Претставниците на речиси сите етнички заедници наведени во македонскиот устав, но и оние со амбиција да бидат дел од него, „педантно“ изразија незадоволство и сомнеж во резултатите на пописот, со што дадоа придонес во генерирањето општествен амбиент на недоверба и остра етничка поделеност.
Според нашите соговорници, национално-етнички организираните партии се генераторот на општествените поделби, кои сега најтранспарентно се манифестираа и со пописот
Како ја претвораат најголемата статистичка операција во акцелератор на општествени поделби и недоверба
Најавите за непризнавање на резултатите од пописот, во случај да не ги задоволат автопроекциите (и амбициите за бројноста) на повеќе етнички заедници во Македонија, беа активирани уште пред неговото теренско спроведување. Таквите најави за непризнавање на резултатите од пописот доаѓаа како од лидерите на етничките партии така и од високи државни службеници на раководни позиции, и тоа токму во Државниот завод за статистика (ДЗС), како на пример од заменик-директорот Иљми Селами.
Пописот под постојани закани за непризнавање на резултатите
Всушност, целата статистичка операција – пописот, е постојано под закани за непризнавање на резултатите, а парадоксално, од неа се очекуваа (и сѐ уште се очекуваат) аргументи за „добивање нови политички концесии од речиси сите етнички заедници во земјава, претставувани од соодветните партии“.
Покрај изразените (не)задоволства од методологијата на пописот и недоумиците што ги предизвика попишувањето на резидентно и нерезидентно население, партиите од албанскиот етнички кампус веќе го подигнуваат гласот за отворање на Уставот и доделување статус на официјалност на албанскиот јазик.
– Албанскиот треба да биде официјален јазик и да се нарекува како албански, а не како јазик на „20 проценти“. Албанскиот јазик не може да се означува со проценти, со плус или со минус. Тој е рамноправен со македонскиот јазик. Законот за јазикот беше донесен, оти тоа беше нашиот услов кога ние бевме во Владата. А да не бевме со тој услов, ќе останевме со законот на Али Ахмети – изјавува Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците, на телевизиско гостување.
Претставниците на Ромите реагираа веднаш по објавувањето на резултатите од пописот, незадоволни од попишаната процентуална застапеност. Претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, реагираше со оцена дека пописот бил „срамота“, а тој што го спровел треба кривично да одговара. Тој најави нов попис, кој од куќа на куќа ќе го спроведат Ромите во Македонија.
– Овој попис е срамота и ние не го признаваме и тој што го спровел треба кривично да одговара. Ние ќе се жалиме до странските амбасади, до Брисел и до Вашингтон и наскоро ќе започнемe операција во која ќе докажеме дека овој попис е фалсификуван и дека Ромите наместо реално да бидат над 7 проценти, како трет по број етникум во државата, се катастрофално оштетени – вели Ибраимовски и изведува заклучок дека целиот попис е направен со една цел – како да се обезбедат и фризираат бројките и потребниот сооднос на застапеност на Албанците.
Сомневање во резултатите од пописот изрази и Иван Стоиљковиќ, пратеник и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, кој е сериозно загрижен што нема објаснување како бројката на припадниците на српската заедница е за третина и повеќе намалена од 2002 година, односно од 36.000 на минатиот попис, сега е сведена на бројност од 23.000.
– Кај нас во партијата има 7.000 поединечни пристапници. На секоја кампања, како политичка партија, посетуваме од 6.000 до 8.000 српски семејства. А што е со припадниците на српската заедница што членуваат во другите српски партии, со тие во ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите партии? Само по себе се наметнува дека бројките не содејствуваат со реалноста – вели Стоиљковиќ, истакнувајќи дека исчезнување на една третина од некоја национална заедница е невозможно.
И претставниците на другите етнички заедници наведени во македонскиот устав, но и оние со амбиција да бидат дел од него, „уредно“ изразија незадоволство и сомнеж во резултатите на пописот, со што дадоа придонес во генерирањето општествен амбиент на недоверба и остра етничка поделеност.
Во општество, чиј политички концепт е базиран на национално организирани партии, речиси е неизбежна поделеноста
Ваквата манифестација на парцијална грижа само за интересите на својата етничка заедница, според политичките аналитичари, произлегува од тоа што од бројноста изразена во пописот зависи степенот на остварување на правата. Секогаш се истакнува дека така е наметнато со Охридскиот рамковен договор, кој е составен дел од Уставот.
– Во општество, чиј политички концепт е базиран на национално организирани партии, речиси е неизбежна манифестација на поделеност, односно себично инсистирање на права само за сопствената етничка заедница. Дури и најпринципиелниот, најдемократски и најпатриотски лидер на етничка партија, во дилемата на избор меѓу општествениот интерес и партикуларните интереси на неговата партија (која претставува одредена етничка заедница), предност ќе им даде на интересите на етничката заедница, која впрочем го гласа и избира за да ги застапува нејзините интереси. Во колизијата меѓу општествениот и етничкиот интерес, редовно победува логиката на партикуларните интереси. Тоа е речиси безизлезна општествена ситуација, кога никој од лидерите на политичките партии не може да си дозволи луксуз да не биде етнички себичен. Никој не е подготвен да отстапи од национал-етничките придобивки, во интерес на заедништвото на општеството. Национално-етнички организираните партии се генераторот на општествените поделби, кои сега се манифестираат и со пописот. Во реалност ја имаме апсурдноста на поговорката – двапати сечам, пак е кусо! – вели Ферид Мухиќ, универзитетски професор по филозофија.
Инаку, резултатите од пописот говорат за вкупното попишано население, кое изнесува 2.097.319 лица. Од нив, 54,21 отсто се изјасниле како Македонци, 29,52 се Албанци, 3,98 Турци, 2,34 Роми, 1,18 Срби, 0,87 Бошњаци и 0,44 Власи. Потоа се наведува дека вкупното резидентно население е 1.836.713 лица, а нерезидентното 260.606 лица. Односно, од вкупното резидентно население 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци, додека од нерезидентното население опфатено со пописот 24,45 се Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби и 0,81 Бошњаци.