Каде плови скопскиот брод?

И некако како цело време да го слушаме истото оправдување. Сѐ некој друг е виновен, те едната голема политичка партија, те втората или третата за нереализираните проекти, па сѐ некој лично бил пречка за реализација, сѐ некој нешто кочи, па биле договорени против проектите „За модерно Скопје“ со кои Арсовска ја доби градоначалничката фотелја. Не е првпат Скопје да има градоначалник и не е првпат советниците да не се од истата партија како градоначалникот, па проектите си течеле, а од некои од нив и денес ги чувствуваме придобивките

Четири месеци градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, не била на седница на градскиот совет, тврдат некои од советниците. Како што обрнуваат внимание тие, тоа претставува голема пречка за функционирањето на советот, а ја нема и на седниците што се наменети за советнички прашања!?
Во меѓувреме, таа се појави во Брисел, каде што Скопје ја доби титулата за Европска престолнина на годината. Граѓаните коментираат дека имаат впечаток дека градоначалничката наместо да работи за нив и да се посвети на реалните проблеми што им тропаат на врата на скопјани, таа тежиштето на работењето го префрла во престолнината на ЕУ, наместо во престолнината на Македонија. Изгледа хумористично, но и не е баш… Убаво е и да се оди во Брисел, ако нашето Скопје има реални услови за да биде Европска престолнина, и ако сѐ ни е средено како што доликува. Но со толку отворени проблеми во градот, апсурдно е да се фалиме со тоа, па уште и гости да викаме.
И додека таа си гостува по медиуми што не поставуваат незгодни и горливи прашања од името на граѓаните и јавниот интерес (бидејќи професионалните новинари мака мачат да извлечат најбанален одговор од градските власти), Скопје тоне во проблеми.
На безмалку три месеци од почетокот на грејната сезона, парното греење сѐ уште е проблем за над 60 илјади корисници.
Сега и ќе објаснам зошто.

Мостот „Беласица“ беше опожарен уште во мај. Причините во моментов се сосема небитни, меѓутоа, структурно, беа нанесени сериозни штети на мостот. Изгореа цевките што дистрибуираа топлинска енергија до корисниците на парно. И оттогаш работата се влечка, еве веќе пет месеци. Освен овде-онде понекоја изјава за безбедноста на мостот, конкретна акција нема.
Ако не се постави новиот топловод на мостот, граѓаните ем ќе останат без греење ем ако сакаат да се греат ќе треба да плаќаат за 60 проценти повисоки сметки.
Од ЕСМ се подготвени да ги постават, но има проблем. Градот треба да даде дозвола, за која со денови слушаме дека е потребна, бидејќи имало процедури што мора да се завршат. Значи, колку и да е тоа работа на ЕСМ, мостот е во надлежност на градот. Следствено на тоа, ЕСМ мора да добие дозвола од градот за да почне со работи, кои, да нагласам пак нема да ја гарантираат безбедноста на мостот, тоа нема да бидат градежни работи за мостот, значи, нема да се санира штетата на мостот туку само на топловодните цевки за корисниците на парно греење.

Зошто е потребна таа дозвола – па, замислете секој да си копка кај што си сака. Не, овој град има процедури и правила на дејствување, па дури и во овој случај, мора да се даде дозвола за да се санира конечно проблемот со греењето.
Зошто градот не дава дозвола, никој не знае. Официјално соопштение нема, освен она од пред неколку недели со кое се огласи мајката на Скопје дека тоа не е во нејзина надлежност. Значи, повторно проблем околу надлежноста. И никој не се најде да ѝ објасни дека не станува збор за надлежност, туку за дозвола што градот треба да ја издаде за ЕСМ да почне да си ја работи својата работа.
И некако како цело време да го слушаме истото оправдување. Сѐ некој друг е виновен, те ВМРО, те СДСМ, за нереализираните проекти, па сѐ некој бил пречка за реализација, сѐ некој нешто кочи, па биле договорени против проектите „За Модерно Скопје“ со кои Арсовска ја доби градоначалничката фотелја.
Не е првпат Скопје да има градоначалник и не е првпат советниците да не се од истата партија како градоначалникот, па проектите си течеле, а од некои нив и денес ги чувствуваме придобивките.
Е сега, да повториме, работата на градоначалникот е да се грижи за својот народ, за животот во градот за кој токму тоа лице е избрано да биде градоначалник.
Граѓаните се нервозни и разочарани. Се чувствуваат измамено. Да не почнувам да ги набројувам сообраќајните колапси, кои траеја со месеци на неколку клучни точки во градот поради бавната реализација.
И сега, наместо да прочитаме убава вест дека парното греење конечно е регулирано, ние читаме какво државјанство имала скопската градоначалничка, божем некому му е гајле за тоа.

На народот, кому веќе му е прекуглава, не му е важно државјанството, важно му е да има обезбедено греење за долгата и тешка зима што претстои. Минатата година беше катастрофална во поглед на греењето и ценовните шокови што им беа приредени на корисниците.
Време е градот да се фати сериозно со работа и конечно да покаже дека работи во интерес на граѓаните, а не јавноста да ги гледа градските власти само кога треба да се промовира некој или нешто. Градскиот татко или градската мајка има едно дете единче: Градот Скопје! Дајте, ве молам, да се погрижиме за него, без разлика на сите тешкотии, непогоди, пречки и замки што ги имате на патот што води кон изреката „градот убав, пак ќе биде“! Па затоа е даден мандатот! Лошите менаџери даваат само оправдувања, добрите даваат решенија! Јавноста прашува и бара одговори, народот не сака неизвесност, сака да биде сигурен во својата иднина.

[email protected]