Фото: Игор Бансколиев

Сигнали за поместување на процесот на проширување од мртвата точка, но по „француски терк“

Војната во Украина несомнено ја разбуди Европската Унија од зимскиот сон по последното проширување со Хрватска што се случи пред цели 10 години, кога стана јасно дека Брисел не може повеќе да дава само празни ветувања дека ќе има нови проширувања, а во пракса пристапниот процес да го прави целосно невозможен и неостварлив.

Европските бирократи во последно време сè почесто почнаа да се соочуваат со острата реторика од страна на балканските лидери, кои се изморија од политиката „стап без морков“ и кои бараат од Брисел да игра со отворени карти, поточно да каже дали ќе прима нови земји во Унијата под услови под кои се зачленувале сите други земји-членки, или јасно да каже дека ЕУ нема намера во скоро време да се шири и секој да си го бара сопствениот пат и да утврдува нови стратегиски цели.

Како и да е, разурнувачката војна на тлото на Украина покажа дека инертното однесување и купувањето време само дополнително ги комплицираат работите, па сега Европа мора брзо да одговори доколку не сака во срцето на Стариот Континент да остане „зона на клинчот“ на големите сили од запад и исток, Европа што ќе биде фрагилна на различни влијанија и безбедносни турбуленции, а врз кои самата ЕУ нема да има никаква контрола.

Поттикнување на регионалната соработка како симулација за пакет ЕУ-членство

Очигледно алармот во Брисел е вклучен, а тоа може да се забележи и од сè поголемата фокусираност на европските челници за земјите од Западен Балкан, кои веќе работат на креативни решенија како полесно да ги интегрираат сите земји-кандидати во рамките на ЕУ.

Повеќе од јасно е дека намерата на Унијата е идното проширување да биде во пакет со сите земји за да се спречи наметнување меѓусебни блокади кај земјите што отишле понапред во преговарачкиот процес. Сега прекуноќ во игра влегуваат и Украина и Молдавија, кои Брисел има намера прекутрупа да ги внесе во групата со Западен Балкан и како еден блок сите да станат дел од еден втор ешалон во рамки на новата реформирана ЕУ.

Од друга страна, фактичката состојба на терен покажува дека на земјите од Западен Балкан им се потребни најмалку 100 години да ги достигнат европските стандарди, а на Украина малку ќе ѝ бидат и двапати повеќе години, имајќи ги предвид размерите до кои земјата е уништена.

Македонските власти, пак, во последно време лицитираат со датумот за влез во ЕУ во 2030 година, и тоа во суштина е исклучително краток период, но се занемарува фактот дека земјава е далеку од сите европски стандарди кога станува збор за економските, индустриските и сите други параметри, македонското БДП по жител е шест пати помало од она просечното на Европа, така што на земјава реално ѝ треба минимум столетие за да достигне некаков стандард приближен до посиромашните членки на Унијата, што се на дното по сите економски параметри. Сето ова ѝ е многу добро јасно на ЕУ, која разбира дека со неподготвени членки ќе добие само „земји паразити“ што ќе црпат од европските фондови, ќе ги трошат ресурсите, ќе го користат европскиот безбедносен систем, но ќе бидат вклучени и во политичките и социјални прашања, притоа ниту ќе се справат со корупцијата дома, ниту пак ќе воспостават ефектно владеење на правото, а уште помалку ќе го подигнат квалитетот на животот на сопствените граѓани.

Тоа на Европа во овој момент најмалку ѝ е потребно, земајќи ги предвид последните искуства со Бугарија и Романија, чие зачленување беше исклучиво со политичка одлука, а не поради исполнети критериуми, што влијаеше за драстично зголемување на евроскептицизмот и воопшто кон процесот на проширување. Унијата сега не сака да ја направи истата грешка, но знае дека не смее да ги остави работите на Балканот „статус кво“ и затоа работи на креативни решенија со кои сите ќе бидат задоволни.

Поттикнување на регионалната соработка

Прво нешто на што сега Европа се фокусира, тоа е да ја поттикне регионалната соработка така што ќе ги мотивира земјите да влегуваат во некакви регионални иницијативи преку кои полесно ќе ги усогласат меѓусебните политики, во согласност со европските критериуми. Тоа би било еден вид кондициска подготовка за прием што би се случила во пакет, нешто слично на големото проширување на Унијата во 2004 година, кога одеднаш беа примени 10 земји. Во таа насока е иницијативата Отворен Балкан во која веќе членуваат Албанија, Македонија и Србија, но има одреден интерес во неа да влезат и БиХ, Црна Гора и Косово. Членките на Отворен Балкан почнаа да ги усогласуваат законските нормативи, го укинаа роамингот, границите се минуваат само со лична карта, а работните дозволи важат еднакво секаде. На граничните премини веќе има посебни ленти за возилата од Отворен Балкан, што на некој начин на мал простор ги симулира ЕУ и нејзиното функционирање.

Динамиката на активностите во Брисел во последниот период, како и засилениот притисок врз Македонија што поскоро да ги направи уставните измени, Косово и Србија што побрзо да ја деескалираат состојбата на северот на Косово, Албанија да ги забрза реформите, покажува дека процесот на проширување на Унијата се придвижува од мртвата точка во која чмаеше десетина години.

За ЕУ единствен начин политички да ги апсорбира земјите од регионот е токму регионалниот пристап, пристапот во пакет што би се активирал што побрзо во овие десетина години, за потоа целиот тој пакет на некој начин да биде дел од вториот ешалон на една нова реформирана ЕУ. Тој влез не би бил на голема врата, туку повеќе низ „влезот за персонал“, на задната врата, бидејќи земјите од таканаречениот втор ешалон сè уште ги немаат достигнато европските критериуми и стандарди. Затоа веќе се развива европската политичка заедница, како сегмент на новата ЕУ, во кој ќе се бркаат стандардите и ќе се туркаат реформите неопходни за влез во „првиот ешалон“.

Со ваквиот пристап и во ЕУ ќе се ублажи притисокот од оние земји што се противат на какво било проширување, а истовремено и земјите кандидати ќе добијат некаква опиплива европска перспектива дека влегуваат во реформирана унија на 21 век, во која постои прв и втор ешалон, поточно водечки земји што ќе бидат моторот на Унијата и вторите, кои ќе работат за да ги достигнат перформансите ако сакаат да бидат дел од елитното друштво.

Од активностите на американската булдожер-дипломатија на Балканот може да се заклучи дека САД целосно стојат зад ваквиот план за Европа во две-три брзини, како преку поддршката на иницијативата Отворен Балкан така и преку отворените пораки до властите на Црна Гора, БиХ и Косово да ѝ се приклучат на оваа иницијатива, како начин за поголема регионална кохезија на општествата, пазарите на капитал, на движењето на луѓето и стоките, на дигиталното поврзување…

Брисел веќе започна да работи на реализација на идејата за укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан и на тој начин целосно да го стави под една капа и телекомуникацискиот сектор, што повторно оди во прилог на формирањето на тој втор ешалон во рамките на новата ЕУ.

Електродистрибутивните системи веќе се дел од поширокиот европски енергетски систем, а забрзано се работи и на квалитетно инфраструктурно поврзување.

Европска формула од типот „и волкот сит и овците на број“

Францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шолц подолг период се во постојана комуникација и работат на други формули како да го изведат проширувањето на начин со кој ќе бидат задоволени и евроскептиците како во ЕУ така и во регионот, само за да демонстрираат дека Унијата има моќ за апсорбција на нови членки, но сепак по нивна шема за која мислат дека е реална и остварлива. Седум шефа на дипломатии на ЕУ неодамна побараа промена на одлучувањето во надворешната политика, со што би се овозможила зголемена ефикасност во одлучувањето на ЕУ-институциите, особено во кризни ситуации, каква што е војната во Украина. Сегашниот неефикасен консензуален систем на носење одлуки целосно ја парализира Унијата и ја доведе во ситуација кога требаше да се носат брзи одлуки да не може да се одлучува.

Со ваквите промени, ако се случат, сите би биле задоволни бидејќи на овој начин би можеле да бидат заобиколени уцените и ултиматумите на една земја-членка, во нашиот случај Бугарија, која би ги користела преговорите да наметне барања што немаат никаква врска со европските критериуми. Во тој контекст на реформите на ЕУ е промена на одлучувањето, за да се избегнат идни блокади, особено за прашањата поврзани со надворешната политика на Унијата. На тој начин ќе се избегнат и непринципиелноста, нарушувањето на кредибилитетот на Унијата, како и излетите надвор од меѓународното право на некои членки, како што е Бугарија во односот кон Македонија.

Ставот на добро информирани лица од Брисел е дека проширувањето е тргнато во насока на конечно заокружување на целиот европски проект.
– Сите земји од Западен Балкан во пакет, на кој ќе му се приклучат и Украина и Молдавија, ќе бидат дел од една нова реформирана ЕУ. Она што се покажа досега во функционирањето на Унијата, тоа е дека постојат земји што се мотор и кои ја движат заедницата напред, но постојат членки што и натаму заостануваат во исполнувањето на критериумите. Се истурија купишта европски пари за подобрување на состојбите, но резултати нема. Тоа создаде отпор кај некои земји за нови проширувања и процесот запре цела деценија. Сега војната во Украина е нов момент и челниците во Брисел не сакаат нова сива зона, па затоа работат на план како сите земји да ги вклучат во Унијата во пристоен период. Намерата е да се поттикне и охрабри регионално поврзување и на тие регионални иницијативи да се помага од европските фондови. Во некоја временска рамка од 10 до 15 години, сите земји преку регионалната соработка треба да влегуваат во некаква европска кондиција, за потоа да станат дел од поширокото европско семејство. Европската политичка заедница ќе биде тој втор ешалон во рамките на ЕУ, додека првиот ешалон ќе го предводат старите членки на Унијата. Првиот ешалон ќе влече, а вториот ешалон ќе биде во една фаза на преструктурирање сè додека не стигнат во висока фаза на подготвеност на економијата, индустријата, владеењето на правото и слично – велат изворите упатени во идните планови на Брисел за интегрирање на земјите од Западен Балкан.