Лидерите на Отворен Балкан на еден од последните состаноци: Еди Рама, Александар Вучиќ и Димитар Ковачевски (од лево кон десно)

Анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје

За 21 процентен поен порасна поддршката за регионалната иницијатива Отворен Балкан, од 42,4 на 63,3 отсто, покажува анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје. Анкетата открива дека младите особено ја препознаваат важноста на зголемената регионална соработка меѓу Македонија, Албанија и Србија, па 70,9 отсто од испитаниците на возраст меѓу 18 и 29 години дале позитивна оцена за Отворен Балкан

Близу две третини од граѓаните позитивно гледаат на иницијативата Отворен Балкан, во која покрај Македонија дел се и Србија и Албанија. Ваков став имаат 63,3 отсто од анкетираните, додека 15,9 отсто гледаат на тоа негативно.

Во 2020 г., позитивно на Отворен Балкан гледале 42,4 отсто од граѓаните, денес нивниот процент е 63,3 отсто

Споредбата со анкетата што Институтот за политички истражувања ја спроведе во 2020 година за „Детектор“ покажува дека расте довербата во Отворен Балкан. Ако во 2020 г. позитивно на оваа иницијатива гледаа 42,4 отсто од граѓаните, денес нивната бројка е скокната на 63,3 отсто. Очекувано, на повеќе од половина се намалил бројот на граѓани што негативно гледаат на оваа иницијатива. Од 39,9 отсто, за три години, бројката се спуштила на 15,9 отсто граѓани што гледаат негативно на иницијативата Отворен Балкан.

И тука Македонците и етничките Албанци имаат идентичен став. Впрочем, 62 отсто Македонци и 67 отсто етнички Албанци позитивно гледаат на Отворен Балкан.
Интересно е што најпозитивно на оваа иницијатива гледаат најмладите. Кај анкетираните под 30 години позитивно на Отворен Балкан гледаат 70,9 отсто, додека кај повозрасните од 60 отсто овој процент паѓа на 57,3 отсто.

Со кого Македонија има најдобри односи во соседството, според граѓаните

Македонија има најдобри односи со Србија, а најлоши со Бугарија, покажува последното истражување на јавното мислење, кое за „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје.

Според него, 56,5 отсто од граѓаните сметаат дека најдобри односи имаме со Србија. На второ место е Албанија со 11,3 отсто, а на трето Турција со 3,3 отсто. Тука некаде е и Косово, по што следуваат Хрватска со 2,6 отсто, Словенија со 1,2 отсто, Грција со 1,1 отсто и Бугарија со 0,9 отсто.

Македонците во огромно мнозинство најдобри односи сметаат дека имаме со Србија. Нивниот процент надминува 72 отсто. Кај етничките Албанци, Албанија е земјата со која сметаат дека имаме најдобри односи. Ваков став делат 39,8 отсто.
Оттука, очекувано најмал број граѓани сметаат дека имаме најдобри односи со Србија во Полошкиот Регион, а најголем во североисточниот.

Во регионот, според граѓаните, најлоши односи имаме со Бугарија. Ваков став делат 64,6 отсто од анкетираните. Следуваат Грција со 9,2 отсто, Албанија со 3,4 отсто, Србија со 2 отсто и Косово со 1,2 отсто.

Интересно е што ова е едно од ретките прашања за кои Македонците и етничките Албанци имаат исти ставови. И двете групи се на ставот дека Бугарија е земјата со која имаме најлоши односи во регионот. Разликата е што кај Македонците вакво мислење делат 71,6 отсто од анкетираните, а кај Албанците 42,5 отсто.
Анкетата на Институтот за политички истражувања – Скопје е спроведена годинава, врз репрезентативен примерок од 1.112 испитаници.


Што претставува иницијативата Отворен Балкан

Регионален магнет или групирање за втората лига на ЕУ?

Отворен Балкан е регионална иницијатива создадена од Македонија, Србија и Албанија и произлегува од потребата за поголема интеграција во регионот. На почетокот оваа иницијатива била именувана Напредна регионална иницијатива за соработка или „Мини-шенген“. Има цел да го промовира и да го развива капацитетот на регионот, како и да донесе конкретни придобивки за граѓаните и за деловната заедница. Оваа иницијатива е можност за зајакнување на регионалната економска соработка и унапредување на слободата на движење на луѓе и добра. Основна цел на Отворен Балкан е надминување на социјалните, економските и трговските бариери што го попречуваат економскиот раст во регионот преку имплементирање на четирите слободи на кои се темелат европската интеграција, слободата на движење на стоки, работници, капитал и услуги.

Во моментов трите држави (Македонија, Албанија и Србија) ја водат и ја развиваат иницијативата, која има политика на отворени врати, особено за другите земји од Западен Балкан како Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, но и за другите земји од регионот – членки на ЕУ.

Како што потенцираат иницијаторите, од политички аспект, Отворен Балкан е насочен кон забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и кон придонесување за секоја од земјите што поскоро да стане членка на Европската Унија.
– Се работи за интеграција, наместо дезинтеграција, се работи за отворени наместо затворени граници, се работи за слобода наместо за ограничено движење, се работи за олеснување, наместо усложнување на процедурите, се работи за соработка наместо за непријателство, за напредок, наместо уназадување. Се поврзуваме со јасна, отворена и јавна намера за нашите луѓе веднаш да ја почувствуваат користа од она што го нудиме. Очекуваме таа полезност да биде почувствувана наскоро во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани – велат од Владата.

Една од придобивките од оваа иницијатива e воспоставување регионален пазар помеѓу земјите-членки на иницијативата. Во рамките на Отворен Балкан се потпишани договори со кои се воспоставуваат заеднички гранични премини и е овозможено пократко време на задржување на камионите на граница. Дополнително, постигнат е напредок во подобрување на деловната клима во целиот регион со потпишување договори за заемното признавање на одобренијата за Овластен економски оператор (ДВП). Воспоставени се Зелени коридори, со што е обезбедено производите и услугите побрзо да стигнат до пазарите во регионот.

Со договорите потпишани во рамките на иницијативата Отворен Балкан се овозможува отстранување на работните дозволи и слободен пазар на трудот за граѓаните на Македонија, Србија и на Албанија. Со договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот, им се овозможува на граѓаните да работат во која било од трите држави без да вадат работни дозволи, без бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци.

Договорот за услови за интерконекција на шеми за електронска идентификација, пак, предвидува пристап до електронските услуги на националните портали на трите држави преку креирање електронска идентификација Отворен Балкан за остварување на можноста за пристап до пазарот на трудот во тие држави.

Еден од најсвежите примери за практична реализација на оваа иницијатива е неодамнешниот регионален саем за вино „Винска визија на Отворен Балкан“ во Скопје, во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со ресорните министерства на Србија и на Албанија.

По тој повод, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека земјите од Отворен Балкан се заедно, тие секогаш биле заедно и секогаш ќе бидат заедно во овие простори, меѓутоа разликата е што како сега никогаш во минатото не соработувале заедно и таа соработка се гледа токму преку настани и преку вакви активности како што е винскиот саем „Винска визија на Отворен Балкан“, кој прераснува во еден од трите најголеми саеми за вино во светот.
– Она што е резултат на Отворен Балкан сега веќе се гледа и низ бројки. Размената и трговијата помеѓу трите држави е зголемена за 25 проценти. Размената со Србија надмина 1,1 милијарда евра, што е најголемо ниво во последните 17 години. Само минатата година размената со Албанија е зголемена за 40 проценти, со Србија е зголемена за 50 проценти. Воведовме зелени ленти за транспортерите за нашите три држави да не чекаат на границите. Воведуваме системи за електронска идентификација со која работниците ќе можат слободно да се движат помеѓу нашите три држави. И практично ги спроведуваме трите слободи на ЕУ, тука кај нас, на Балканот така како што доликува. На нашите граѓани на трите држави не им требаат граници како што не им требаат граници на земјите од ЕУ, па затоа јас секогаш ќе бидам посветен на зголемувањето на соработката, на зголемувањето на комуникацијата, трговијата, зголемувањето на инвестициите во сите три држави бидејќи тоа е тоа што нашите граѓани го заслужуваат – рече Ковачевски.

И сето ова би било ред и како замисла и како практика, доколку Брисел и отворено и децидно каже дека регионалната соработка е првиот чекор кон вистинска интеграција во Европската Унија. Да ни дефинира дека треба регионално да се реформираме, унапредиме, да ги подигнеме БДП и реалната економија, да покажеме двоцифрен економски раст и тогаш во скоро време ќе нѐ интегрираат. А ако го постигнеме сето тоа, нема да биде битно дали ќе нѐ примат во првиот или во вториот ешалон. Тогаш, во такви околности, со такви перформанси, тоа нема воопшто да биде важно.
Р.Н.М.