Фото: Игор Бансколиев

Од пласманот што го постигнавме секако дека сум задоволен, оти тој е и најголемиот успех во нашата машка репрезентативна одбојка. И конечниот распоред на врвот е според очекувањата, оти тоа се врвни репрезентации, вели Карановиќ

ОДБОЈКА – ЗОРАН КАРАНОВИЌ, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ОФМ

Освоеното 16-то место на 33. Европско првенство (ЕП) во одбојка, што е и најдобар пласман на македонската машка одбојка, секако придонесе на најновата ранг-листа на Светската одбојкарска федерација, Македонија да се искачи погоре, односно да се најде на 39-то место. За ова, како и за некои други прашања поврзани со организацијата на ЕП во Скопје, пласманот, идните промени во календарот, разговаравме со генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Зоран Карановиќ.
– Од делегатите и од судиското жири добивме максимална позитивна оцена околу организацијата на ЕП, односно групата што се играше во Скопје. Едноставно, довербата што ни беше укажана со организацијата во Скопје, ОФМ, односно Македонија, целосно ја оправда. Од пласманот што го постигнавме секако дека сум задоволен, оти тој е и најголемиот успех во нашата машка репрезентативна одбојка. И конечниот распоред на врвот е според очекувањата, оти тоа се врвни репрезентации, а ете и против шампионот Полска и второпласираната Италија, Македонија одигра натпревар. Тука би ги додал и репрезентациите на Франција, Словенија и на Србија, кои имаат и промена на генерациите. За разлика, на пример, од фудбалот каде што некој аутсајдер може да изненади некој фаворит, во одбојката тоа многу тешко се случува – вели Карановиќ. Г.И.


Од 2026 година ЕП ќе се играат во парни години

Заради усогласување на натпреварувачкиот календар, следното ЕП ќе биде поместено една година подоцна, па наместо во 2025 година ќе се игра во 2026-та, значи отсега тие ќе бидат во парните години, додека во непарните ќе се одржуваат светските првенства. Засега како сигурен домаќин на ЕП во 2026 година е само Германија, но очекувам да се приклучат уште три коорганизатори, оти овој принцип со четири држави се покажа како позитивен за ЦЕВ и тие сигурно ќе продолжат да инсистираат на него, вели генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија, Зоран Карановиќ.