Министерот за надворешни работи по повод изјавата на холандскиот амбасадор Коп
Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможност за постигнување европски стандард за владеење на правото, изјави денеска министерот за надорешни работи Бујар Османи, на новинарско прашање да ја искоментира вчерашната порака на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, дадена на средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети, дека посветеноста на Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава.
– Ова е продолжување на ставот на холандската Амбасада којшто го кажа во неколку наврати пред крајот на минатата година во многу интервјуа. Веројатно ДУИ е еден од тие што најмногу зборуваат за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара поддршка од страна на ДУИ. Во моите разговори со холандскиот амбасадор имаме суштински две концептуални разлики. Тој смета дека ние можеме да постигнеме европски стандард на владеење на правото и без преговори со ЕУ. Од една страна, некој тоа го чита како комплимент, од друга страна некои го читаат како намалување на притисокот за проширување на ЕУ којшто, еве некој може да каже злонамерен па Холандија е позната по немање на расположение за проширување – вели Османи.
Според него, европски стандард за владеење на право не можеме да постигнеме без преговори со Унијата, туку, како што кажа, „можеме некаков балкански стандард на владеење на правото да постигнеме и сами“.
– Не можеме, тврдам не можеме да постигнеме европски стандард на владеење на право без процес на преговори и тие два процеса се меѓусебно поврзани. Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина за неможност за постигнување на тој европски стандард. Така што, тука прашање е кој е постаро, јајцето или кокошката, дали причината што сме блокирани не можеме да постигнеме европски стандард или тоа што не постигнуваме европски стандард е причина што не можеме да се движиме кон ЕУ. Мислам дека има тука многу сиви зони. И има една разлика исто така, а тоа е дека ставот дека има политичко влијание врз судството од наша страна повеќе сметаме дека има одредено влијание на олигархијата во критични точки во системите во државата коишто се многу опасни од кое било евентуално политичко влијание – оценува Османи.
Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, вчера на средба со лидерот на ДУИ Али Амети ја пренел порака дека посветеноста на Македонија за членство во ЕУ е загрозена по постојаниот пад во владеењето на правото во земјава.
– Амбасадорот Дирк Јан Коп се сретна со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да ја пренесе пораката дека по две години постојан пад на владеењето на правото, посветеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ е загрозена низ политичкиот спектар – објави вчера Холандската амбасада во земјава на нејзиниот официјален фејсбук-профил.
Во статусот за средбата, која според фотографијата се одржала во седиштето на ДУИ, се посочува и ставот на Амбасадата за политичкото влијание врз претседателката на Врховниот суд Беса Адеми.
– Исто така, неприфатливо е несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд, што е судска работа и ќе предизвика силна реакција од Холандија, стои во објавата на фејсбук-профилот на Амбасадата на Холандија, која е потпишана од ДУИ.