Фото: Пиксабеј

Техно

Четири години откако го претстави својот прв автомобил „вижн С“, „Сони“ покажа освежен сериски прототип и го најави своето пристигнување во играта „Гран туризмо 7“ во текот на годинава. Автомобилот беше големо изненадување кога првично беше претставен на Саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас, бидејќи „Сони“ никогаш претходно не се впуштил во автомобилската сфера. Меѓутоа, една година подоцна беа претставени првите прототипови, кои во тоа време веќе беа подложени на тестови на патиштата.
Потенцијалната флота на „Сони“ се удвои во 2022 година, кога беше претставен теренецот „вижн С 02“, а набрзо потоа беше објавено дека компанијата ги здружила силите со „Хонда“ во заедничко вложување наречено „Сони Хонда мобилити“, компанија што има цел да произведува автомобили под новиот бренд наречен „Афила“.
Претседателот на „Сони Хонда мобилити“ и главен оперативен директор Изуми Каваниши беше на сцената за време на официјалната прес-конференција на „Сони“ на ЦЕС за да ја претстави најновата верзија на автомобилот, официјално наречена „афила прототип 2024“. Посебна забелешка за љубителите на „Гран туризмо“ е партнерството помеѓу „Сони Хонда мобилити“ и „Полифони диџитал“, кое Каваниши го најави и на ЦЕС. Целта на партнерството е да се користи технологијата за симулација на „Полифони“ во развојот на автомобили, но и да се споделат информации за возилата во виртуелниот свет.
Играчите на „Гран туризмо 7“ наскоро ќе можат да ги вкусат првите плодови од тоа, бидејќи во играта доаѓа прототипот „Афила“. Точниот датум не е познат, но тоа сигурно ќе се случи годинава. Така, потенцијалните купувачи ќе имаат можност да го тестираат автомобилот виртуелно пред моделот да стигне на пазарот.