Фото: „Нова Македонија“

Поглед на вредносниот систем, желбите, карактерот, вистинската природа и светогледот на кандидатите за македонски претседател (3)

Прустов прашалник

Овој прашалник, според авторот Марсел Пруст, е начин да се стекне што подлабок поглед во човековата личност. Преку одговорите се разоткриваат вредносниот систем, желбите, карактерот, вистинската природа и светогледот на испитаникот. Редакцијата во соработка со авторот е длабоко уверена дека граѓаните ќе добијат една поцелосна слика за личноста, пополнувајќи го мозаикот за испитаникот што е сега кандидат за претседател на Македонија, и дека тоа ќе им помогне во одлуката да го дадат својот глас за личноста што според нивната перцепција е најблиску до идеален претседател на државата.

Прустов прашалник за Стевчо Јакимовски

Каква е Вашата претстава за совршена среќа?
– Да ти е жива и здрава фамилијата.

Кој е Вашиот најголем страв?
– Најмногу се плашам од војна.

Со која историска личност можете да се идентификувате?
– Со Јосип Броз-Тито.

На која жива личност најмногу ѝ се воодушевувате?
– Новак Ѓоковиќ.

Која Ваша особина не Ви се допаѓа?
– Ме мрзи да ги чистам чевлите.

Која е Вашата најголема екстраваганција?
– Не трпам неправда.

Каде најмногу сакате да патувате?
– Во Подржикоњ.

За која особина на личноста мислите дека е најмногу преценета?
– Физичкиот изглед.

Дали во некои ситуации лажете?
– Само еднаш и никогаш повеќе.

Што не Ви се допаѓа во Вашиот физички изглед?
– Стомакот.

Кои зборови или реченици премногу често ги користите?
– Така ли е или не е така, итн. и често го употребувам зборот „значи“.

Кое е Вашето најголемо каење?
– Не се каам за ништо во животот. Повторно да се родам, сѐ исто би направил. Само плус би свирел на еден музички инструмент.

Која е Вашата животна љубов?
– Љубовта што ја давам и ја добивам од семејството.

Каде и кога сте се чувствувале најсреќно?
– Кога ми се роди внукот Дарио.

Каков талент би сакале да имате?
– Талент за музика.
Како се чувствувате во моментот?
– Малку разнишан од пролетниот вирус.

Кој е Вашиот најголем успех?
– Да имам двајца прекрасни синови.

Доколку по смртта би се вратиле на овој свет, како личност или предмет, што би сакале да бидете?
– Пак би сакал да бидам истото. Сѐ да биде исто. Дури и оној домашен притвор.

Кој е најдрагоцениот предмет што го поседувате?
– Една шолја за млеко што ја донел дедо ми во 1939 година од Германија, кога работел кај Хитлер во рудник. Инаку, чашата ја украл, а ако го фателе, ќе добиел таканаречен „црн лагер“, кој не знае што е нека прочита.

Што е страдање за Вас?
– Страдање е да имаш болен близок човек и да не можеш да му помогнеш.

Со која професија би сакале да се занимавате?
– Задоволен сум и исполнет со ова занимање што го имам.

На кого сакате да се угледате во животот?
– На Новак Ѓоковиќ.

Кој е Ваш омилен писател, а кој сликар?
– Сликар Чемерски, поети што ме фасцинирале се Коста Рацин, Његош, Фредерико Гарсија Лорка, а писатели Толстој, Пушкин, Достоевски и Иво Андриќ.

Кој е Ваш омилен фиктивен јунак?
– Мачорот Том.

Каде би сакале да живеете?
– Само во Скопје.

Што најмногу мразите?
– Лага и неискреност.

Како би сакале да умрете (кога ќе дојде време за тоа)?
– Покрај своите најблиски.

Кое е Вашето мото?
– Упорност, принципиелност и храброст.


Од А до Ш со Стевчо Јакимовски

А – Александар Македонски
Б – Борба
В – Вистина
Г – ГРОМ
Д – Дедо
Ѓ – Ѓорче Петров
Е – Елизабета
Ж – Жаба
З – Занает
Ѕ – Ѕвоно
И – Илинден
Ј – Јакимовски
К – Карате
Л – Лепенец
Љ – Љубов
М – Мајка
Н – Новак
Њ – Његош
О – Окупација
П – Претседател
Р – Раде татко ми
С – Стевче
Т – Торонто
Ќ – Ќутук
У – Урош
Ф – Финска
Х – Храбро
Ц – Цреша
Ч – Чавка
Џ – Џордан
Ш – Шестар


Од А до Ш со…

Проектот содржи одговори дадени од страна на претседателските кандидати за тоа кој поим или појава им доаѓа на памет како асоцијација при изговарањето на 31 буква од македонската азбука. Имено, за секоја буква се избира збор, кој се објаснува со една или две реченици. Всушност, се претставуваат поимите од вредносниот систем на испитаникот (вредносни начела, животни принципи, личности, настани, места итн., а по избор на личноста што пополнува).