Идејата за обединета Европа, која е темел на сите основни документи на Европската Унија, како да се изгуби од листата на приоритети, а нејзиното место наместо да го пополнат економските, еколошките, социјалните… прашања, како што се очекуваше, за многумина, сосема неочекувано, го заземаат безбедносните

Челниците на Европската Унија, на само неколку дена пред 65-годишнината од основањето на Европската економска заедница, која заедно со Европската заедница за јаглен и челик и со Европската заедница за атомска енергија беше еден од трите столба врз кои таа е изградена, наместо со засилување на напорите за реализирање на идејата за обединета Европа, спасувањето на климата преку зелената енергетска транзиција и еколошко земјоделство, унапредувањето на социјалната и здравствена заштита на нејзините граѓани…, во услови на сѐ уште незавршената здравствено-економска криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, а од неодамна и на енергетската криза поради војната во Украина, се најде пред уште еден предизвик – директна безбедносна и нуклеарна закана и реална опасност од нова студена војна. Сето тоа ги интензивира обидите за пронаоѓање одговор на прашањето за иднината на Европската Унија.

Безбедносните предизвици ги потиснаа и идејата за обединета Европа и економските прашања

Во седмата деценија од нејзиното постоење, идејата за обединета Европа, која е темел на сите основни документи на Европската Унија, како да се изгуби од листата на приоритети, а нејзиното место наместо да го пополнат економските, еколошките, социјалните… прашања, како што се очекуваше, за многумина, сосема неочекувано, го заземаат безбедносните.
Имено, министрите за надворешни работи и за одбрана на државите-членки на Унијата, пред некој ден го усвоија таканаречениот „Стратегиски компас“, амбициозен план за безбедносен и одбранбен развој до крајот на оваа деценија.
– ЕУ мора да биде во состојба да ги заштити своите граѓани и да придонесе кон обезбедувањето на меѓународниот мир и безбедност. Тоа е уште поважно во времето кога во Европа повторно се војува, по неоправданата и со ништо предизвиканата агресија врз Украина, како и во времето на големите геополитички промени. Со „Стратегискиот компас“ ќе се зголеми и стратегиската автономија на Унијата и нејзината способност за соработка со партнерите заради заштита на заедничките вредности и интереси – се вели, меѓу другото, во документот што го усвоија министрите.
Одбранбениот компас, кој ги опфаќа сите аспекти на безбедносната и одбранбената политика се темели врз детално разработени четири столба: дејствување, вложување, партнерство и безбедност, деновиве би требало да биде усвоен и од Европскиот совет.
– Војната во Украина претставува тектонска промена во геополитичкиот пејзаж на Европа и нашата реакција на војната покажа дека ЕУ може да дејствува на силен и обединет начин – беше наведено во заедничкото соопштение на министрите за одбрана и за надворешни работи на ЕУ.

Дали Унијата од убав сон влегува во кошмар?

За многумина, усвојувањето на овој документ претставува мошне голем пресврт во политиката на, вообичаено, „подзаспаната“ Европската Унија. А каде води тоа и дали тоа е доволно?
Критикувајќи го досегашниот одговор на ЕУ на војната во Украина, копретседателот на извршниот одбор на Конференцијата за иднината на Европа, член на Европскиот парламент и поранешен белгиски премиер, Ги Верхофштат, смета оти тоа не е доволно.
– Низ драматичниве настани во нашето соседство секој може да види дека на Унијата ѝ е потребна реформа. Не можете да живеете во овој нов свет, со оваа нова агресија, доколку немате ефикасна Европска Унија што може моментално да донесува одлуки и веднаш да дејствува – оценил тој.
Дури со формирање заеднички вооружени сили, ЕУ, според него, би станала веродостоен и силен мировен партнер.
– Фактот што ЕУ сега се подготвува за формирање прва интервентна единица со пет илјади војници е мал чекор, но сепак е исчекор во однос на минатото кога немаше ништо – изјавил Верхофштат.

За иднината ќе може поспокојно да се суди кога ќе падне адреналинот

Поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, пак, е воздржан во процените за очекуваните насоки на движење на Унијата.
– За иднината на Европската Унија ќе може да судиме кога ќе падне адреналинот и ќе помине првичниот шок од руската инвазија врз Украина. Во моментов, Европа покажува единство и најавува крупни политички промени, од кои најзначајната е милитаризацијата на Германија. Ќе видиме дали Европа конечно ќе добие и свој заеднички одбранбен и надворешнополитички идентитет и дали, навистина, ќе се роди европската војска. Доколку се случи тоа, реално е да се очекуваат натамошно обединување, хармонизирање и федерализација. Во спротивно, ќе треба отворено да се каже дека има проблем со натамошна политичка интеграција на европскиот континент. А единствената институција што не е загрозена во ниту еден од овие случаи е заедничкиот европски пазар што е во интерес на сите членки на Унијата – оценува поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски.

ЕУ ги надминувала сите досегашни кризи со проширувања

„Стратегискиот компас“ е проект на кој долго се работеше, а тоа што се донесува во екот на војната во Украина, според голем број мислења, покажува оти ЕУ веќе не сака да биде второкласен играч во светскиот поредок ниту, пак, колатерална штета од војната во Украина, како што многумина оценуваат.
Но на другата страна се мислењата од кои произлегува дека актуелната криза покажала оти ЕУ била проект само за добрите времиња што војната во Украина, како и сите неодамнешни кризи, само го потенцираа, така што прашањето дали Европската Унија составена од суверени држави ја заврши првата делница од патот и сега се наоѓа на крстосницата, која води во само две насоки: посилна интеграција или дезинтеграција, како што, впрочем, потенцира и Боцевски, останува отворено. Она на што, во меѓувреме, се потсетува е дека Европската Унија ги надминувала сите досегашни кризи со проширувањата и дека, без оглед на сите тешкотии, таа мора да остане отворена. Д.М.М.