Префиксот „пан“ или „се“ е прв составен дел од сложени зборови што покажува дека она што е искажано со вториот дел од зборот сака да се опфати целосно, интегрално, со сите облици, форми и појави. Така, деновиве сме сведоци на промовирање некакви политички кованици од типот „паналбанство“ или „сеалбанство“, во пакет со креирање титули на некакви „сеалбански лидери“… Што значи тоа и каде води сето тоа? Нашите соговорници од различни етнички заедници
даваат свои одговори…

Тренд-реториката за големодржавни решенија се зајакнува во предизборниот период

Во албанскиот блок партии во Македонија, особено меѓу оние што се нарекуваат опозиција, како да се појави еден тренд на меѓусебна конкуренција кој повеќе да им се додвори на политичарите од соседството, креирајќи им титули на некакви „сеалбански лидери“. Откако градоначалникот на Тетово и лидер на партијата Беса, Билал Касами, го „промовираше“ косовскиот премиер Албин Курти во „премиер на сите Албанци“, неодамна тоа го направи и градоначалникот на Гостивар и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, нарекувајќи го градоначалникот на Тирана, Ерион Велијај, „градоначалник на сите Албанци“.
– Сојузот на албански општини од регионот годинава ќе го прослави 28 ноември во Тирана, што нѐ прави горди! Ерион Велијај, почесниот граѓанин на Гостивар и градоначалник на сите Албанци, нѐ чека таму, во неговата куќа во Тирана, да прославиме како што знаат само Албанците. Ве поканувам и со нетрпение ве очекувам да се сретнеме во Тирана на 28 ноември! Прославата нека започне – испраќа некаква покана Таравари во име на т.н. сојуз на албански општини во регионот за прослава на државниот празник на Албанија, 28 Ноември. Оваа видеопорака е поставена на заеднички профил на социјалните мрежи на Велијај и Таравари, но и во форма на текст, со заедничко обраќање на двајцата градоначалници „до сите Албанци“.
Споменатиот сојуз на албанските општини од Балканот опфаќа три т.н. „албански општини“ од Македонија: Тетово, Гостивар и Чаир, и уште 9 други: Тирана и Валона од Албанија; Приштина, Призрен, Пеќ и Ѓаковица од Косово; Улцињ и Тузи од Црна Гора, како и Прешево од југот на Србија.
Повеќето наши соговорници, политички аналитичари и професори, ни одговараат речиси идентично дека ваквите манифестации на „сеалбанство“ во регионот, колку и да се наменско-додворувачки и маркетиншко-пропагандно насочени, а во основа несмасни и демодирани, секогаш успеваат да испровоцираат реакции на вознемиреност во регионот, односно да бидат перципирани како уште една манифестација на големоалбанската идеја.

Со оглед на фактичката состојба дека двете соседни земји, и Македонија и Албанија, се со статус за членство во ЕУ, во очекување ефективен почеток на преговорите со Унијата, т.е. отворање на поглавјата, нашите соговорници сериозно ја наметнуваат дилемата – колку ваквото „конкурентско“ однесување на албанските партии во Македонија, со очигледна намера за провокација во македонското општество е конструктивно за процесите на ЕУ-интеграциите, како на Македонија, така и на Албанија. Дали манифестациите што „мирисаат“ на провокација со национализам воопшто му носат некому одредена политичка придобивка или се само залудна политичка безидејност, која игра на потрошените адути за изразување некаква доминација во регионален контекст?
Од друга страна, аналитичарот Алберт Муслиу смета дека сето тоа е непотребна реторика, веројатно замислена да се предизвика некаква возбуда во политичкиот простор, но и дека не би требало да има непотребни реакции од други фактори во македонскиот, но и во регионалниот политички амбиент…

– Таквите политички реторики на прогласување „сенационални лидери“ од личности од современиот регионален политички контекст се бесмислени, но сметам дека нема да има влијание на европските и евроатлантските процеси, во кои се длабоко навлезени и Македонија и Албанија. Од таквите „титулирања“ немаат никакви политички придобивки ниту „титулираните лидери“, ниту пак тие што се обидуваат, да речеме, да се додворат. Односно, прогласувањето „сеалбански“ премиери, градоначалници… нема да им помогне на изборите во Македонија на албанските политички партии. Така што, сето тоа е непотребна реторика, веројатно замислена да се предизвика некаква возбуда во политичкиот простор, секако и очекувани, но непотребни реакции од други фактори во македонскиот, но и во регионалниот политички амбиент. Сите учесници во политичкиот амбиент во Македонија на некој начин веќе биле дел од власта, така што се претпоставува дека имаат доволно политичка зрелост своите политички настапи да ги креираат врз сериозни и конкретни програми, а не со бесмислени реторики – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.