Фото: Влада

САД гледаат цврст пријател во Македонија, која е многу ценет сојузник во НАТО во време кога тоа навистина значи, и благодарни се на солидарноста, лидерството за Украина, за дадената помош за нејзина одбрана од руската агресија. Ова синоќа го изјави синоќа државниот секретар Ентони Блинкен.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски деновиве е во официјална посета на Вашингтон и пред средбата со неговиот американски колега што синоќа сe одржа во Стејт департменот, двајцата дадоа изјава за новинарите.

– Односите меѓу Соединетите Држави и Северна Македонија се повеќестрани, силни и пред сѐ, засновани на вредности – истакна Ковачевски.

Тој рече дека „благодарејќи на ова стратешко партнерство, Северна Македонија во изминатите децении е во можност да донесе мошне тешки, но храбри одлуки, и овие визионерски одлуки ја внесија земјата во НАТО, овозможија отварање на пристапните преговори со Европската Унија и претседавање со ОБСЕ во текот на најтешката година во Европа по Втората светск војна“.

Блинкен од своја страна истакна дека САД длабоко го ценат лидерството на Македонија во „ова мошне тешко време за ОБСЕ, и со тоа влијаат позитивно на состојбите“.

– Претстојат обемни разговори за сѐ што споменав, но и за подобрување на такви нешта како поголема енергетска сигурност во регионот и за Северна Македонија. Работи што треба да се завршат и се мошне витални во борбата со лажната информација и дезинформацијата – изјави Блинкен.

Ковачевски рече дека САД и Македонија споделуваат исти системи на вредности.

– Затоа ние стоиме зад нашата одлука да ја поддржима Украина во нејзината борба за слобода и во нејзините напори да го зачува суверенитетот и територијалниот интегритет. Затоа ја израмнивме на 100 отсто нашата надворешна политика со надворешната политика на Европската Унија на првиот ден од бруталниот напад на Русија врз Украина. И се докажавме како сигурен партнер на НАТО. Северна Македонија ги цени САД како близок и сигурен пријател, како НАТО сојузник и сигурен партнер на нашиот пат кон членство во Европската Унија, и признава дека се фактор на стабилност во регионот – изјави Ковачевски.


Потпишан меморандум за создавање партнерство против дезинформациите

Премиерот Димитар Ковачевски, во рамки на работната посета на Вашингтон, оствари средба со Џејмс П. Рубин, специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, известуваат од Владата.

– На средбата Ковачевски и Рубин потпишаа Меморандум меѓу САД и Северна Македонија за создавање стратешко партнерство за борба против дезинформации, што ќе им овозможи на двете држави интензивна соработка во спротивставување на манипулациите со информациите – соопштуваат од Владата.

Оттаму посочуваат дека Македонија и САД трајната врска ја градат врз заеднички вредности и принципи како слободата, демократијата, правдата и владеење на правото.

– Претседателот на Владата изрази благодарност за соработката и ја потенцираше важноста на Меморандумот констатирајќи дека ова претставува огромна поддршка за Северна Македонија во градењето цврста демократија – информираат од владината прес-служба.

Од Владата потенцираат дека пријателството меѓу Македонија и САД е гаранција за стабилноста и просперитетот на нашата држава, како и на цел Западен Балкан.