од Русија и нагласи дека НАТО е потребен повеќе од кога било.

Тој најави дека САД ќе го зголемат бројот на разорувачи во Шпанија од четири на шест, ќе воспостават постојана команда за 5-от армиски корпус во Полска, ќе распоредат дополнителна ротирачка бригада во Романија, ќе распоредат две дополнителни ескадрили „Ф-35“ во Велика Британија, ќе ги зајакнат ротирачките единици во балтичките земји и ќе распоредат дополнителни сили за воздушна одбрана во Германија и Италија.

– Путин го наруши мирот во Европа. САД и нивните сојузници ги зајакнуваат своите сили, докажувајќи дека НАТО е потребен повеќе од кога било – рече Бајден пред почетокот на самитот на Алијансата во Мадрид, додавајќи дека САД испратиле дополнителни 20 војници во Европа од почетокот на годината.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека сојузниците „мора да обезбедат Украина да победи во војната“.

На самитот во Мадрид сојузниците ќе испратат покана до Финска и Шведска за членство во НАТО, по што нивниот прием треба да биде ратификуван од сите земји-членки.

Тоа е историска одлука да се примат две земји кои долго време беа неутрални. Финска има заедничка граница со Русија од околу 1.400 километри.

Шпанскиот премиер Педро Санчез, кој е домаќин на самитот на НАТО, истакна дека Алијансата му испраќа силна порака на Путин во врска со инвазијата на Украина.

„Испраќаме силна порака до Путин: нема да победите“, рече Санчез.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Германија ќе и помага на Украина колку што е потребно.

„Ќе продолжиме да и даваме помош на Украина колку што е потребно за да и овозможиме сама да се брани“, рече Шолц.