Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според експертите и професорите со кои се консултиравме, енергетската состојба во земјава не е многу променета од минатата гoдина во ова време, само што можеби е уште малку полоша. Соговорниците тврдат за Европа дека европската енергетска криза предизвикана од непромислената, избрзана и незрела енергетска транзиција во европските земји, водена од недоволно образувани политичари, без соодветни консултации со стручњаци во областа на енергетиката, наоѓа свој одраз и во домашната енергетика. Дополнително кризата е разгорена и од санкциите против Русија, односно од откажувањето да се користи поевтин и еколошки многу поприфатлив гас, на чие место се промовира поскап втечнет природен гас добиен со еколошки проблематични постапки

Каква зима нѐ очекува во секторот енергетика

Пред нас е уште една неизвесна зима во однос на производството и цената на струјата. Бизнис-секторот, реалната економија, а и граѓаните стравуваат дали ќе имаме стабилно снабдување со електрична енергија и дали ќе има зголемување на цената. Што може да очекуваме во иднина и дали однапред треба да преземеме некои мерки за да не дојдеме повторно до енергетска криза како лани разговаравме со неколку експерти од енергетскиот сектор и со Владата.

Европска енергетска криза предизвикана од
непромислената, избрзана и незрела енергетска транзиција во европските земји, водена од недоволно образувани политичари

Според професорот на Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, енергетската состојба во земјава не е многу променета од минатата гoдина во ова време, само што можеби е уште малку полоша. Тој вели дека европската енергетска криза предизвикана од непромислената, избрзана и незрела енергетска транзиција во европските земји, водена од недоволно образувани политичари, без соодветни консултации со стручњаци во областа на енергетиката, наоѓа свој одраз и во домашната енергетика. Дополнително кризата е разгорена и од санкциите против Русија, односно од откажувањето да се користи поевтин и еколошки многу поприфатлив гас, на чие место се промовира поскап втечнет природен гас добиен со еколошки проблематични постапки.
– Меѓутоа, енергетската криза во Македонија е суштинска, со сериозна локална димензија, „благодарение“ на трипартиското едноумие во кое сме заглавени повеќе од две децении. Тоа е богато дополнето со „помошта“ на нашите западни партнери, кои, на пример, пред неколку години ја оневозможија изградбата на Јужниот поток. Тука би ја додал и нерешителноста на одговорните да настапат похрабро и да преземат вистинска одговорност за развој на енергетскиот сектор, но има и други фактори врз кои тешко би можеле да влијаеме – вели Филкоски.
Тој додава дека нема нови објекти за базна енергија, ниту пак такви со кои системот би се балансирал. Производството од обновливите извори на енергија (освен хидроенергија) засега учествува со мал процент во енергетскиот биланс, но и кога ќе се зголеми нивниот инсталиран капацитет проблемите нема да се решат поради познатите ограничувачки карактеристики.
– Тука не може да се очекуваат брзи промени за краток период, без решавање на некои клучни прашања, како што се складирањето енергија во големи размери и балансирањето на производството и потрошувачката – смета Филкоски.
Професорот посочува дека клучните термоенергетски објекти во земјата не се во многу добра состојба. И дека станува збор за стари објекти, претежно со поминат проектен животен век (РЕК „Битола“, ТЕЦ „Неготино“, ТЕЦ „Осломеј“, ЕСМ „Енергетика“).
– Некои од капацитетите се во функционална состојба, а на некои им се потребни посериозни зафати за да бидат оспособени за подолга работа во континуитет. Проблеми со снабдувањето со гориво (јаглен и мазут) може да има, но тие не се нерешливи. Тука би ја издвоил како многу позитивен пример комбинираната термоенергетска постројка АД ТЕ-ТО Скопје на природен гас, лоцирана во центарот на градот – објаснува Филкоски.
Тој смета дека сепак сезоната ќе помине без преголеми турбуленции во снабдувањето, а најверојатно и во поглед на цените, додавајќи дека термоенергетските објекти, иако стари, „возат“ како релативно стар автомобил, кој сопственикот добро го познава и знае да го поправа.
– Се разбира, работењето е со релативно ниска енергетска ефикасност, но сепак произведуваат електрична енергија, а во нив сѐ уште има тимови што си ја знаат работата, дури и во значително отежнати услови – потенцира Филкоски.
Професорот укажува дека гасното поврзување стагнира, како со соседите така и во земјата. И дека така се доведуваме во чудна ситуација да учествуваме во проект за терминал за втечнет гас во Александрополис, а гасоводна врска со Грција сѐ уште не постои. Според него, немањето сериозна иницијатива за изградба на постројки на природен гас укажува или на непостоење интерес или на тоа дека некои фактори ја кочат работата.
– За преземање некакви суштински мерки за подобрување на состојбата во техничко-технолошка смисла нема време, освен за зафати во доменот на тековно одржување. Многупати сме повториле дека во енергетиката решенија не се носат од денес за утре. Од друга страна, може да има некакви мерки во вид на субвенционирање на цената, ама сепак тоа се пари од народот – истакнува Филкоски.

Марко Бислимоски: Цената на електричната енергија ќе зависи од цените на
светските берзи

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, за цената на електричната енергија вели дека сѐ ќе зависи од цените на светските берзи.
– Од она што го гледаме на светските берзи во изминатиот период, особено на европските, цената се движи од 135 до 150 евра, па јас не верувам дека ќе има одредени промени во тој дел. Но никогаш не се знае, сепак очекувам да имаме една стабилна ситуација на европските берзи од аспект на цената – вели Бислимовски.
Според него, енергетската криза помогнала на површина да излезат сите пропусти што се правеле во изминатите триесетина години, додавајќи дека во кризата со електричната енергија се потрошиле пари за да се изгаси „пожарот“ за социјален мир.
– Нашата земја и сега во најголем дел се базира на термоцентрали и хидроцентрали направени пред 40 и повеќе години. Државата многу малку инвестирала преку својата енергетска компанија во нови капацитети. За кризата потрошивме 300 или 400 милиони евра за да се зачува социјалниот мир пред сѐ, бидејќи не можеше на домаќинствата да им се каже плаќајте двојно повисока електрична енергија или од два до три пати поскапо парно греење. Тие пари се потрошија за да се изгаси „пожарот“, а доколку водевме соодветна стратегија, со овие 400 милиони евра во претходните години можевме да направиме когенеративна постројка или да се изгради „Чебрен“ и сега ќе ни се вратеа многу пари – потенцира Бислимоски.
Според Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, војната на европскиот континент меѓу Украина и Русија, како и најавата за затвoрaње на нуклеарните центри се причините зошто го имаат овој став.
– Проблемите со Русија се останати, значи гасот е многу скап. Многу земји произведуваат струја и на гас. Иако се прават ремонти за да ги искористиме максимално нашите македонски капацитети, сепак тие не се доволни и сигурно нема да бидат доволни за целата индустрија, туку само за граѓаните и за малите компании. Додека ние големите сме изложени на цената на берзата на Будимпешта, на Хупекс и таа во овој момент е издржлива. Но очекувам за време на зимата да биде нешто поголема – истакнува Димитров.


Во однос на прашањето колку има резерви во депониите за јаглен, колку има вода во акумулациите и колку можеме да очекуваме од ветерниците, а колку, пак, од соларните електроцентрали, надлежните од Владата велат дека, во согласност со податоците со кои располагаат, успешно ќе ја пребродиме претстојната зима

Владата верува дека успешно ќе ја пребродиме претстојната зима

Колку има резерви на јаглен, колку има вода во акумулациите и колку можеме да очекуваме од ветерниците, а колку, пак, од соларните електроцентрали?

Според изворите од Владата, во текот на 2022 година, АД ЕСМ успеа да го зголеми сопственото производство за повеќе од 50 отсто во споредба со производството во 2021 година. Во текот на февруари било остварено и рекордно дневно производство во последните 10 години, биле произведени 22.933 мегавати на час.
– Важно е да се напомене дека во изминатата година беа изработени измени на Законот за градба, со кој значително се олеснија процедурите за изградба на фотонапонски централи на покривите и за домаќинствата и за правните лица, и директен резултат на тоа е огромниот број изградени фотонапонски централи, и тоа започнувајќи од 1 јануари 2022 година, имаме нов инсталиран капацитет од 420 мегавати, од кои 99 отсто се токму од фотонапонските централи – велат од Владата.
Оттаму посочуваат дека со конечното реализирање на деценискиот проект изградба на пумпно-акумулациската хидроцентрала „Чебрен“ се обезбедува сигурност во снабдувањето со електрична енергија на идните генерации, како и за успешна енергетска транзиција и премин од производство на електрична енергија од чисти извори.

– Во финална фаза се и договорите за стратегиски инвестиции, за најголемата агриволтаична централа во Југоисточна Европа, „Стипион“ од француската компанија АКУО, најголемиот ветерен парк „Вирови“ од германската компанија „ВеПеДе“, како и комбинираната гасна централа на „Митилионеос“ од Грција. Овие проекти, во комбинација со „Чебрен“ и фотонапонските централи што секојдневно се градат, ја обезбедуваат сигурноста во снабдувањето со електрична енергија на нашата држава на среден и на долг рок – објаснуваат од Владата.
Во однос на прашањето колку има резерви во депониите за јаглен, колку има вода во акумулациите и колку можеме да очекуваме од ветерниците, а колку, пак, од соларните електроцентрали, надлежните од Владата велат дека, во согласност со податоците со кои располагаат, на депониите со јаглен во нашите рударско-енергетски комбинати РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ има доволни количества јаглен, и тоа над 280 илјади тони јаглен на депонијата во РЕК „Битола“, како и од околу 100-120 илјади тони јаглен на депонијата во РЕК „Осломеј“.
– Дополнително има отворени постапки за набавка на јаглен за потребите и на РЕК „Осломеј“, и тоа за околу 300 илјади тони, како и за потребите на РЕК „Битола“ за околу 600 илјади тони јаглен. Со планираниот дневен ископ, како и со реализација на предвидените набавки веруваме дека успешно ќе ја пребродиме претстојната зима. Овде е важно да се напомене дека во моментот се вршат ремонтни активности во РЕК „Осломеј“, како и на едниот блок во РЕК „Битола“, и очекуваме на почетокот на грејната сезона да бидат во функција и подготвени за работа – појаснуваат од Владата.
Оттаму додаваат дека многу е важно што и нивото на акумулациите е над 45 отсто на почетокот на грејната сезона, имајќи предвид дека хидроцентралите ја одржуваат стабилноста на енергетскиот систем на Македонија, додека во последните неколку години, овој процент бил значително понизок.

– Во однос на производството од ветерниот парк во Богданци, секоја година производството е над планираното, така што и оваа година очекуваме иста слика со зголемено производство. Особено е важно дека и првиот приватен ветерен парк „Богословец“ е во пробна работа. Од јануари 2022 година, па досега, пуштени се во употреба над 420 мегавати нови електроцентрали од обновливи извори на енергија, од кои околу 99 отсто фотонапонски централи, а се очекува до крајот на 2023 година оваа бројка да достигне и до 600 мегавати – истакнуваат од Владата.
Според нив, забележан е значителен намален увоз во споредба со минатите години, ако во минатото увозот на електрична енергија се движел од 30 до 40 отсто, оваа година за првите седум месеци е околу 14 отсто, што значи над 85 отсто од потрошената електрична енергија е од домашни извори на енергија.
Во однос на прашањето дали може да очекуваме зголемување на цената, од Владата велат дека ѝ се сугерира на ЕСМ која цена на електрична енергија да му ја понуди на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“, додека финалната цена што граѓаните ја плаќаат зависи и од цената за пренос и дистрибуција, како и од цената што ја плаќаме за обновливите извори на енергија, која се движи од 5 до 7 отсто.
– Крајната цената се определува од страна на РКЕ и оттаму донесоа одлука во јуни годинава, со која за над 95 отсто од потрошувачите цената се зголеми минимално, и тоа пред сѐ поради враќањето на ДДВ од 10 на 18 отсто, додека цената за малите потрошувачи се намали за околу 20 отсто. Дополнително, поради зголемувањето на производството на електрична енергија, ја враќаме дневната евтина тарифа – потенцираат од Владата.
Оттаму сметаат дека доколку дојде потреба за предлагање и донесување мерки, тие навремено ќе бидат донесени со цел заштита на граѓаните и стопанството. К.М.