Фото: „Нова Македонија“

Извештаите за состојбите во јавната и државната администрација, со постојано зголемување на бројот на институциите, како и на вработените, на експертите од оваа област им предизвикуваат сомневање дека сиве овие години воопшто не се ни планирало да се прават реформи во администрацијата, иако македонските владини функционери постојано ја уверуваа ЕУ дека посветено работат на тоа. Предизвикот со прекубројната, трома и нефункционална администрација е неопходно да се стави на маса за решавање, за да се има предвид токму пред крупните општествени случувања што ги очекуваат македонското општество и држава

По објавените информации на МИОА за бројот на државните институции и администрацијата на крајот на 2023 година

Во сета гласност на предизборието, и покрај постојано и „уредно“ искажуваните заложби за реформа на администрацијата, се чини дека тивко и континуирано на овој план се спроведува токму спротивното од јавните ветувања упатувани и до граѓаните и до Европската Унија. Според објавените податоци од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), во Македонија на крајот на 2023 година биле администрирани вкупно 1.371 институција, во кои работеле вкупно 110.169 лица.
Споредено со 2022 година, во текот на 2023 година е констатирано дека биле формирани 17 нови институции, што не е во согласност со владините ветувања за намалување на бројот на непотребни институции. Во истиот извештај се наведува дека во државниот административен систем има 14 институции што воопшто немаат вработени, туку само директори, а во 193 други институции има од еден до десет вработени. Од друга страна, се наведува дека не е намален ниту бројот на вработени во јавниот сектор, па во споредба со 2022 година, во минатата 2023 година имало 300 вработени повеќе.
– Ваквите извештаи за состојбите во јавната и државната администрација поразително ни го наметнуваат сознанието дека сиве овие години воопшто не си ни планирало да се прават реформи во администрацијата, иако македонските владини функционери постојано ја уверуваа ЕУ дека посветено работат на тоа. Инаку, зголемените вработувања во администрацијата, особено во предизборна година, некако премолчано станаа вообичаена практика во Македонија. Своевиден административен фолклор. Тогаш се вработуваат партиските клиенти, кои веројатно со години биле држени со договор на дело, а уште поверојатно – не се ни појавувале на работа. Неофицијалните бројки се дека во администрацијата има ангажирано околу 20.000 лица со договор на дело. Нивното хонорирање не е влезено во буџетските средства за плати во институциите, кои се строго наменски одредени.

Па, тие средства за ангажираните со договор на дело се наоѓаат од некои други активности на институциите, на пример за договорни услуги или непредвидени трошоци. Сето тоа оди на штета на реализацијата на другите функции на администрацијата. На пример, наместо да се набават нови средства за работа, можеби нови компјутери, тоа се пренаменува за исплата на ангажираните со договор на дело. А тоа што секоја година има формирано нови институции, и покрај постојаните препораки од ЕУ за намалување на администрацијата, само покажува дека јавните ветувања за реформи во администрацијата всушност и никогаш не биле сериозни – вели Борче Давитковски, универзитетски професор по управно право.
Голем број општествени афери само од почетокот на годинава, како и секојдневните искуства на граѓаните во справувањето со административните процедури, даваат аргументи дека реформите во овој сектор, што како неопходна задача ги бара Европската Унија, се движат во обратна насока. Наспроти постојаните препораки од ЕУ за намалување на бројноста на администрацијата и зголемување на нејзината функционалност и ефикасност, куриозитетните примери, како „пропуштање рокови“ за обезбедување услови за дејствување во кризни ситуации (гасење пожари), или замена на документи на граѓаните поради обврски од билатерални договори што ги презела државата, наведуваат на сосема спротивен заклучок – администрацијата се зголемува, ефикасноста се намалува. Реформите во администрацијата, освен што се неопходни за државата и за граѓаните, се и услов за членство во ЕУ, т.е. се дел од важно поглавје во преговарачкиот процес. Во последниот извештај на Европската комисија е дадена оценката 3 за областа на реформите во администрацијата.

– Релативно просечната оценка во минатогодишниот извештај на Европската комисија за реформите во администрацијата се чини дека може да биде намалена во извештајот за 2023 година. Веќе постојат такви најави од агенцијата „Сигма“ (европска институција што помага во реформирање на администрацијата кај земјите кандидатки) дека не се задоволни што во овој мандат на Собранието не се изгласани четири закони за реформи на администрацијата. Станува збор за: законот за вработени во јавниот сектор, законот за администрација, законот за обуки во администрацијата и законот за информатички развој во јавниот сектор. Предлозите на законските текстови со европски знаменце влегоа во Собранието и ја поминаа расправата во Комисијата за европски прашања и на Законодавноправната комисија, но не беа изгласани на пленарна седница. А било ветено во ЕУ дека овој собраниски состав ќе ги донесе тие реформски закони за администрацијата. Сепак, се чини како да се нема политичка волја за овие реформски измени, особено за законскиот текст за задолжителна обука на административните работници, преку еден вид академија, со полагање испити, според принципот на Академијата за судии и јавни обвинители. Таквиот систем се чини не им одговара на партиите, на кои јавната администрација им е „терен“ за вработување на своите партиски кадри и клиенти – вели професорот Борче Давитковски.