Поетот што пишуваше за благородниот македонски патриотизам

„Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза“ – Никола Вапцаров, „Реферат“, 1938 година

Повод: 114 години од раѓањето на Никола Вапцаров

На денешен ден, 7 декември 1909 година, е роден Никола Вапцаров, еден од најзначајните македонски национални дејци помеѓу двете светски војни и еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија. Како поет останува запаметен по песните „Земја“ и „Илинденска“, кои се одликуваат со македонски патриотизам. Како македонски национален деец, останува запаметен и по рефератот со кој се конципира идеолошката и национална дејност на Македонскиот литературен кружок. Меѓу другото, во овој реферат Вапцаров го нагласил лозунгот за „слободна и независна Македонија“ како програмски стремеж, а наедно и нагласил: „Ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала искра од благороден патриотизам, овој пат треба да го впрегнеме, ропски да го впрегнеме за да понесеме дел од тежината на едно дело и жестоко величие на една епоха“.

Никола Вапцаров потекнува од македонско патриотско и револуционерно семејство, негов татко е Јонко Вапцаров, истакнат македонски револуционер и војвода од илинденскиот период, соработник на Јане Сандански, а учествува и во фамозната афера мис Стоун. Револуционерната македонска средина влијаела во бунтовничкиот карактер на Никола Вапцаров, како и во љубовта кон Македонија како негова татковина.

Вапцаров започнал да пишува уште додека работел во фабриката во Кочериново, каде што напишал една драма за експлоатацијата на работниците. Неговата книжевна дејност продолжила и по преселбата во Софија, каде што своите песни ги објавувал во напредните весници и списанија. Во тој период неговата песна „Романтика“ ја добила наградата на анонимниот конкурс во списанието „Летец“, а исто така победил и на конкурсот за радиодрама, но откако било откриено кој е авторот, драмата не била поставена. Подоцна, кога малку се подобрила неговата материјална положба, Вапцаров ги собрал своите песни и ја објавил збирката „Моторни песни“. Притоа, тој ги обиколувал издавачите во Софија, но никој не сакал да ја објави книгата, така што тој и сопругата зеле пари на заем и ја објавиле книгата како сопствено издание. За да се скрие од власта, тој се потпишал само како Никола Јонков. Според сведоштвото на неговата сопруга, во тој период името на Вапцаров било игнорирано не само од официјалната туку и од прогресивната книжевна критика. И покрај тоа, Вапцаров бил многу ценет од неговите другари и уживал голема популарност кај прогресивните читатели, а неговите песни често биле рецитирани на многубројните забави и вечеринки.

Како антифашист, на 4 март 1942 година Вапцаров бил уапсен, заедно со Атанас Романов и Антон Попов, по што бил подложен на измачување од полицијата во текот на четири месеци. Заедно со поголема група антифашисти, во судскиот процес Вапцаров бил осуден на смртна казна, без право на жалба. На 23 јули 1942 година, во 11 часот, во присуство на најблиските, на Вапцаров и на другите осудени им била прочитана пресудата. Истата вечер, во 21.10 часот, Никола Вапцаров и Антон Попов заедно со четворица други биле стрелани во дворот на една софиска касарна.

Д.Ст.


Македонскиот литературен кружок

Македонскиот литературен кружок во Софија претставува една од најзначајните пројави во литературно-културниот континуитет и развитокот на македонската национална мисла. Тој е директно продолжение на националната мисла изразена во Словеномакедонската книжевна дружина на Ѓорѓи Пулевски од 1888 година и Младата македонска книжовна дружина од 1890 година, како и на Македонското научно-литературно другарство од Санкт Петербург.
Кружокот бил формиран во август 1936 година, околу редакторите на весникот „Македонски вести“ во Софија. Меѓутоа набрзо потоа споменатиот весник бил укинат, а неговите редактори биле гонети. Во периодот 1937-1938 година, кружокот е нелегален и егзистира под името Македонски литературен-публицистички кружок „Нација и култура“. Програмски бил обновен во 1939 година, а неговото јадро се состоело од Никола Вапцаров, Антон Попов, Михаил Сматракалев (Ангел Жаров), Кирил Николов, Ѓорѓи Абаџиев, Асен Шурдов и др. Член на кружокот бил и Димитар Митрев, познат македонски научник и општественик. Подоцна во кружокот беа опфатени уште и македонските поети Коле Неделковски и Венко Марковски и новинарот Митко Зафировски.

Меѓу другото, кружокот ги разгледувал творбите на членовите, како и актуелни теми што се поврзани со македонскиот национален развиток и култура. Опширно била истражувана и книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, а свој реферати за нејзиното значење дале Никола Вапцаров и Антон Попов. „За македонцките работи“ била пронајдена од Коле Неделковски, а на 18 мај 1940 година Неделковски, од името на Кружокот, му пишал на д-р Сергеј Крсте Мисирков, синот на Крсте Мисирков, кој тогаш живеел и работел во градот Елена.