Фото: Игор Бансколиев

Анкета: Дали денес празнувањето на Први мај во Македонија го содржи значењето на борбата за работнички права?

Спроти празнувањето на претстојниот 1 Мај во оваа 2023 година, „Нова Македонија“ им постави прашање на сите политички и синдикални чинители во земјава, но, за жал, за чествувањето на трудот и на работникот одговори дадоа неколку субјекти на единственото прашање: Што за вас, од денешен агол на гледање, симболизира Први мај во Македонија?

Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ)

Интернационалниот ден на трудот е меѓународен празник, кој се празнува на 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Се одбележува на 1 мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 г. во Чикаго. Тој штрајк бил организиран за воведување осумчасовен работен ден. ССМ во изминатите пет години ја води борбата за работничките права, меѓутоа токму оваа година на 1 Мај работниците и синдикатите во Македонија, за жал, се борат за зачувување на цивилизациската придобивка на осумчасовен работен ден! Владата сака да го укине тоа и да воведе дванаесетчасовен работен ден, или 60-часовна работна недела!? Владата ја враќа Македонија 137 години во минатото! Токму тоа треба да ги обедини работниците на протест! Покачувањето на функционерските плати за 78 отсто или по 2.000 денари дневно, воведувањето дванаесетчасовен работен ден за голем број работници и тоа што ги измамија вработените во здравството и што не им ги зголемија платите, тоа што не го склучија општиот колективен договор за јавен сектор со кој секој вработен ќе има право на К15, се доволен мотив и повеќе од причина да се излезе на протест на улица и да се изрази незадоволството!
Да живее Први мај!

СДСМ

– Први мај е меѓународен празник за работничките права. Како политичка партија и партија што ја преводи Владата на Република Северна Македонија, посветени сме на унапредување на работничките права, за што досега се спроведени низа мерки и системски решенија со кои растат минималната и просечната плата, како и пензиите, кои за година и пол се покачени за 16 отсто, а недела стана неработен ден. Со новата методологија истите тие ќе продолжат да растат и нивниот раст е загарантиран. СДСМ им стави крај на злоупотребите на работниците, чиј труд беше потценет и невреднуван и кога од тогашната власт беа нудени како евтина работна сила.

Левица

– Ќе си земаме за право да кажеме дека Левица како политичка партија е единствената политичка организација на работниците. Оттука, во Левица како единствена работничка партија се инкорпорира сиот крик на потчинетите, но и судот за неправедностите, и затоа ние водиме во борбата за враќање на националното како и на работничкото достоинство и претставуваме закана како за внатрешните, домашни, така и за надворешните, странски експлоататори.
Секако дека Први мај симболично е многу важен за борбата на работничките права, особено ако се знае дека денес во Македонија, со акти на Собранието и политики на Владата, се губат основните работнички права што биле главни барања, односно главна причина за бунтот на работниците во мај 1886 година во Чикаго, од каде што и ја влече традицијата овој празник на трудот. Имено, да се потсетиме, токму на овој ден во 1886 година работниците од Чикаго штрајкуваа барајќи осумчасовен работен ден, подобри услови за работа и повисоки плати. Додека денес, по предлог на Владата, Собранието на Република Македонија сака да донесе акт со кој се уставното и законски загарантирано право од осумчасовно работно време ќе се продолжи на 10 часа?! Односно, доколку се усвојат овие предлози на Владата, 40-часовната недела ќе се зголеми на 60-часовна работна недела, експлоататорска мерка што нѐ враќа во 19 век и со која практично се воспоставува корпоративен феудализам.
Денес 1 Мај е државен празник, празник на кој работниците не работат. Работничката класа во Македонија, и според правата што формалноправно ги има, но не ги ужива, но и според правата што сè уште ги нема, далеку е зад положбата на работниците во Западна Европа. Но, секако, кога се работи за традицијата или, поточно кажано, навиката на македонската работничка класа овој празник да го слави со пикник во друштво на најблиските наместо со протест, не би требало тоа да биде причина за некаков вид на обвинение кон оваа класа дека има отсуство на класна свест. Сепак, тоа е ретка можност на македонските работници за воздишка и дружба со нивните семејства и пријатели во ерата на моменталниот феудален капитализам што владее во Македонија. Освен тоа, работничката борба не подразбира само заложби за легалистички права на работниците како право на одмор, плата и слично. Работничката борба има и политичка димензија, а тоа во случајот на Македонија е суштинско. Имено, еден од познатите работнички слогани е и „Против колонијалното угнетување“, а Македонија под НАТО ја прави колонијално угнетена. Македонскиот народ е национално обесправен, па оттука работничката борба особено значи и политичка борба на работниците за добивање политичка моќ, преку која ќе им се спротивстави на западниот империјализам и шовинистичките угнетувања кон македонскиот народ што се прават од страна на соседните држави, како продолжена рака на колективниот Запад. Македонските работници најдобро знаат дека тоа што Македонија се претвори во рај за странските инвестиции значеше пекол за работниците, како и уништување на националните капацитети на државата и угнетување на културата на македонскиот народ.