Фото :Маја Јаневска Илиева

Премиерот Димитар Ковачевски верува дека пратениците ќе го поддржат евроинтегративниот процес на државата и дека нема да фалат пратеници за изгласување на уставните измени.

Ковачевски денеска повтори дека двотретинското мнозинство е потребно за понатамошното продолжување на евроинтегративниот процес на земјава.

– Пратеници не и требаат на Владата или на мене. За да бидете претседател на Влада и за да се изгласа Влада потребни се 61 пратеник. Оваа Влада има 65 пратеници со кои е изгласана. Две третини мнозинство е потребно за понатамошно продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Сите членови на Парламентот имаат обврска да го поддржат европското движење на државата затоа што младите заминуваат од државата во земји од ЕУ бидејќи таму има економски просперитет, владеење на правото, социјална правда и владеење на демократија. Тоа го сакаат нашите граѓани и тоа го сакаме и ние – рече Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на новата ИПАРД 3 програма.

Додаде дека придобивките од влезот во ЕУ се огромни особено во економскиот дел, посочувајќи дека во држави кои станале членки на ЕУ е зголемена просечната плата за трипати, а нивото на инвестиции зголемено за 30 проценти.

Верува дека скрининг процесот ќе заврши успешно и дека откако ќе бидат донесени уставните измени, ќе може да ги отвориме сите поглавја.

– Тоа ќе биде нов процес и импут за државата кога ќе почнат реформите од сите аспекти – рече Ковачевски.

Претседателот на Владата заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска присуствуваше и се обрати на презентацијата на новата ИПАРД 3 програма, насловена како „ИПАРД 3-нови можности за македонското земјоделство“. На настанот беа презентирани досегашните постигнувања и резултати од финансиската поддршка обезбедена преку ИПАРД 2 програмата, како и најавените активности во рамките на ИПАРД 3 програмата.

– Наша цел е со новата ИПАРД 3 програма уште поголема реализација и искористеност на средствата од 100% од она што го имаме добиено од ЕУ и затоа предвидуваме и можности за авансна исплата со цел уште повеќе да ги мотивираме нашите земјоделци. Но, крајната цел е нашите земјоделци, нашата економија да доживее напредок, да доживее развој преку остварувањето на полноправното членство во Европската Унија бидејќи влезот во ЕУ ќе донесе уште поголеми придобивки и носи уште повеќе финансиски средства од фондовите на ЕУ – потенцираше премиерот на денешната презентација на новата ИПАРД 3 програма.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски информираше дека е објавен првиот јавен повик од ИПАРД 3.

– Со тоа и официјално, ние први во регионот започнуваме со реализација на ИПАРД 3 програмата. 30 милиони евра, 30 милиони европски пари се на располагање на македонскиот агросектор. Ова се средства за нови можности, за многу нови инвестиции за изградба и реконструкција на фарми, оранжерии, амбари, силоси, објекти за земјоделска механизација, објекти и опрема за постбербени активности, објекти и опрема за преработки, опрема за собирање, калибрирање, складирање, ладење, сушење, замрзнување. Нова можност за подигнување на долгогодишни овошни, лозови и други насади, набавка на системи за наводнување, набавка на специјализирани транспортни возила. Нова можност за јакнење на руралните подрачја преку инвестиции за изградба на современа инфраструктура, патишта, пешачки патеки, водовод и канализација – изјави Николовски.

Министерот Николовски потенцираше и дека се прифатливи и инвестиции во алтернативни земјоделски производи и преработки, производство на пијалоци, непрехранбени производи како и занаетчиски активности.