Фото: Игор Бансколиев

За жал, можам да ви кажам од искуството што го имам, во работењето и дружењето со македонска малцинска заедница во Србија, Бугарите ќе имаат големи резултати. Ние од Србија чувствуваме што се случува и баравме помош, а помош нема од никаде. Во шах-мат позиција сме, вели Душан Јаневски

Неопходност од проактивна државна политика за унапредување на малцинските права на Македонците во соседните земји

Поради недостиг од европска стратегија што ќе ги гарантира унапредувањето и остварувањата на правата на националните и јазичните малцинства, европските малцинства се обидуваат да ги остварат своите права преку директно лобирање во рамките на институциите на Европската Унија. Најчесто оваа активност се случува преку одредени непрофитни организации, како што е Федералната унија на европските малцинства (ФУЕН). Но патот по кој неуморно се чекори за остварување на малцинските права не е ограничен само со лобирањето на ЕУ, честопати тие права се остваруваат со помош и поддршка на матичната држава.
Организацијата на турското малцинство во Грција е членка на ФУЕН, меѓутоа грчките Турци имаат морална и финансиска поткрепа од турската држава. Но Турција не е единствената држава во Европа што се грижи за своите малцинства. Особено активност во рамките на ЕУ има Унгарија, а од соседните држави проактивна политика кон малцинствата надвор од своите граници има Србија. Бугарија како држава има стратегија со која се обидува да ги унапреди правата на Бугарите надвор од нејзините граници, меѓутоа овие активности се контроверзни, бидејќи бугарските институции се обидуваат на вештачки начин да прикажат постоење на бугарско малцинство и во оние земји каде што тоа реално не постои, како што е примерот со Албанија и со Косово.
Пред неколку години имаше иницијатива што имаше за цел да ѝ обезбеди директна помош на македонската држава за унапредување на малцинските права на Македонците во соседните земји. Иницијативата наиде на позитивни реакции, но досега не се преземени никакви активности во овој правец. Во однос на оваа проблематика, Душан Јаневски, претставник на Македонскиот светски конгрес во Србија, посочува дека сите други земји имаат малцинство во соседните земји. Да имаш малцинство е гарант да имаш етнос во татковината.

Е, сега, да се запрашаме што сторивме ние за едукација низ образованието за нашата малцинска заедница? Србија троши 1 милијарда евра на Република Српска и Србите во околните земји, ние ништо – вели Душан Јаневски.
Познавачите посочуваат дека негрижата на нашата држава кон македонските заедници во соседните држави ѝ остави простор на Бугарија да преземе одредени активности што имаат цел македонските малцинства да ги претстават како бугарски. Во оваа насока беа повеќе активности, како што беше доделувањето бугарски пасоши на Македонците што живеат во Србија, Албанија и Косово, како и одредени финансиски средства што треба да го поттикнат изучувањето на бугарскиот јазик. За оваа политика на Бугарија, Душан Јаневски истакнува дека стипендирањето на месечно ниво за да се изучува бугарскиот јазик е и можност кога ќе станеш полнолетен да добиеш и бугарски пасош. Тоа може да биде голем поттик и за Србите и за Македонците.

Живееме во време каде парите и комотноста се над сѐ! Јас видов луѓе што бараа политички да бидат активни во македонската партија во Србија, а подоцна заминаа во Софија за да речат дека се чувствуваат Бугари. Тоа го сторија само од интерес. Интересот е пред сѐ. За жал, можам да ви кажам од искуството што го имам, во работењето и дружењето со македонска малцинска заедница во Србија, Бугарите ќе имаат големи резултати. Ние од Србија чувствуваме што се случува и баравме помош, а помош нема од никаде. Во шах-мат позиција сме – вели Душан Јаневски.
Според Јаневски, затоа е потребна проактивна политика на македонската држава кон унапредување на македонските малцински права. Со неговото искажување се согласува и Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден – Тирана“. Според Ѓурѓај, проблемите на Македонците во соседството треба да се решаваат преку лобирање во европските институции, но тоа не значи дека Македонија треба да биде рамнодушна кон унапредување на македонските малцински права во Албанија или во Бугарија.


Унгарска државна стратегија за унапредување на првата на унгарските малцинства

Според официјалните податоци, околу пет милиони Унгарци живеат надвор од унгарската држава, околу 2,5 милиони живеат во соседните земји, а другите во дијаспората, од кои околу 1,6 милион во Соединетите Американски Држави. Од 2010 година, унгарската влада започна засилена активност, која има за цел зачувување на унгарскиот национален и културен идентитет, вклучувајќи и грижа за Унгарците што живеат надвор од унгарската држава. За оваа дејност, Арпад Потапи, државен секретар за унгарските заедници во странство, вели дека биле подготвени закони и програми за поддршка на Унгарците што живеат надвор од нашите граници.
– Неодамна, на пример, видовме многу примери на социјална, семејна поддршка или развојни програми што добро функционираат во Унгарија, кои се усвоени во други земји. Унгарците што живеат во дијаспората се амбасадори на нашата земја и токму преку нив Унгарците го запознаваат унгарскиот народ низ светот – вели Арпад Потапи.


Македонците од Албанија бараат Голо Брдо и Гора да станат општини

Македонското друштво „Илинден-Тирана“ достави барање до претседателката на албанскиот парламент Линдита Никола, со кое од име на Македонците се бара формирање две општини Голо Брдо и Гора. Тоа е поради фактот што во тек е расправа на специјалната комисија за територијална поделба, а барањето е врз основа на Законот за заштита на националните малцинства во Албанија.
Според претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај, во образложението на барањето се наведени „основани причини за ова легитимно барање на Македонците од двете области“.
– По територијалната поделба во Република Албанија што се случи во 2014 година, областите Голо Брдо и Гора, каде што живее македонско население, останаа неразвиени. Исто така, Македонците не се застапени во локалната власт. Во 2014 година, владата ги укина општините Требиште, Острени и Стеблево во областа Голо Брдо и првите две ги припои во општината Булќиза, а општината Стеблево во општината Либражд. Општините Шиштавец и Запот во областа Гора, пак, по укинувањето се припоени кон општината Кукс – објаснил Ѓурѓај.
Според него, со формирање на областите во две општини ќе се придонесе за зачувување на македонскиот идентитет и побрз економски развој.
– Со формирањето на општините Голо Брдо и Гора ќе се заштити етничкиот, јазичниот, културниот и верскиот идентитет на македонското национално малцинство на овие простори. Наедно ќе се зајакне економијата на жителите и ќе се овозможи развој на областите, кои се најнеразвиени во државата – додал тој.
Тој ја информирал претседателката на парламентот дека и со резолуциите, предложени од друштвото, а изгласани од Федералната унија на европските националности (ФУЕН), се поддржува формирање на споменатите две општини.
– Изразувајќи ја највисоката почит кон вас и Собранието на Република Албанија, чиј прв човек сте, преку овој допис, бараме Специјалната комисија за територијална административна реформа во Република Албанија да го поддржи формирањето на општина Голо Брдо и Гора – стои во барањето, во кое се наведува дека македонското друштво „Илинден-Тирана“ е регистрирано на 6.2.2009 година во регистарот на Судскиот округ Тирана, чија мисија е заштита на етничкиот, културниот и верскиот идентитет на македонското малцинство во Република Албанија.