Македонските културни и традиционални вредности беа презентирани во Мелница

Организаторите нагласија дека имаат желба оваа манифестација да се одржува и во наредните години, од многу народни поколенија, млади луѓе што еден ден ќе ги донесат и своите деца во родниот крај во Македонија. Мелничките средби за првпат беа одржани минатата година по иницијатива на здружението „МАК – МЕЛ“ од Швајцарија, со желба во Мелница да се соберат повеќе генерации и да уживаат во богатиот фолклор, музиката и во пријателската дружба

Посеаното семе на иселеничките мелнички средби има длабок корен

Секогаш срцето и душата на човекот копнеат по родниот крај, по родното огниште, по местото каде што се направени првите чекори. По местото каде што вечно удираат дамарите на родната татковина Република Македонија, гласи пораката испратена од иселеничките мелнички средби „Мелница 2024“, кои минатата недела се одржаа по вторпат во селото Мелница, Општина Чашка, по што се заклучува дека нишката со родниот останува непрекината, без разлика каде и да отиде човек на Земјината топка.

Иселениците се собраа во родното село

Иселенички мелнички средби „Мелница 2024“ беа отворени со обраќање на градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски.
– Денес, по вторпат во Мелница, село со најголем број иселеници во нашата општина, иселени насекаде во белиот свет, најмногу во Швајцарија, Германија, Турција и во други држави, се собраа во родното село, на родната грутка, да се видат заедно, како што вели онаа старата – едно видување, еден век. Да ни е жива и здрава Република Македонија – рече Стојановски.
Многубројните гости на културната манифестација беа пречекани од млади игроорки, а свеченото дефиле на фолклорните друштва продолжи низ главната улица на Мелница. Покрај презентација на народни носии и фолклор, кои се карактеристични за општината Чашка, поканети беа и фолклорни друштва од Чашка, Ростуше и од Центар Жупа. Свеченото отворање се одржа на спортските терени на селското училиште, по што културната манифестација продолжи со презентација на културните и традиционални вредности на жителите, а заврши со уметничка програма и настап на познати интерпретатори на македонска народна музика, како и со забава за млади со диџеј од швајцарскиот град Бургдорф. Културниот настан беше во организација на здружението на граѓани за граѓански иницијативи „МЕЛ – МЕЛ 2023“ – Мелница и „МАК – МЕЛ“ од Швајцарија, со поддршка Општина Чашка.

Манифестацијата станува традиционална

Ердован Етовски-Еки од организацискиот одбор на средбите и еден од основачите на здружението на граѓани иселеници „МАК – МЕЛ“ во Швајцарија информираше дека нивното здружение е составено од 102 семејства од Мелница, кои живеат и работат во Швајцарија, како и дека е многу активно и во странство и дома. Тој потенцира дека по успешната ланска прва мелничка иселеничка средба и годинава продолжи организацијата во родното место Мелница, со што веќе стана традиционална.
– Тоа е културно-забавна манифестација што започнува со дефиле на игроорци, а продолжува со презентација на културните и традиционални вредности на жителите за да заврши со уметничка програма и настап на познати интерпретатори на македонска народна музика, како и со забава за млади со диџеј од градот Бургдорф во Швајцарија. Средбата беше можност за запознавање, особено на младите од Мелница и оние чии семејства со години живеат во странство и нивно заедничко дружење, како и други гости – потенцира Етовски.

Горди на предците и на сегашните поколенија

Мелничките средби за првпат беа одржани минатата година по иницијатива на здружението „МАК – МЕЛ“ од Швајцарија, со желба во Мелница да се соберат повеќе генерации и да уживаат во богатиот фолклор, музиката и пријателската дружба. Организаторите нагласија дека имаат желба оваа манифестација да се одржува и во наредните години, од многу народни поколенија, млади луѓе што еден ден ќе ги донесат и своите деца во родниот крај во Македонија. Ердован Етовски-Еки во своето поздравно обраќање им се заблагодари на присутните и рече дека се чувствува гордо.
– Мелничани, имаме големи причини да се гордееме на своето македонско потекло, корените и мајчиниот македонски јазик затоа што со векови ги негуваме богатата културна традиција, обичаите и јазикот, како најважно национално обележје на еден народ и држава. Исто така со полно срце можеме да бидеме горди на нашите предци, но и на сегашните поколенија, кои и покрај работата и живеењето надвор од татковината, не ги згаснаа родните куќи и огништа. Напротив, придонесуваме во модернизацијата и изградбата на родната Мелница, Општина Чашка, и татковината Република Македонија – рече Ердован Етовски-Еки. Д.Ст.