Фигуративно овој израз нож во грб најчесто се користи кога се сака да се опише некакво предавство меѓу претходно блиски соработници, сопартијци, пријатели, колеги итн. Оттаму и поговорката – чувај ме боже од пријателите, од непријателите сам ќе се чувам. На политичката сцена овој синдром е константа и циклично се повторува одвреме-навреме и кај власта и кај опозицијата и кај македонските и кај албанските партии. Но настрана различните политички игри и калкулации. Суштинското прашање е кој постојано му забива нож во грбот на македонскиот народ, на домашна и на надворешна политичка сцена. Зашто од сите досегашни ножеви во грб најмногу крвави токму Македонија и страдаат нејзините граѓани

За чинот на изневерувањата на универзалните општочовечки и патриотски принципи

Македонија предолго страда од синдромот на забивање ножеви во грбот на државата и на граѓаните. Практично од формирањето на државата и прогласувањето на независноста се нанижаа голем број настани и случки, на домашната и надворешна политичка сцена, кои може да се вклопат во дефиницијата „забивање нож во грбот“. Фигуративно овој израз најчесто се користи кога се сака да се опише некакво предавство меѓу претходно блиски соработници, сопартијци, другари, пријатели, колеги… Оттаму и поговорката – чувај ме боже од пријателите, од непријателите сам ќе се чувам. На политичката сцена овој синдром е константа и циклично се повторува одвреме-навреме и кај власта и кај опозицијата и кај македонските и кај албанските партии. Едноставно никој досега не стекна имунитет од предавствата на некогаш најблиските свои соработници. Токму деновиве ни се случуваат нова епизода од таканаречениот серијал забивање нож во грбот и јавна преписка меѓу поранешниот премиер во бегство Никола Груевски и актуелниот лидер на најголемата опозициска партија, Христијан Мицковски, а сето тоа поврзано со уставните измени. И власта и опозицијата, разбирливо, се обидуваат политички да профитираат од овие случувања, сакајќи да ги прикажат како смислено сценарио на противничката партија или како раскол кај едните или другите. Но настрана политички игри и калкулации.
Суштинското прашање е кој постојано му забива нож во грбот на македонскиот народ, на домашна и на надворешна политичка сцена. Зашто од сите досегашни ножеви во грб најмногу крвави токму Македонија и страдаат нејзините граѓани. Да почнеме со ред, прво за случувањата однадвор, па потоа и однатре.

ООН прва го скрши мразот во обид да ја удави Македонија

Непосредно по конституирање на нашата држава, ООН меѓу првите заби нож во грбот на Македонија и на македонските граѓани. Светската организација, која требаше и треба да важи за храм на демократијата, ги погази сите акти на кои се темели, ја погази сопствената повелба, ги погази меѓународното право и основните човекови и демократски права, како што е правото на самоопределување и самоименување. Со тоа што не дозволи да бидеме примени како Република Македонија, туку ни наметна срамен акроним ПРЈМ, а потоа дури ни назначи и специјален посредник со цел преговори за промена на уставното име, ООН уште тогаш се негираше самата себеси и целите за кои е основана. Тоа е веројатно и најголемиот преседан во светската историја и негативен пример што ќе се изучува во иднина. Токму денес, на 22 септември, во Њујорк завршува 78-та сесија на Генералното собрание на ОН, и пораката што македонскиот народ ја испраќа е ОН да си ја поправи грешката. Да ја исправи неправдата кон Македонија и на тој начин да си ги заслужи и оправда и местото и улогата како најголема светска организација.

Многубројни подли удари од ЕУ и од некои земји-членки

Понатаму, на меѓународен план Македонија изминатите години и децении добиваше и сѐ уште добива голем број ножеви во грбот од Европската Унија и од некои земји членки. Доволно е само да се потсетиме на ембаргото и ветото од Грција, со амин на Брисел. Надвор од сите правни норми и меѓународни критериуми, Грција речиси три декади ја блокираше и ја држеше во заложништво Македонија со барање да го смениме името. Во исто време ЕУ постојано повторуваше дека тоа е последниот услов и штом тоа се случи, односно штом го смениме името, уште веднаш на брза лента ќе тргнеме кон ЕУ.
Македонија го смени името, но од брзата лента за ЕУ не видовме ништо, туку напротив, добивме нов бесконечен мрачен тунел и нови уцени.
Опструкции и изневерени очекувања имаше и на патот кон НАТО, односно и покрај јавното ветување на највисоко меѓународно ниво дека во јато, односно заедно со Хрватска и Албанија ќе бидеме примени во НАТО уште во 2008 година, тоа тогаш не се случи поради ветото од Грција. Од надворешните ножеви врз грбот на Македонија треба да се споменат и бугарското вето, тиранските платформи 1, 2, францускиот предлог, протоколите со Бугарија, променетата методологија, реформите на ЕУ итн.
– Критериумите од Копенхаген се целосно закопани со францускиот предлог и тоа веројатно досега е најголемиот удар врз Македонија од страна на ЕУ – велат познавачите на европските околности.

Домашните предавства и убоди што повеќе болат

На домашната политичка сцена речиси да нема политичар или партиски лидер што на своја кожа не го почувствувал предавството од најблиските соработници, односно забивањето нож во грбот.
Поранешниот премиер Зоран Заев јавно проговори какво е тоа чувство.
– Десната страна ми е понавалена. Од 2 јуни шетам со нож во грб. Тоа е мачна состојба – изјави Заев пред неколку години во период на големи внатрешни превирања во СДСМ и поделби на бранковисти, зајковисти итн.
Експремиерот Груевски своевремено велеше дека мандатот го започнал и го завршил не со еден, туку со повеќе, не ножеви, туку ножиња во грбот.
Меѓу последните примери во албанскиот политички кампус како забивање нож во грб може да се окарактеризира и расцепот во ДУИ, разгранокот на Огнените од кои потоа остана само Меџити, кој формира и посебна партија.
Во однос на настаните од 27 април, Зијадин Села јавно запраша каква причина имал Заев да му забива нож во грб, политички. При гласањето за промената на името на државата тогаш осум пратеници на опозицијата ѝ забија нож во грбот на својата партија. Но несомнено сите пратеници што гласаа за промена на името ѝ забија нож во грб на Македонија, зашто такво нешто немаше ветено ниту на избори ниту беше во програмите на политичките партии.
И сега пратениците што ќе гласаат за уставни измени практично ќе ѝ забијат нож во грб на Македонија, без разлика што тоа се пакува во некаква европска обланда, како наводна европска иднина за државата и слично. Она што е ноторен факт е дека против уставни измени е мнозинството од 80 проценти од македонските граѓани, што го покажуваат и сите истражувања и анкети на јавното мислење. Оттаму евентуалното изневерување на волјата на граѓаните не може да биде ништо друго, освен нож во грбот на државата и на граѓаните.
Има уште други безброј примери за домашни предавства, изневерени очекувања изиграни граѓани итн. Зошто тоа се случува и дали можеби македонскиот синдром на нож во грб е резултат на изборниот модел, султанскиот начин на раководење со партиите и немањето вистинска внатрепартиска демократија?
Политичките аналитичари токму во автократијата во самите партии и султанскиот систем на раководење ги гледаат и препознаваат и причините и аномалиите за ваквите случувања.

– Внатрешната демократија, конкурентноста и борбата на идеи сѐ уште не е вистински заживеана кај домашните политички субјекти, каде што и понатаму сѐ се врти околу една личност или некоја тесна политичка врхушка. Сите други, било да се пратеници или други функционери се умилкуваат и се вртат околу лидерот, меѓу другото и за да ги остварат своите лични интереси. На некој начин се изгубени поврзаноста, линкот и врската на политичарите со народот и граѓаните. Во вакви околности, кога се гледаат само личните политички интереси и не се чувствува одговорност кон потребите и барањата на граѓаните, се случуваат и менување страни, политички пребези, таканаречени внатрешни предавства – велат аналитичарите.
За превенирање и избегнување на ваквите сценарија најдобра опција е да се смени изборниот модел и пратениците да се избираат на отворени листи со една изборна единица, директно од граѓаните, при што истовремено ќе се предвиди и отповикливост на мандатот. Така во секое време политичарите и функционерите ќе одговараат директно пред народот и ќе мора да ги штитат само интересите на граѓаните.
Доколку состојбите останат непроменети, како досега, ќе продолжат партиската и политичка трговија, политичките пародии, меѓусебното пазарење и купување пратеници, што е спротивно на волјата на граѓаните и на штета на демократијата. И секогаш алиби за ваквата валкана игра ќе се бара во некој друг, сметаат аналитичарите. Во актуелниот политички контекст може само да се додаде дека кој со подвали и трикови се служи, брзо ќе биде осуетен и казнет од граѓаните и од правдољубивата јавност.