Низа важни средби и одлуки го обележуваат самитот на НАТО
Премиерот Христијан Мицкоски упати ставови со недвосмислен и решителен тон
Силни ставови за враќање на достоинството, со нагласување дека поминало времето на свиткан ’рбет и корумпирани политичари што биле подготвени да потпишат сѐ и да го прифатат секое понижување, упати премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон, каде што ја предводи македонската владина делегација на самитот по повод 75-годишнината на НАТО.
– Долго време регионот и Македонија беа заложници на минатото. Потребно е да се фокусираме на иднината. Да бидеме добри соседи, да се разбираме и да соработуваме.
Да ја направиме Македонија повторно горда, но и да го направиме Балканот повторно горд. Тоа е она на кое јас, како претседател на Владата, ќе бидам фокусиран во годините што следуваат – истакна Мицкоски од Вашингтон.
Тој кажа и оти партнерството и добрососедството претставуваат двонасочна улица.
– Помина времето на свиткани кичми, помина времето на корумпирани политичари што доаѓаат од Македонија и кои се подготвени да направат буквално сѐ за да ја заштитат својата корупција и криминал. Да потпишат сѐ, да го прифатат секое понижување што ќе им биде понудено на маса. Тоа време е веќе минато. Мораме да зборуваме како вистински партнери и соседи, бидејќи партнерството и добрососедството се двонасочна улица. Ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме. Навистина даваме сѐ од себе да го повратиме она изгубено достоинство, кое изминатите седум години, за жал, го немавме, не се само тука во Вашингтон туку насекаде во светот – наведе Мицкоски.
Премиерот посочи и дека македонската делегација поминала динамичен ден со многубројни состаноци, при што тој имал разговори со бугарскиот премиер Димитар Главчев, албанскиот премиер Еди Рама, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. А ги издвои и средбите со италијанската премиерка Џорџа Мелони и со шпанскиот колега Педро Санчез. Мицкоски присуствуваше и на вечерата во Белата куќа организирана од американскиот претседател Џо Бајден за шефовите на држави и влади учесници на самитот. П.Р.
Главчев направи демократски исчекор правејќи дистинкција меѓу двата соседи и засебни народи
Бугарскиот премиер Димитар Главчев при обраќање на самитот во Вашингтон, по средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, зборувајќи за спуштање на тензиите, направи значаен исчекор, отворено правејќи јасна дистинкција помеѓу двата народа – македонскиот и бугарскиот.
– Најмногу разговарав со Мицкоски. Бевме на исто мислење дека треба да се намали тензијата во говорот. Меѓу граѓаните, меѓу народите на двете соседни земји нема тензии и политичарите, ако не помагаат да се развиваат подобро односите, барем да не пречат – истакна Главчев. П.Р.