Псевдодеменција – понов дијагностички ентитет во психијатријата

Како што технолошкиот развој на човештвото оди со брзи чекори нанапред, така и во медицината се јавуваат нови спознанија, а со тоа и понови клинички состојби. Во денешниот напис ќе се задржам на терминот псевдодеменција, кој во последниве години станува актуелен, особено за возрасната популација.
Познато е дека депресијата и деменцијата може да доведат до генерализирано когнитивно пропаѓање и дисфункција на меморијата. Така, диференцирањето на овие две состојби е битно, особено кога се разгледуваат како предизвикувачи за нарушување на менталната состојба. Псевдодеменција е термин што се користи клинички за да се опишат симптомите што личат на деменција, но се предизвикани од други состојби (најмногу од депресија), наместо да бидат препознаени како официјална дијагноза. Псевдодеменцијата се карактеризира со когнитивно оштетување што имитира деменција, но кое не потекнува од невролошка дегенерација, туку произлегува од разни функционални психијатриски состојби. Оваа состојба почесто се забележува кај постарите возрасни (особено оние на возраст над 50-60 години), а факторите на ризик се преклопуваат со оние за депресија.
Псевдодеменцијата во суштина се карактеризира со дефицит во меморијата, извршната функција и говорот и затоа лесно може да се помеша со деменција, иако постојат некои аспекти што овозможуваат нејзино диференцирање. Дијагностицирањето на псевдодеменција може да биде тешко, особено каде што постои значително преклопување помеѓу нејзините симптоми и оние на други состојби. Сепак, важно е да се препознаат карактеристичните аспекти на ова нарушување, бидејќи точната идентификација е од суштинско значење за правилен третман и особено за исходот.
Врската помеѓу депресијата и деменцијата произлегува од два клучни фактора: прво, може да се забележат когнитивни оштетувања кај депресијата и, второ, деменцијата исто така може да оди и со депресивни симптоми. При процена на пациент што покажува знаци на когнитивен пад мора да се исклучат разни реверзибилни состојби пред да се потврди постоење на невродегенеративна основа. Меѓу добропознатите фактори што треба да се земат предвид, депресијата има значајно место, бидејќи може значително да му наштети на спознанието, особено кај постарите лица. Во тешки случаи депресијата дури може да се помеша со невродегенеративни фактори. Историски гледано, токму овој феномен е познат како псевдодеменција.
Депресијата е ментално растројство што вклучува депресивно расположение, кое трае најмалку две недели, придружено со губење интерес или задоволство речиси во сите активности, чувства на вина или самоубиствени мисли, социјална изолација и нарушено спиење и апетит. Се проценува дека симптомите на депресија се јавуваат кај многу постари лица, а дури 1-5 отсто од постарите луѓе во целиот свет ги исполнуваат критериумите за тешка депресија. Така, геријатриската депресија е честа појава, а во некои епидемиолошки студии се сугерира дека значителен дел од постарите од населението покажува афективни симптоми. Постојат податоци дека уште во 1962 година е пријавено дека една третина од постарите пациенти со депресија имале тешка психомоторна ретардација или агитација, а една неодамнешна метаанализа ги потврди тие наоди. Исто така, објавено е дека хипохондријата и соматските симптоми биле почести кај постарите возрасни лица, додека чувството на вина и губењето на либидото биле поретки отколку кај помладите возрасни лица.

Развојот на депресивни нарушувања кај геријатриски индивидуи споделува широка етиологија со слични нарушувања што се јавуваат кај помлади возрасни лица, каде што биолошките, психолошките и социјалните фактори играат значајна етиолошка улога. Студиите покажаа генетски придонес споредлив со оној на појавата на депресија на помлада возраст. Осаменоста и тешкотиите на староста може да се очекуваат да бидат важни фактори на ризик. Сепак, главната разлика во етиологијата на депресија кај постарите лица е поврзана со васкуларни фактори. Има докази за повеќеслојна и двонасочна врска помеѓу геријатриската депресија и васкуларните заболувања. Истражувањата покажуваат дека дијабетес, мозочен удар и покачен васкуларен ризик се значајни фактори на ризик за депресија кај постарите возрасни лица, но, интересно, хипертензијата, пушењето и дислипидемијата не се потврдени фактори на ризик!? Предложените биолошки механизми вклучуваат забележани промени на белата маса на магнетна резонанца (МРИ) кај геријатриски пациенти со депресија, кои покажуваат фокални области на исхемија и инфаркт, со ефекти врз поврзаноста на мозочните региони. Покрај тоа, воспалението исто така се смета за придонесувачки фактор. Понатаму, депресијата често се појавува истовремено со широк спектар медицински состојби, вклучувајќи Алцхајмерова болест (АД), мозочен удар и Паркинсонова болест, поставувајќи ја дијагнозата на овие болести како доста тешка.
Така, терминот псевдодеменција станува популарен клинички концепт, иако не е прифатен како независна нозолошка категорија во кој било систем на класификација. Псевдодеменцијата подразбира различни функционални психијатриски состојби, со депресијата како најзастапена. Овие услови може да симулираат органска деменција, но псевдодеменцијата обично покажува потенцијал за враќање во нормала со соодветен третман. Поединци со умерени до тешки депресивни нарушувања често развиваат голем пад во когнитивните функционирања во асоцијација со дефицит од внимание и психомоторна ретардација. Овие пациенти исто така може да имаат проблеми со јасното размислување, тешкотии со концентрацијата, предизвици при донесување одлуки, забележително заборавање и проблеми со расудувањето. И депресијата и деменцијата може да доведат до намалување на мотивацијата, нарушена концентрација и ретардација, а, следствено, и двете може да доведат до генерализирано когнитивно функционирање и дисфункции на меморијата. Затоа, диференцирањето на псевдодеменцијата од вистинската деменција е важно, но и предизвикувачко.

Терминот псевдодеменција првично беше воведен во 1961 година од психијатарот Лесли Килох. Тој го забележал тоа кај пациенти што покажуваат когнитивни симптоми слични на оние кај лица со деменција, но кои покажуваат потенцијал за возвраќање на дефицитите. Когнитивниот пад кај овие случаи всушност се должел повеќе на состојби на менталното здравје отколку на нарушувања во централниот нервен систем.
Несигурностите околу класификацијата и атрибутите на псевдодеменцијата, како и загриженоста во врска со нејзиното погрешно име, поттикнаа предлози да се прекине неговата употреба. Сепак, други клиничари ги бранат практичноста на терминот и неговата корисност, па затоа тој се одржа во клиничката практика и ги истакнува токму пациентите што имаат состојба што може да се лекува.
Постојат неколку студии за преваленцата на псевдодеменцијата. Некои автори открија дека псевдодеменција имале 18 отсто од пациентите упатени како пресенилна деменција. Процените сугерираат дека помеѓу 2 и 32 отсто од постарите возрасни лица со когнитивни проблеми всушност имаат псевдодеменција.
Депресијата во староста е клинички хетерогена, а сериозноста на симптомите на депресија не е директно поврзана со нивото на когнитивно оштетување. И покрај хетерогеноста, постојат некои карактеристични неврокогнитивни и промени во однесувањето што се чини дека ѝ се припишуваат на геријатриската депресија, кои се карактеристични за голема група пациенти што немаат невролошко заболување.
Псевдодеменцијата обично опфаќа проблеми со меморијата, оштетувања во извршното функционирање и говорни дефицити. Значајните когнитивни симптоми може да вклучуваат тешкотии во запомнувањето зборови или запомнувањето на работите општо, намалено внимание и концентрација, предизвици при завршување некоја задача или одлучување, намалена говорна флуентност и брзина и нарушена брзина на обработка на информациите. Клучните симптоми на псевдодеменцијата се состојат од оштетувања во говорот, пропусти или недостатоци на меморијата, тешкотии со вниманието, предизвици и проблеми со емоционалната регулација, со организацијата или планирањето задачи. Неверојатно, овие симптоми се исто така многу распространети кај поединци со деменција. Бидејќи псевдодеменцијата често се поврзува со депресија, лицето може да доживее и симптоми што вклучуваат депресивно расположение, замор или анергија, несоница или хиперсомнија, анхедонија, анорексија или хиперфагија и самоубиствени мисли или однесувања.
Сега е општо прифатено дека депресијата се манифестира со низа дефицити во домени на епизодната меморија и учењето. Невробиолошките основи на овие дефицити остануваат неизвесни. Лезиите на темпоралниот лобус е познато дека резултираат со епизоден дефицит на меморијата. Понатаму, намалувања на волуменот на хипокампусот се наоѓаат кај пациенти со тешка депресија. Овие наоди можеби укажуваат на дефицит на темпоралниот лобус како причина за когнитивно опаѓање. Сепак, повеќето истражувачи сугерираат дека таквите дефицити може првенствено да се должат на проблеми со вниманието, а не поради структурни проблеми.
Меѓу најбитни елементи во дијагностиката е: процена на невропсихолошките функции кај постарите лица со депресија, со особено внимание на функцијата на десната хемисфера, но и на функцијата на фронталниот лобус.
Нарушувањата поврзани со расположението, вклучувајќи ја и депресијата, се меѓу можните причини за псевдодеменција. Сепак, тие не се единствените придонесувачи. Други ментални здравствени состојби, како шизофренија, други психози, дисоцијативни нарушувања, нарушување како конверзија и манија, исто така може да доведат до когнитивно оштетување, кое се манифестира со слична клиничка состојба. Овие нарушувања може да предизвикаат дополнителни типични симптоми, истовремени со очигледни симптоми на деменција.

Факторите на ризик за псевдодеменција се многу слични на оние за депресија. Меѓу нив е и полот – кај жените има статистички поголема веројатност да развијат депресија, но битни се и семејната историја, развод и понизок социоекономски статус.
Дијагностицирањето псевдодеменција кај постарите возрасни претставува предизвик поради неколку фактори. Прво, самиот процес на стареење носи когнитивни промени, а и функцијата на мозокот се менува, што е тешкотија да се направи разлика помеѓу промените поврзани со возраста и почетните индикации за депресија или деменција. Второ, дијагностицирањето псевдодеменција станува посложено бидејќи симптомите на депресија и различни прогресивни невролошки состојби често се преклопуваат кај постарите лица. И на крајот, сосема е можно поединецот истовремено да доживее и вистинска деменција и депресија, што додава сложеност во дијагнозата. Поради сложеноста, дијагностицирањето на псевдодеменцијата често бара темелна и сеопфатна евалуација.
Кога пациентите се оценуваат со помош на невропсихолошки тестови, тие обично покажуваат задоволителни перформанси во задачите поврзани со меморијата. Од друга страна, поединците со деменција често негираат дека имаат проблеми со меморијата или ја минимизираат нивната важност и покажуваат оштетување во невропсихолошките тестови. Добивањето точна дијагноза е од клучно значење за поединците што имаат когнитивни проблеми, кои од одредени причини се реверзибилни. Во тој контекст, нагласено е дека секогаш треба да биде направен невролошки преглед, како и исклучување на главните органски причини на когнитивно оштетување. На пример, коморбидитети како што се васкуларни, инфективни, трауматски, автоимуни, идиопатски, па дури и состојби поврзани со неухранетост, може да покажат симптоми што личат на деменција. Главните примери се поединци со хроничен дефицит од витамин Б12 или хипотироидизам, кои може да покажат симптоми слични на деменција.
Невроимиџинг-техниките помагаат во дијагнозата на псевдодеменција, бидејќи тие даваат индиции за основните причини или ги покажуваат ефектите од дегенерација на мозокот во случај на вистинска деменција. МРИ покажува промени како што се атрофија на медијален темпорален лобус кај луѓе со Алцхајмер (АД), а позитронска емисиска томографија и компјутеризирана томографија (КТ) со емисија на еден фотон покажуваат намален проток на крв во некои области. И на крајот, одредени форми на деменција, како што се АД и Паркинсонова болест, споделуваат симптоми поврзани со расположението што личат на оние што се гледаат во депресија.
Скалата за геријатриска депресија (ГДС) често се користи како алатка за да помогне во разликувањето помеѓу псевдодеменцијата и другите видови деменција. Резултатите од ГДС се комбинираат со дополнителни информации за пациентот во врска со неговата историја и моменталното функционирање и помагаат во дијагностичкиот процес. Луѓето со псевдодеменција веројатно ќе добијат високи резултати на ГДС – тоа покажува дека пациентот е во депресија.
Третманот на псевдодеменцијата може да биде процес што одзема многу време и е индивидуализиран, бидејќи различни поединци може различно да реагираат на различни опции за третман.
Откако ќе се исклучат други потенцијални дијагнози и постои сомневање за псевдодеменција, препорачаниот третман првенствено ќе се концентрира на решавање на основната причина. Обезбедувањето соодветен медицински третман за депресија може потенцијално да помогне во диференцијацијата помеѓу псевдодеменција и деменција. Ефективен третман со антидепресиви може да помогне за ублажување на когнитивната дисфункција поврзана со депресијата, што доведува до подобрување на когнитивните симптоми. Спротивно на тоа, когнитивната дисфункција поврзана со деменција обично опстојува и напредува со текот на времето. Со набљудување на одговорот на антидепресивниот третман, може да се направи разлика помеѓу реверзибилното когнитивно оштетување на псевдодеменцијата и прогресивниот когнитивен пад при деменцијата. Реверзибилно когнитивно оштетување кај умерени до тешки депресии кај постарите возрасни лица се смета за силен предиктор на деменција според повеќето автори, иако некои сметаат дека депресијата со реверзибилно когнитивно оштетување може да биде продромална фаза на деменција наместо фактор на ризик.
И на крајот, да заклучиме: терминот псевдодеменција опишува збир на симптоми најчесто забележани кај постарите возрасни лица што личат на деменција, но не вклучуваат невродегенерација. Псевдодеменција не е официјална дијагноза, туку описен термин за одредена група пациенти. Кај постарата популација, псевдодеменцијата може да има штетно влијание врз когницијата и функционалноста, а исто така може да послужи како предиктор за последователен развој на деменција.
Псевдодеменцијата има слични фактори на ризик со депресијата, вклучувајќи женски пол, семејна историја, развод и низок социоекономски статус. Додека депресијата е примарна причина на псевдодеменција, други ментални здравствени состојби, како што се шизофренија, психози, дисоцијативно растројство, конверзивни нарушување и манија, исто така може да доведат до когнитивно оштетување и предизвикување слични клинички симптоми.
Деменцијата и депресијата можат да коегзистираат, а псевдодеменцијата и деменцијата тешко може да се разликуваат. Главните карактеристики што овозможуваат диференцијација на овие услови мора да бидат разгледани во интервјуто (почетокот и текот на симптомите, семејната историја, личната историја итн.). Третманот на псевдодеменцијата вклучува лекување на основната состојба.
Како што можат да заклучат читателите, дијагностиката во геријатриската психијатрија е доста комплексна и е неопходно добро познавање на сите финеси во симптоматологијата и начинот на испитување на пациентите.