Фото: ЕПА

Плановите на Брисел за интеграција на Западен Балкан во ЕУ

Од држава што прва од сегашното регионално друштво го потпиша Договорот за асоцијација и стабилизација со ЕУ во 2001 година, дури и пред некои земји што сега се членки на Унијата, Македонија е приземјена на нивото на кое се наоѓа. Перманентните условувања во сѐ покреативните и имагинативни форми и содржини ги преминаа сите граници и прагови и дури влегоа во сферата на закани и уцени, на кои Брисел замижува. Сега повторно сме притиснати со пораките дека „ќе испуштиме уште еден воз“, кој, наводно, ќе заостане зад Албанија (која би била раздвоена во преговарачкиот процес ако не се спроведат уставните измени пред почетокот на преговорите), како и зад Србија и Црна Гора, кои десетина години веќе се навлезени во преговарачки процес со ЕУ, без некој забележителен напредок…

Привидно зголемената амбиција на Брисел за проширување на Унијата, освен со Украина, наводно е насочена и спрема земјите од Западен Балкан. Според извори од Брисел, Западен Балкан, вклучително и македонските власти, „треба да побрзаат за да се фати овој бран на интерес (на ЕУ) спрема регионот“. Во прилог на оваа аргументација би можело да се гледа и на новиот план од четири столба на Европската комисија за „забрзување на процесот на придружување на шесте земји од регионот“.

Подеми и падови на ЕУ-амбициите за проширување и перманентно менување на условите и формите за интеграција во Унијата

Непобитен факт е дека Европската Унија во неколку наврати има пресечено „бранови на проширување“ кога станува збор за Македонија, како дел од регионот што го нарече Западен Балкан. Од држава што прва од сегашното регионално друштво го потпиша Договорот за асоцијација и стабилизација со ЕУ во 2001 година, дури и пред некои земји што сега се членки на Унијата, Македонија е доведена во ситуација да биде уценувана со закани за испуштање на уште еден воз, во кој наводно ќе заостане зад Албанија (од која би била раздвоена во преговарачкиот процес ако не се спроведат уставните измени пред почетокот на преговорите), како и зад Србија и Црна Гора, кои десетина години веќе се навлезени во преговарачки процес со ЕУ, без некој забележителен напредок.
– Нема сите земји од Западен Балкан да го фатат овој воз на зголемен апетит за проширување на ЕУ. Доколку ние ја отфрлиме преговарачката рамка, ќе се случат неколку работи: ќе има раздвојување од Албанија, Албанија ќе продолжи напред, Србија и Црна Гора ќе продолжат напред. Сметам дека нема да добиеме подобра понуда, од сето искуство што сме го имале досега… Отворањето на таа преговарачка рамка ќе нѐ закочи најмалку една деценија – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Околностите се променети: Влегување во Унијата само во пакет и како „второлигаши“

Наспроти ваквите видувања на шансите за фаќање на бранот на потребите и интересите на ЕУ за проширување, постојат и други процеси на ситуацијата, според кои, „Македонија треба да се постави помудро во однос на сопствените национални интереси пред приоритетите на Унијата и интересите на меѓународниот фактор“!
Имено, кога станува збор за опцијата издвојување и заостанување на Македонија зад другите земји од регионот, во преговарачкиот процес со Унијата, поранешниот пратеник во македонското собрание, Илија Димовски, има поинаква процена.
– Во најмала рака, другите балкански фактори нема да дозволат раздвојување на Албанија од Македонија. Тоа е погрешна процена. За жал, се доведовме во таква ситуација да се плашиме дека ќе заостанеме. Пред пет години бевме многу понапред од Албанија. Прво, мислам дека нема да се случи раздвојување и ако не се случат уставните измени. Затоа и Еди Рама дава такви похрабри изјави, кои нам ни звучат како поддршка за Македонија. И тој е свесен дека не е возможно да се случи раздвојување во евроинтеграцискиот процес. Мислам, да не речам дека тврдам, дека проширување на ЕУ спрема Западен Балкан не може да оди на парчиња. Или сите ќе станеме членки на ЕУ или нема една по една да нѐ внесуваат во ЕУ – го искажа Димовски своето мислење во една дебата.

Македонија треба да работи на процесот на евроинтеграции самостојно, да не ги запоставува реформските процеси за исполнување на Копенхашките критериуми и без брзање во исполнување на непринципиелни услови, по цена на националното достоинство и идентитетот

Според Александар Кржаловски, првиот извршен директор на МЦМС, Македонија во секој случај треба да работи на процесот на евроинтеграции самостојно, односно да не ги запоставува реформските процеси неопходни за исполнување на стандардните критериуми за проширување на ЕУ, но без потреба од брзање во исполнување на непринципиелни услови, по цена на националното достоинство и идентитетот.
– Засега нема најави (барем не сериозни, ниту формални) дека ЕУ ќе премине на „колективен прием“ на земјите од Западен Балкан, иако има аргументи за такво нешто (меѓу другото да се спречат меѓусебни блокирања, како што сега прави Бугарија). Во таа смисла, би сугерирал да продолжиме кон евроинтеграциите самостојно, без оглед колку ќе трае тоа. Секако, побрзо е подобро, но исто така не по секоја цена (пр. достоинство, идентитет итн.). Јасно е засега дека некогаш ќе мора да направиме уставни измени, но дали тоа ќе биде сега или (ако сега нема услови, како што се изјавува дека нема), тогаш во некое друго време во иднина… или, пак, со изменети услови (ако некој успее да го издејствува тоа) – вели Александар Кржалоски.