Фото: Маја Јаневска-Илиева

Унгарскиот премиер Виктор Орбан упати честитки за изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори и победата на нивната кандидатка Гордана Силјановска Давкова во вториот круг од претседателските избори, додавајќи дека се радува на идна заедничка соработка.

– Им честитаме на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска Давкова за заслужената и историска победа на денешните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија! Со нетрпение очекувам да работиме заедно за да дадеме нов поттик на процесот на пристапување на Северна Македонија до ЕУ! – напиша Орбан на социјалната мрежа Екс.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ ѝ ја честиташе победата на Гордана Силјановска Давкова во вториот круг од претседателските избори во Македонија.

Тој во пораката објавена на платформата Екс, вели дека е убеден оти двете земји ќе продолжат да работат заедно на зајакнување на врските со цел напредок и благосостојба, како и на просперитетот на целиот регион.

– Ѝ честитам на Гордана Силјановска Давкова за изборот за претседател на Северна Македонија и ѝ посакувам успешно да ја извршува одговорната должност што ја презема. Убеден сум дека ќе продолжиме да работиме заедно за зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија за таа цел на напредокот и благосостојбата на нашиот народ, како и на просперитетот на целиот регион – пишува Вучиќ.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ му ја честита победата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашните парламентарни избори, како и на „новоизбраната претседателка на земјата“.

– Честитки до Христијан Мицковски на убедливата изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ. Со нетрпение очекувам да продолжи одличната соработка меѓу Хрватска и Северна Македонија, чиј европски пат силно го поддржуваме. И честитам и на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска Давкова – напиша Пленковиќ на Екс.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи и ја честиташе победата на Гордана Силјановска Давкова на вчерашните претседателски избори.

– Честитки за новата претседателка на Северна Македонија! Со нетрпение очекувам да работиме со претседателката Гордана Силјановска Давкова на забрзување на потребните реформи за да се придвижи напред процесот на пристапни преговори, наведе Вархеи во честитката на платформата Екс.

Силјановска Давкова во одговор на објавата му се заблагодари на Вархеи на честитката, изразувајќи подготвеност за соработка во остварување на „најважниот македонски стратешки проект“.

– Ви благодарам многу, господине комесар Оливер Вархеи! Како еден од основачите на Европското движење во Македонија и поранешна Југославија, со нетрпение очекувам да работам со Европската комисија за го завршиме најважниот македонски стратешки проект – истакна Силјановска Давкова.

Амбасадор на Европската Унија во Македонија Дејвид Гир, утрово на Екс и ја честиташе победата на Гордана Силјановска Давкова на вчерашните претседателски избори.

– Честитки до Гордана Силјановска Давкова за нејзиниот избор за претседателка на Северна Македонија. Очекувам тесна соработка со неа за европската иднина на земјата – напиша Гир на Екс.

Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани ги поздрави „историските резултати на Албанците во Македонија“ на вчерашните избори.

– Го поздравувам историскиот резултат на Албанците во Северна Македонија на изборите на 8 мај 2024 година. За сите нас сегашноста има само еден заеднички именител: соживот меѓу етничките групи, религиите и културите во хармонија и меѓусебно почитување. Иднината се движи само во една насока: кон Европската Унија и семејството на демократските земји – напиша Хасани на Екс.