На 78-та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк сме застапени на највисоко можно државно ниво, со двојни сили, откако прво таму отпатува претседателот на државата, Стево Пендаровски, а потоа му се приклучи и премиерот Ковачевски. Со нив се и повеќемина министри и други државни функционери. Оттаму очекувањата на македонските граѓани и јавноста се силно да се слушне гласот на Македонија за сите неправди, преседани и уцени со кои досега се соочуваме, за кршењето на меѓународното право и газењето врз повелбата на ОН на штета на Македонија и македонскиот народ. Но, наместо тоа, во своето прво обраќање пред ОН и пред политичкиот форум, претседателот Пендаровски говореше за обновливите извори на енергија и за поддршка на климатската акција

ПРОПУШТЕНА ШАНСА ДА СЕ ЧУЕ МАКЕДОНСКИОТ ГЛАС НА ГЕНЕРАЛНОТО СОБРАНИЕ НА СВЕТСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

Македонија ги пропушти првата сет-топка и понудената шанса да поентира во светскиот храм на нациите, пред очите на целата светска политичка елита и пред целокупната меѓународна заедница. Иако имаме многу што да кажеме пред ООН и пред меѓународната заедница, токму за прекршувањата на целите и принципите на повелбата на ОН, за прекршувањето на меѓународното право и на начелото за самоопределување, познато како јус когенс, за притисоци и обиди за асимилација на македонскиот народ и држава, овие прашања засега изостануваат и како да ги нема во видокругот на македонските политичари што отпатуваа на 78-та сесија на Генералното собрание на ОН.

На Македонија ѝ е потребен гласен,
синхронизиран и хармоничен дует

Во Њујорк сме застапени на највисоко можно државно ниво, со двојни сили, откако прво таму отпатува претседателот на државата, Стево Пендаровски, а потоа му се приклучи и премиерот Ковачевски. Со нив се и повеќемина министри и други државни функционери. Оттаму очекувањата на македонските граѓани и јавноста се силно да се слушне гласот на Македонија за сите неправди и преседани со кои досега се соочуваме, пред целиот свет да се предочи за кршењето на принципите и повелбите на ОН, врз грбот на Македонија. Зашто токму ОН глобално се перципираат и важат за симбол за меѓународниот поредок и глобалниот идентитет. Светските лидери доаѓаат таму да ги кажат своите визии за подобар и поправеден свет, но истовремено и да посочат на проблемите и предизвиците со кои се соочуваат нивните држави. Македонија е светски пример број 1 по направени преседани на нејзина штета, прекршено меѓународно право, прекршени резолуции, асиметрични договори и протоколи со кои се кршат основните демократски права, се негираат идентитетот, јазикот, историјата. Затоа, логично и очекувано е фокусот на нашите говори и обраќања таму да биде токму на тоа – преседаните и ултиматумите кон Македонија со што се гази и врз повелбата на ОН. Наместо тоа, во своето прво обраќање пред ОН и пред политичкиот форум, претседателот Пендаровски говореше за зголемување на уделот на обновливите извори на енергија и поддршка на климатската акција.
– Акумулираните ризици и кризи на денешницата се само предзнак на иднината што го чека нашиот свет доколку навреме не ги спроведеме Целите за одржлив развој. Само со смели, амбициозни и праведни постапки можеме да избегнеме такво сценарио. Нашата европска иднина, во суштина е заснована на одржлив развој. Не смееме да си дозволиме да чекаме поповолни услови за спроведување на Целите за одржлив развој. И нема да чекаме! Мора да го направиме – во името на сегашните и идните генерации – е пораката што ја упати претседателот Стево Пендаровски во ОН.

Ги заборавивме ли приоритетните предизвици и закани?

И сето тоа би било добро, доколку Македонија нема други многу поголеми проблеми предизвици што ѝ тежат на грб и доколку не се соочува со отворени закани за целосна асимилација и деноминација на македонскиот народ и држава.
Оттаму и претседателот и премиерот и сите државни функционери првично треба да се изборат за заштита на својот народ и својата држава, обрнувајќи внимание таму во ОН, пред светската јавност за обидите за кршење и бришење на македонската нација преку кршење на универзалната декларација на ОН. Тоа треба да биде единствената и суштинска порака на сите домашни политичари што се во Њујорк. Според аналитичарите и експертите по меѓународно право токму, ОН се вистинското место каде што треба да се проговори за притисоците и преседаните врз Македонија, но и да се побараат решенија и корекција на сите досегашни неправди врз Македонија.
– Јасно е дека македонската делегација нема да направи каков било настап во кои ќе се спомне кршењето на повисоките норми од типот јус когенс и други преврушувања на Повелбата на ООН. За жал. Сега кога може да се спомне (и треба) обидот за бугарската асимилација („бугаризацијата“) се сомневам дека ќе го направи тоа претставникот (претседател/премиер) на „РСМ“. Впрочем, нема да се спомне ниту националната анихилација преку Преспанскиот договор, со што државава нелегално беше деноминирана во Република Северна Македонија, кршејќи ги основните норми на меѓународното право.
Нема да се спомне во врска со оспорување на националниот идентитет и деноминацијата БЈРМ (спротивно на правилата на меѓународното право), односно парцијално нелегалната Резолуција на СБ на ООН 817 од 1993 – вели проф. д-р Игор Јанев, светски признаен експерт по меѓународно право.
Токму научни поткрепените и правно издржани ставови на Јанев претходно на 67-то Генерално собрание на ОН во 2012 година ги презентираше поранешниот македонски претседател Ѓорге Иванов, кога го искажа ставот дека при приемот на Македонија во ООН, Република Македонија била условена со два дополнителни услова надвор од пропишаните според Повелбата на ОН.
Според Јанев, таквите услови, посебни за македонскиот прием, се спротивни на Повелбата на ОН (на членот 4 од овој основен документ), според Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правда (од Хаг) од 1948 година, во кој е искажан ставот дека за специфични услови надвор од општите пропишани во членот 4, во време лимитирани, не смее да се гласа во ОН, ниту таквите услови можат да бидат поставувани на кандидатот за прием. Ова Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правда од 1948 година беше прифатено и од Генералното собрание на ООН истата 1948 г., како толкување на членот 4 на Повелбата, нагласува Јанев.

До крајот на годинашната сесија на ООН има уште неколку дена и уште една можност за јавно обраќање на Македонија пред ОН

Во поново време професорот Јанев застапува теза дека Преспанската спогодба е етноциден акт што не е правно валиден и поради фактот што „втората страна“ во овој договор нема валиден правен идентитет (во спогодбата во врска со идентитетот само се упатува на Резолуцијата 47/225 на ООН т.е. бројот на апликацијата за прием во ООН, без уставното име), па оттаму и самиот договор не е валиден правен акт (со што Јанев сугерира унилатерално дипломатско раскинување на ваков невалиден акт преку дипломатската нота за раскинување на договорот). Инаку, ставовите на Игор Јанев се прифатени во научната периодика во светските научни списанија и објавени во голем број меѓународни списанија.
До крајот на годинешната сесија на ООН има уште неколку дена. Претседателот Пендаровски ќе има можност најмалку уште еднаш да се обрати пред светските лидери и меѓународната јавност. Истото тоа се однесува и на премиерот Ковачевски и другите владини функционери што се во САД. Ако ја пропуштивме првата сет-топка, да не дозволиме да ги пропуштиме и другите. Зашто во спротивно мечот ќе биде загубен, а може да ги загубиме и државата и нацијата.


Некогашниот командант Форина ќе командува и со државата

Годинашната сесија на Генералното собрание на ОН донесе и еден куриозитет за Македонија кога практично целата власт е потпрена на одлуките на првиот човек на Собранието, Талат Џафери.
Моментално надвор од државата се и премиерот и претседателот, при што во нивно отсуство со државата раководи претседателот на Собранието.
Така, некогашниот командант на ОНА, познат по прекарот командант Форина, сега доби шанса да раководи и со државата. Неговата партија ДУИ подолго време излегуваше со политичко барање за 100 дена технички премиер Албанец пред изборите, но сега ненадејно добија тројна функција за својот кадар. Односно Џафери неколку дена ќе биде претседател на државата и спикер на парламентот и како највисок функционер ќе раководи со државата.
Нејасно е како кабинетот на премиерот и претседателот претходно меѓусебно не ги искоординирале отсуствата и ја довеле државата во една ваква необична положба.
Иако Владата има самонаречен прв премиер во ликот на Артан Груби, кој би требало да го менува Ковачевски, факт е дека целокупната власт сега е во рацете на двајца луѓе од една иста партија.
Според членот 82 од Уставот, првиот човек на Собранието го менува шефот на државата во отсуство на претседателот. Џафери е познат во јавноста по своето самоволно толкување на законите, Уставот и Деловникот. Сега, кога тој „де факто“ ја има целата власт во свои раце, експертите по уставно право полемизираат дека „различна е перспективата на последиците што можат да настанат во вакви услови, и доколку во целост се почитуваат Уставот и законите“!
Во овој момент Талат Џафери е највисок државен претставник, а првиот вицепремиер Артан Груби е највисок функционер во извршната власт и тој треба да ја води и седницата на Владата.