По повод Пролетниот фестивал, во чест на поволниот почеток на Годината на змејот во кинескиот лунарен календар, почестен сум што сум заедно со вас, сонародници и пријатели од сите сфери во Северна Македонија. Пролетниот фестивал е најважниот традиционален празник на кинеската нација. Во овој прекрасен момент на збогување со старата и дочекување на новата година со радосно расположение во кругот на семејството, во име на кинеската амбасада во Северна Македонија и во мое лично име, би сакал до сите да упатам најискрени честитки и најубави новогодишни желби!
Минатата 2023 година е првата година кога целосно беше спроведен духот на 20-от Конгрес на Комунистичката партија на Кина. Под силното водство на Централниот комитет на партијата, со другарот Си Џинпинг во неговото јадро, повеќе од 1,4 милијарда Кинези се обединија и напорно работеа за сеопфатно да ја промовираат модернизацијата во кинески стил со висококвалитетен развој, притоа создавајќи величествена и возбудлива слика за новата ера. Во главните достигнувања се вбројуваат: непречената транзиција на фазата за справување со ковид-19, континуираното закрепнување и подобрување на кинеската економија, стабилниот напредок на висококвалитетниот развој, одвивањето на отворање кон светот на високо ниво, напредокот во областа на научните и технолошките иновации и забрзаниот раст на квалитетот на продуктивноста. Кина продолжи да дава силен поттик за светската економија, ги сподели своите можности со светот и истиот тој го прифати со поотворен, инклузивен, самоуверен и независен став. Кинескиот народ и луѓето во остатокот од светот се просветлуваат едни со други и рамо до рамо се движат напред.
Минатата 2023 година беше годината на пионерство и жнеење за кинеската дипломатија. Преку личниот импулс и придонес на претседателот Си Џинпинг, дипломатијата на ниво на државни лидери се интензивираше, ние солидно ја унапредивме изградбата на заедница со заедничка иднина за човештвото, успешно ги свикавме третиот форум „Појас и пат“ за меѓународна соработка и првиот самит Кина – Централна Азија и промовиравме историско помирување помеѓу Саудиска Арабија и Иран. БРИКС исто така постигна историско проширување. На крајот на годината, успешно беше одржана централната конференција за работа поврзана со надворешна политика, на која беше истакнато градењето заедница со заедничка иднина за човештвото, воспоставување висока цел за дипломатијата на големата земја со кинески карактеристики, притоа развејувајќи го славното знаме за развојот и напредокот на човечкото општество.
Минатата 2023 година беше година на развој на односите Кина – Северна Македонија. Заеднички ја прославивме 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Претседателот Си Џинпинг и претседателот Стево Пендаровски разменија честитки, утврдувајќи ја насоката на односите Кина – Северна Македонија на новата почетна точка. Неколку делегации, меѓу кои и оние предводени од н.е. Ву Хонгбо, специјален претставник на кинеската влада за европски прашања, и н.е. Џијанг Ју, специјален претставник за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, ја посетија Северна Македонија. Јас и моите колеги патувавме низ цела Северна Македонија, од посета на високи владини претставници до локалните власти, од разговори со тинк-тенкови и академски кругови до посета на компании и универзитети, навистина почувствувавме дека меѓусебната политичка доверба меѓу двете земји продолжува да се продлабочува, дека е ставен акцент на размената и меѓусебното учење, а пријателството меѓу нашите две земји ќе продолжи да се пренесува уште долго.
Минатата 2023 година исто така беше година на продуктивната и „вин-вин“ соработка меѓу Кина и Северна Македонија. Северна Македонија е активен учесник на висококвалитетната соработка „Појас и пат“ и соработката меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Во првите 11 месеци од 2023 година, вкупниот трговски обем меѓу двете земји надмина 1,1 милијарда американски долари, со што Кина стана четвртиот најголем трговски партнер на Северна Македонија. Неколку значајни проекти изградени од кинески компании, како што е автопатот Кичево – Охрид, постојано напредуваат, а компаниите со кинески инвестиции, како што се „Џојсон сејфти системс Македонија ДООЕЛ“, АРЦ и ЈФА, работат непречено. Во текот на овие 10 години од основањето на институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, непрекинато расте ентузијазмот на луѓето за учење на кинескиот јазик. Многумина претставници од македонски винарници учествувале на изложби во Кина, презентирајќи ги своите висококвалитетни вина на кинеските трпези. Амбасадата успешно одржа низа активности, како што се Б2Б конференција Кина – Северна Македонија, Семинарот за соработка во областа на медицинската технологија и индустриските инвестиции итн., кои промовираа значителен напредок на соработката во областа на новите енергетски ресурси, туризмот, биомедицината и друго.
Овие достигнувања се должат и на поддршката и напорите на сите присутни сонародници и пријатели од сите сфери во Северна Македонија, кои се залагаат за унапредување на практичната соработка меѓу двете земји и пријателската размена меѓу луѓето. Во име на амбасадата, би сакал да ги изразам мојата благодарност и почит до сите за вашите заложби!
Почитувани гости, сонародници и пријатели, во 2024 година се одбележува 75- годишнината од основањето на Народна Република Кина. Оваа година е и од важно значење за остварувањето на целите и задачите определени од 14-от петгодишен план на Кина. Оваа 2024-та исто така е важна година и за Северна Македонија, во која ќе се одржат парламентарни и претседателски избори. Во новата година, водена од духот на честитките од двајцата државни лидери, следејќи ги фундаменталните принципи и отворајќи нови терени со поглед кон иднината, кинеската амбасада ќе даде максимум за понатамошното продлабочување на соработката во областа на политиката, економијата, културата итн. меѓу двете земји. Ние ќе работиме со Северна Македонија за да ја промовираме изградбата на заедница со заедничка иднина за човештвото, во интерес на двете земји и нивните народи. Исто така, ние активно ќе го практикуваме принципот на „дипломатија за народот“, цврсто заштитувајќи ги легитимните права и интереси на нашите граѓани во странство, и ќе побараме подобра средина за работа и живот на нашите сограѓани во Северна Македонија.
Почитувани гости, сонародници и пријатели, Пролетниот фестивал носи некои од основните концепти на кинеската цивилизација, како што се мирот и хармонијата. Ги носи и заедничките универзални вредности на целото човештво, како што се семејната хармонија, општествената инклузивност и хармоничниот соживот помеѓу човештвото и природата. Во лунарниот календар оваа година е Годината на змејот. Змејот е уникатен културен тотем на кинеската нација, кој симболизира мудрост, сила и авторитет, како и просперитет и среќа. Заедно да наздравиме и на сите гости да им посакаме бериќетна нова година, просперитет за нашата голема татковина, среќа и здравје за народите на двете земји и вечно пријателство меѓу Кина и Северна Македонија!