Четиринаесет пожари на отворено, два сѐ уште активни

Во деноноќието од вторник наспроти среда имало 14 пожари на отворен простор, од кои два сѐ уште се активни. Активни пожари има во општините Зелениково и Крушево. Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), пожарот, кој избувнал на 3 ноември 2024 година во букова шума во месноста Белушки Ледини над крушевското село Белушино, од вчера сѐ уште е активен. Горат букова шума и сува трева. Во гаснењето на пожарот учествувале еден пожарникар со едно возило и четворица вработени од ПШС „Липа“ – Крушево.
– Поради непристапен терен, гаснењето е отежнато, бидејќи се оди пеш. Пожарот вчера бил проширен и екипите се повлекле поради мрак и поради тоа што не било безбедно движењето. Од утрово повторно се интервенира – стои во соопштението.
Вториот активен пожар е на територијата на општината Зелениково, кај подружницата „Кадина Река 1“ на ПШС „Караџица“ – Скопје, кај селото Тисовица. Пожарот бил активен од 4 ноември 2024 година, а вчера го гаснеле двајца вработени. За противпожарни возила било пристапно до селото Тисовица.
– Во 16.34 часот е добиена информација дека гори ниска густа шума и дека поради тоа не е пристапно за гасење. На терен имале две возила и шумари, но пожарот сѐ уште бил активен. Oд БППЗ на Град Скопје е добиена информација дека немаат интервенирано врз пожарот поради непристапен терен – информира ЦУК.
Во последното деноноќие целосно се изгаснати 12 пожари. Скопските пожарникари вчера попладне гаснеле запалена депонија во атарот на селото Јурумлери и запалено ѓубре покрај улицата Перо Наков во општината Гази Баба. Скопските пожарникари имале уште една помала интервенција.
Пожарникарите од ТППЕ – Гевгелија завчера со две противпожарни возила гаснеле запалена ниска вегетација во селото Миравци. Десет пожарникари со четири возила завчера гаснеле запалена ниска вегетација и шумски пожар во месноста Блокотехно во околината на Гевгелија.
ТППЕ – Струмица завчера гаснела запалено ѓубриште кај селото Смолари во општината Ново Село, а ТППЕ – Велес имала една помала интервенција.
Пожарникарите од ТППЕ – Кочани завчера гаснеле запалено стрниште во селото Теранци во општината Чешиново-Облешево, а ТППЕ – Виница вчера гаснела запалено стрниште во месноста Виничко Поле кај Виница. Опожарената површина изнесувала околу 0,3 хектари.
ТППЕ – Гостивар завчера интервенирала врз запалена ниска вегетација во селото Неготино. РЦУК – Битола информира дека е изгаснат пожарот на месноста Житошанец над селото Белушино, на растојание од околу два-три километри од постојниот пожар, каде што горела букова шума.
Двајца пожарникари со едно возило од ТППЕ – Прилеп завчера гаснеле запалена мешана шума кај селото Големо Родобил и запалена ниска вегетација кај стрелиштето „Леково“.
Регистрирани се 1.619 повици на бројот за итни случаи 112. Н.М.