Фото: Архива

Поглед на вредносниот систем, желбите, карактерот, вистинската природа и светогледот на кандидатите за македонски претседател (4)

Прустов прашалник

Овој прашалник, според авторот Марсел Пруст, е начин да се стекне што подлабок поглед во човековата личност. Преку одговорите се разоткриваат вредносниот систем, желбите, карактерот, вистинската природа и светогледот на испитаникот. Редакцијата во соработка со авторот е длабоко уверена дека граѓаните ќе добијат една поцелосна слика за личноста, пополнувајќи го мозаикот за испитаникот што е сега кандидат за претседател на Македонија, и дека тоа ќе им помогне во одлуката да го дадат својот глас за личноста што според нивната перцепција е најблиску до идеален претседател на државата.

Прустов прашалник за Максим Димитриевски

Каква е Вашата претстава за совршена среќа?
– Мир, здравје, љубов и позитивна енергија

Кој е Вашиот најголем страв?
– Загуба на близок.

Со која историска личност можете да се идентификувате?
– Со Марко Аврелиј.

На која жива личност најмногу ѝ се воодушевувате?
– Новак Ѓоковиќ.

Која Ваша особина не Ви се допаѓа?
– Имам преголемо ниво на доверба во други лица.

Која е Вашата најголема екстраваганција?
– Спонтаноста и непосредноста.

Каде најмногу сакате да патувате?
– Сафари и Килиманџаро.

За која особина на личноста мислите дека е најмногу преценета?
– Кај одредени лица често е преценета искреноста, бидејќи не секогаш е вистинска.

Дали во некои ситуации лажете?
– Не, ја ценам искреноста.

Што не Ви се допаѓа во Вашиот физички изглед?
– Прераното напуштање на косата.

Кои зборови или реченици премногу често ги користите?
– Знам, за наша Македонија.

Кое е Вашето најголемо каење?
– Лоша процена во одредени одлуки.

Која е Вашата животна љубов?
– Мојот животен партнер, сопругата Надица.

Каде и кога сте се чувствувале најсреќно?
– Кога станав родител.

Каков талент би сакале да имате?
– Да бидам пилот.

Како се чувствувате во моментот?
– Среќно и задоволно.

Кој е Вашиот најголем успех?
– Моето семејство.

Доколку по смртта би се вратиле на овој свет, како личност или предмет, што би сакале да бидете?
– Човек.

Кој е најдрагоцениот предмет што го поседувате?
– Децата.

Што е страдање за Вас?
– Чувство на вина.

Со која професија би сакале да се занимавате?
– Со општествено дејствување – политика.

На кого сакате да се угледате во животот?
– На мојот дедо.

Кој е Ваш омилен писател, а кој сликар?
– Мигуел де Сервантес и Пабло Пикасо.

Кој е Ваш омилен фиктивен јунак?
– Супермен.

Каде би сакале да живеете?
– Куманово.

Што најмногу мразите?
– Лицемерство и лажење.

Како би сакале да умрете (кога ќе дојде време за тоа)?
– Природна смрт.

Кое е Вашето мото?
– Бори се докрај!


Од А до Ш со Максим Димитриевски

А – Алтруист, го мотивираат блиските за нови предизвици, ги сака луѓето.

Б – Борбен, секогаш се бори за своите идеи и идеали.

В – Великодушен, има широчина да му помогне секому.

Г – Гурман, ужива во храната.

Д – Друштвен, сака да се дружи со пријателите.

Ѓ – Ѓурѓовден, убава песна.

Е – Елоквентен, знае убаво да се изразува.

Ж – Жилав, отпорен на кинење,тежок – некршлив.

З – Забавен, сака забава и добра музика.

Ѕ – Ѕвезда, секогаш постои нова надеж.

И – Иницијатор, секогаш прв во нештата.

Ј – Јасен, разбирлив во говорот.

К – Компромисен, подготвен да најде заедничко решение во интерес на сите.

Л – Лојален, верен кон идејата.

Љ – Љубезен, добро се однесува кон другите.
М – Морален, секогаш држи до духовното и интелектуалното.

Н – Надежен, секогаш ги остварува очекувањата.

Њ – Њујорк, град што не стои.

О – Оригинален, свој на своето.

П – Перспективен, секогаш се труди да успее.

Р – Рационален, разумен при решавање состојби.

С – Самоуверен, високо ниво на самодоверба.

Т – Темпераментен, во духот на градот.
Ќ – Ќуд, има свој нарав, табиет, упорен.

У – Универзален, спојува теорија и пракса.

Ф – Флексибилен, приспособлив кон ситуацијата.

Х – Харизматичен, има одлични комуникациски вештини, со големо ниво на убедливост.

Ц – Церемонијален, сака да работи по протокол.

Ч – Човек, ти си само човек.

Џ – Џентлмен, пристоен.

Ш – Шармантен, допадлив на луѓето.


Од А до Ш со…

Проектот содржи одговори дадени од страна на претседателските кандидати за тоа кој поим или појава им доаѓа на памет како асоцијација при изговарањето на 31 буква од македонската азбука. Имено, за секоја буква се избира збор, кој се објаснува со една или две реченици. Всушност, се претставуваат поимите од вредносниот систем на испитаникот (вредносни начела, животни принципи, личности, настани, места итн., а по избор на личноста што пополнува).