Фото: Игор Бансколиев

ШВЕРЦОТ НА МИГРАНТИ ПРОДОЛЖУВА СО ЗАСИЛЕНО ТЕМПО

Членовите на криминалната група користеле автомобили пресретнувачи што возеле пред „товарните возила“ со мигранти, додека комуницирале преку мобилни апликации, заради откривање и избегнување евентуални полициски проверки. На последниот крак од шверцерската маршрута кон Германија, мигрантите биле сместени во крајно опасен амбиент, соочени со недостиг од вентилација и други закани по нивната безбедност. Во некои случаи, мигрантите биле принудени да се кријат меѓу товарот под нехумани услови неколку последователни дена

Црниот бизнис со шверц на мигранти никако да запре. Напротив, иако нема големи мигрантски бранови како порано, сепак, тој се динамизира со шверцување помали групи мигранти, кои сѐ уште се движат кон и во Западна Европа. Во потрагата по безбедна иднина за себе и за своите најблиски, овие луѓе плаќаат големи парични суми за конечно да бидат на сигурно и со предвидлива иднина, на тој начин поттикнувајќи го илегалниот бизнис со шверцување, кој речиси секогаш завршува на нивна штета.

ЕВРОПОЛ ВО АКЦИЈА СО УШТЕ НЕКОЛКУ ЗЕМЈИ

Повеќе од пет илјади мигранти ги загубиле животите од почетокот на 2021 година во обид да стигнат во некоја од европските земји. Конкретно, станува збор за 5.684 лица што починале во несреќни околности. Оваа бројка е пресметана и официјална, заклучно со октомври минатата година, од страна на Интернационалната организација за миграција.

До денес, оваа бројка сигурно е драстично зголемена, со оглед на тоа што низ медиумите доста често се појавуваат информации за загинати мигранти на јадранската маршрута, која важи за една од најризичните.

Причината за овие црни бројки е едноставна. Мигрантите им веруваат на поединци, кои всушност се криминалци зад кои стојат цели криминални организации што печалат преку нив, злоупотребувајќи ги и ветувајќи им дека ќе ги однесат до ветената земја за големи парични износи.

А такви ги има насекаде, особено на Балканот, каде што бизнисот со шверц на мигранти,во изминатиот период „процвета“.
Полициските власти од цела Европа, вклучувајќи го и Балканот, вложуваат натчовечки напори за да го спречат овој црн бизнис, кој ги полни статистиките со црни бројки.
Неодамна и Европол се вклучи во истрага, која помогна да се спречи организирана криминална мрежа за шверц на мигранти преку балканската маршрута.

Акцијата се реализира меѓу Германија, Романија и Србија, а беше поддржана од Европол и помогната од Европравда и Центарот за спроведување на законот во Југоисточна Европа.

Во оваа акција беа пребарани 15 локации во Германија и Романија. Уапсени беа четири лица од овие две земји, а полициите запленија три возила, мобилни телефони, електроника, документи и готовина во различни валути.

ОД ТУРЦИЈА ДО ГЕРМАНИЈА ЗА 10 ИЛЈАДИ ЕВРА

Од Европол информираат дека ја започнале оваа истрага откако властите неколкупати успешно пресретнале мигранти што нелегално ги преминувале границите на Германија со Австрија, Чешка и Полска. Криминалната мрежа наплаќала од 4.000 до 10.000 евра по лице што е прошверцувано од Турција во Германија преку балканската маршрута. Шверцот меѓу Романија и Германија чинел од 4.000 до 5.000 евра.

Германските и романските власти ги истражувале членовите на криминалната мрежа од крајот на 2022 година, поврзувајќи ги со откривање на повеќе од 870 мигранти за време на 93 инциденти со шверцување. Во Романија, локалната ќелија на криминалната мрежа ги собрала мигрантите во Темишвар пред дополнително да ги транспортира кон Германија. Оваа романска ќелија била вклучена во изнајмување и управување со места за криење во областите Арад и Темишвар. Таму, тие ги собирале мигрантите во пренатрупани сместувачки капацитети за да ги спојат различните групи пред дополнително да ги префрлат во Германија. Осомничените ја направиле оваа организација, со цел да ја оптимизираат логистиката и да го максимизираат криминалниот профит.

Членовите на криминалната група користеле автомобили претседатели што возеле пред товарните возила со мигранти, додека комуницирале преку мобилни апликации, заради откривање и избегнување евентуални полициски проверки. На овој последен крак од шверцерската маршрута кон Германија, мигрантите биле сместени во крајно опасни услови, соочени со недостиг од вентилација и други закани по нивната безбедност. Во некои случаи, мигрантите би биле принудени да се кријат меѓу товарот под такви услови неколку последователни дена.

МАКЕДОНЦИ ДЕЛ ОД ОРГАНИЗИРАНА ВЕРИГА на МЕЃУНАРОДЕН ШВЕРЦ

Десет лица беа приведени на почетокот на минатиот месец во земјава, во координирана полициска операција со цел сузбивање организирана криминална група, која го извршувала кривичното дело шверцување мигранти. Тројца членови на криминалната група веќе издржуваат мерка затвор во КПУ „Штип“, КПУ „Идризово“ и во Унгарија за претходно сторени кривични дела „шверцување мигранти“.

Операцијата беше изведена од страна на Националната единица за сузбивање на шверцувањето мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, секторите за внатрешни работи во Куманово, Скопје, Струмица и регионалните центри за гранични работи Југ и Исток, под раководство на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамките на криминалистичка истрага што се води под псевдонимот „Исар“.

Како што тогаш изјави портпаролот во МВР, Тони Ангеловски, криминалистичката истрага над организираната 17-члена група, која е дел од меѓународен канал за шверцување мигранти, се спроведувала од јули 2021 година до мај 2023 година. Оваа организирана криминална група, врз основа на претходен договор со лица од Србија, Бугарија, Унгарија и Македонија, организирала шверцување мигранти од Грција кон Унгарија и од Бугарија кон Србија, со крајна дестинација во земјите на ЕУ.

– Оваа меѓународна криминална група најпрво обезбедувала возила од рент-а-кар агенции од Скопје, Куманово и Тетово и Бугарија, а потоа ангажирала лица „возачи“ и „чистачи“ за прифаќање и превезување на мигрантите. Од страна на организаторите, преку лични средби на претходно договорени локации во Србија и Унгарија, како и преку мобилни апликации на лицата „возачи“ и „чистачи“, како и на лица организатори од Србија и Унгарија, им е испраќана точната локација за прифаќање на илегалните мигранти. Од овие локации, мигрантите биле преземани од лица што биле ангажирани во улога на „возачи“ и „чистачи“. Истите лица повремено ангажирале и други лица како возачи, за прифаќање на мигрантите – појасни Ангеловски.
Во зависност од бројот на шверцуваните мигранти, како и локациите и возилата со кои се преземани и превезувани мигрантите од страна на криминалната група од Македонија преку териториите на Србија, Унгарија и Бугарија, цената за транспорт по лице што ја исплаќале мигрантите се движела од 2.000 до 4.000 евра.

Во текот на истрагата е утврдено лице организатор по потекло од Ирак, со германски патнички документи, член на меѓународната криминална група за шверцување мигранти, кој по претходна комуникација со организаторите од земјава договарал прифаќање и превезување илегални мигранти на територијата на Бугарија и Унгарија, за што преку брз трансфер на пари, преку лица посредници од Турција вршел трансфер на пари кон организаторите од Македонија.

[email protected]