Според информациите што неодамна ги изнесе бугарскиот министер за правда, во текот на годинава 2.990 граѓани на Македонија поднеле барање за бугарски пасош. Речиси идентичен број граѓани на соседна Албанија исто така побарале да добијат бугарски пасош, а во барањето сите апликанти морале да потпишат изјава дека имаат бугарско потекло. Оваа навидум статистичка информација само потврдува дека Бугарија не се откажува од асимилаторската политика со која сака што поголем број граѓани од Македонија, но и од Албанија, да ги претстави како Бугари, нудејќи им од широката палета привилегии и корист од бугарската патна исправа…
Софија продолжува со кампањата да дели бугарски пасоши со преференции и бенефиции меѓу македонското малцинство во Албанија
Процесот на тивка асимилација што го спроведува Бугарија продолжува да се одвива под површината, во исто време кога одредени кругови во земјава упорно го шират наративот дека не постои никаква асимилација, без оглед што активностите на терен го говорат спротивното.
Имено, според информациите што неодамна ги изнесе бугарскиот министер за правда, во текот на годинава 2.990 граѓани на Македонија поднеле барање за бугарски пасош. Речиси идентичен број граѓани на соседна Албанија исто така побарале да добијат бугарски пасош, а во барањето сите апликанти морале да потпишат изјава дека имаат бугарско потекло. Според некои сознанија, за последниве 15 години околу 120.000 македонски граѓани добиле бугарски пасоши.
Оваа навидум статистичка информација само потврдува дека Бугарија не се откажува од асимилаторската политика со која сака што поголем број граѓани од Македонија, но и од Албанија, да ги претстави како Бугари. Можеби тука треба да се бараат причините за опструкциите што Бугарија ѝ ги прави на земјава на нејзиниот евроинтегративен пат, бидејќи колку повеќе Македонија е блокирана, толку повеќе апатични граѓани што немаат друг излез поднесуваат барања за бугарски пасоши.
Резултатите од пописот во соседна Албанија, кои треба да бидат објавени наскоро, ќе потврдат дали бугарските агитатори успеале во мисијата да „убедат“ што поголем број Македонци во Албанија да се пишат како Бугари и на тој начин вештачки и под принуда да се создаде бугарско на сметка на македонското малцинство. Креирањето на малцинства во соседните држави е стратегиски план на Бугарија за да може подоцна и населението во Македонија да се претстави како бугарско.
– Има луѓе кај нас што очигледно сакаат да ги држат очите затворени, ја замајуваат јавноста дека, еве, по усвојувањето на францускиот предлог, не сме асимилирани. Тоа е многу несериозен став ако се има предвид дека асимилацијата е процес што се одвива на подолг рок. Тоа значи дека најпрво ќе почнат да се менуваат учебниците за помладите генерации, кои ќе учат поинаква историја, приспособена на бугарскиот историски наратив, и утре кај тие генерации ќе почне да слабее таа врска со македонското ткиво. Една генерација, втора генерација и третата веќе ќе почне да не се сеќава на македонскиот корен. Тоа е процес што трае 30, 40, па и 50 години, а не година-две како што некој тука релативизира – велат соговорници што се добро упатени во македонско-бугарските состојби.
Според нив, асимилаторските процеси се во тек цело време и само оној што не сака, не ги гледа.
– Зошто Бугарија би се дрзнала да го преобратува македонското малцинство во Албанија и на Косово ако нема некаков план во заднина? Зошто беа сите оние притисоци за време на пописот во Албанија? Па, впрочем, и јавно изнесениот став на дел од академиците во Бугарската академија на науките ги потврдува таквите тези, дека најпрво треба да се создаде бугарско малцинство во соседните држави на Македонија, за да може целосно да се негира македонскиот идентитет во границите на денешна Република Македонија. Нивната логика говори дека кога има бугарско малцинство во соседните земји, тогаш не може да нема Бугари во Македонија. Бугарите сега подготвуваат промени на законот за државјанства, така што очекувам дека сите оние македонски граѓани што земаа бугарски пасоши, сега ќе мора на дело да ја покажат својата лојалност кон бугарската држава. Можеби на следниот попис ќе мора да се изјаснат како Бугари ако сакаат да го задржат пасошот. Затоа Бугарија инсистира на уставни измени, за утре тука прекуноќ да ни се појават над сто илјади Бугари и на тој начин да се разниша државотворниот статус на македонскиот народ, да се згази врз Илинден и АСНОМ и полека да почне да се креира еден поинаков наратив – констатираат соговорниците. С.Т.