Некои од енергетичарите и претставниците на бизнис-секторот отворено искажуваат сомневања во однос на плановите на Владата за забрзана зелена транзиција и преминување на обновливи извори на енергија, што би се одвивало на сметка на затворањето на двете термоцентрали во Битола и во Осломеј. Оттаму произлегуваат и сугестиите Македонија на претстојниот климатски самит КОП28 во Дубаи, кој почнува на 30 ноември, да побара и пролонгирање на роковите за целосно откажување од јагленот во македонските термоцентрали
Неопходно пролонгирање на роковите за целосно откажување од јагленот во македонските термоцентрали (2)
Може ли Македонија да ја оствари високопоставената цел до 2030 година целосно да го намали и исклучи користењето на јаглен за производство на електрична енергија, а притоа да не ја загрози и сигурноста во снабдувањето со струја што би се добивала од домашни производствени капацитети? Голем дел енергетичари и претставници на бизнис-секторот отворено искажуваат сомневања во однос на плановите на Владата за забрзана зелена транзиција и преминување на обновливи извори на енергија, што би се одвивало на сметка на затворањето на двете термоцентрали во Битола и во Осломеј. Оттаму произлегуваат и сугестиите Македонија на претстојниот климатски самит КОП28 во Дубаи, кој почнува на 30 ноември, да побара и пролонгирање на роковите за целосно откажување од јагленот во македонските термоцентрали. Како аргумент за тоа се наведува и тоа што учеството на обновливата енергија во 2023 година изнесува 26 отсто од вкупното домашно производство на струја, што во добар дел ги намалува амбициозните планови за пребрзото откажување од јагленот, кој сега учествува со околу 40 отсто во задоволувањето на домашното производство на струја.
Македонија е во процес на трансформирање на својот енергетски сектор во многу аспекти, како што е инсталирањето фотоволтаични и ветерни централи. Но тоа е само еден мал (и несигурен) сегмент од долгорочната енергетска стратегија, која би требало да нѐ одведе до сигурно и самоодржливо производство на електрична енергија. Новиот енергетски систем на Македонија, како што официјално се планира, треба „да се потпира на увоз на гас“. Но за негова реализација се потребни повеќе години и многу финансиски средства. Поради тоа Македонија ќе биде вклучена во планот за финансиска помош од четири милијарди евра за енергетска транзиција од јаглен кон обновливи извори на енергија. Тој енергетски план е поддржан од меѓународните финансиски институции, меѓу кои и од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и од Светската банка. Помошта се однесува на група земји, а за Македонија се предвидува затворање на двете централи на јаглен во земјава (во Битола и во Осломеј) и нивна замена со 1,7 гигават обновлива енергија. Двете „обновливи“ централи ќе имаат инсталирана моќност од околу 800 мегавати.
Еволутивна енергетска транзиција
Министерот за економија Крешник Бектеши на претстојната 28. меѓународна конференција на Обединетите нации за климатски промени КОП28 во Дубаи ќе ја претстави инвестициската програма за енергетската транзиција на Македонија. Како што информираа од Министерството, инвестицискиот план е структуриран во три дела: реализација на проекти со потенцијална пренамена на електроцентралите што работат на јаглен со дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија, економска регенерација на Пелагонискиот и Југозападниот Регион и подобрување на енергетската ефикасност и користењето чиста топлина и програма за децентрализирано производство. Сепак, експертите се сомневаат за побрза реализација на зеленото енергетско сценарио и, според нив, на Македонија ѝ е потребна еволутивна транзиција кон обновливи извори на енергија. Професорот Ристо Филкоски од Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет укажува на потребата од изградба на нов блок на природен гас со моќност од 300 мегавати. Но за тоа ќе треба да се обезбеди дополнително снабдување со гас.
– Домашните енергетски објекти треба да се одржуваат, а не да се избрзува со нивно затворање. Исклучително е важно да се вложат искрени сериозни напори за изградба на нови објекти, заради покривање на базните потреби за енергија – вели Филкоски.
Тој предупредува дека можностите за брза транзиција се мошне ограничени, речиси и нереални, поради повеќе причини.
За универзитетскиот професор Ристо Цицонков, досегашните инвестиции во фотоволтаици кај Осломеј – Кичево и дополнително во РЕК „Битола“ се недоволни за да бидат замена за сегашните термоцентрали на јаглен. Сегашните енергетски капацитети во РЕК „Битола“ се со три блока по 230 мегавати, a во Кичево со 120 мегавати, а пак ТЕЦ „Неготино“ (мазут) со 220 мегавати. Според него, Македонија треба што подолго да ги одржува во производство термоцентралите во РЕК „Битола“, додека има јаглен и додека е функционална застарената опрема.
Богатите земји енормно загадуваат во индустриското производство во споредба со земјите во развој
Користењето електрична енергија добиена во централа на штетни гасови го загрозува здравјето на граѓаните и ја загадува животната околина. Токму тој аргумент беше истакнуван од меѓународните енергетски заедници за неопходноста од затворање на термоцентралите во Западен Балкан, кои се посочуваат како најголеми емитери на јаглерод диоксид. Но, експертите забележуваат дека највисоката цена на борбата за чиста животна средина не треба да ја плаќаат најсиромашните земји во развој, кои се и помали загадувачи во однос на високоразвиените економии.
Најбогатите во светот предизвикале штетни гасови колку пет милијарди луѓе на планетата, покажува новата анализа на организацијата за развој „Оксфам“. Во 2019 година најголем процент светско население од богатите земји предизвикало стакленички гасови што ја оштетуваат климата колку пет милијарди луѓе на планетата, се наведува во извештајот „Климатска еднаквост: планета за 99 проценти“, кој е претставен пред Светската климатска конференција на ОН, КОП28.
Во Германија во 2019 година богатите жители предизвикале вкупно 83,3 тони емисии на јаглерод диоксид по жител. Тоа е над 15 пати повеќе од посиромашната половина од германското население, која годишно предизвикува 5,4 тони јаглерод диоксид по жител.
– Преку својата екстремна потрошувачка, богатите и супербогатите ја поттикнуваат климатската криза, која им се заканува на милијарди луѓе со топлотни бранови, суши и поплави, особено во земјите со ниски приходи на Глобалниот Југ – изјави референтот за прашања за социјалната нееднаквост во „Оксфам“, Мануел Шмит.
Екстремното богатство е клучна движечка сила за климатската криза.
Токму во тој контекст, сите наши соговорници ја поттикнуваат идејата неразвиените земји легитимно да побараат и понатаму да ги користат капацитетите за производство на енергија од фосилни горива, бидејќи емисијата на стакленички гасови кај нив е околу 1 процент. Придвижувањето на зелената транзиција нека биде подинамично кај развиените земји, кои со столетија користејќи ги фосилните горива за својата реална индустрија, направиле големи економски подеми и раст на нивното БДП, па сега полесно ги пребродуваат светските економски кризи. Затоа, ако навистина чесно ја изразуваат својата идеја дека „неразвиените земји што треба побрзо да се интегрираат во западниот, развиен свет“, тогаш токму развиените треба да имаат чувство на толеранција и да им допуштат на земјите во развој и натаму, во некој разумен рок од 20 до 30 години, да ги користат своите капацитети за производство на базна енергија и динамично да ја развиваат својата економија. М.Ј.