Фото: Игор Бансколиев

Прво, сите оние методи што се читаат на интернет не се никаква гаранција за чистотата на медот. Второ, не верувам и дека народот има верба во системот дека ќе го заштити од увоз на фалсификуван мед, не сум слушнал досега да се заплени некоја пратка на таков мед. Според мене, најдобра шанса да се купи чист и природен мед е комбинација од купување од локален пчелар кому му веруваме и вршење лабораториска анализа, но за ова второво треба да се направи некоја опција што ќе биде финансиски поповолна, сега е мислам околу 6.000 денари и многу пчелари во услови на намален принос не помислуваат на тоа, вели пчеларот Андреја Костески од Костинци, Прилепско

ФАЛСИФИКУВАНИОТ МЕД ГО УНИШТУВА ВИСТИНСКОТО МЕДОПРОИЗВОДСТВО

Неповолните климатски услови го урнисаа пчеларството. Како последица на долгиот и сушен период и високите температури, производството на мед оваа година ќе биде преполовено. Меѓутоа климатските промени не се единствената причина поради која се намалува производството на мед. Фалсификаторите на овој производ земаат сѐ поголем замав, нивниот број е сѐ поголем, па тие, продавајќи го медот по значително пониска цена од реалната, ги земаат купувачите од производителите на мед што макотрпно го создаваат овој природен еликсир.

НЕЛЕГАЛНА КОНКУРЕНЦИЈА

Фалсификаторите на мед го уништуваат производство на мед. Тоа е општ став на пчеларите што многу години се занимаваат со производство на мед.
Според нив, денес како никогаш досега се продава фалсификуван мед на секој чекор, во продавници, на социјалните мрежи, пред маркети, на пазари, а за исправноста, односно за квалитетот на медот нема никаква гаранција.
На граѓаните им се добро познати и репликите со кои наводните производители на мед се обидуваат да го продадат фалсификуваниот производ. Тие вообичаено гарантираат дека медот е 100 проценти природен, дека не е мешан со ништо дополнително и дека е со екстра квалитет.
Но, во реалноста, праксата говори нешто друго.
Според пчеларот Ванчо Кировски, фалсификаторите на мед се проблем за пчеларите, но најголем проблем се за купувачите на мед, кои немаат заштита од институциите.
Сите знаеме како се решава проблемот, но дали тоа ќе биде направено не зависи од нас пчеларите. Ние бараме секогаш да се вршат редовни и вонредни анализи и контроли. Мојот став е отсекогаш јасен, секој потенцијален купувач треба да биде информиран за тоа што купува и автоматски да биде и добро заштитен од манипулации и фалсификати. Не се согласувам со тоа дека фалсификаторите на мед можат да ги разубедат одговорните и чесни пчелари да се откажат од пчеларството и да го сменат својот карактер на квалитетно пчеларење. Секој пред да започне да пчелари треба да знае дека пчеларството не е математика, дека пчеларството припаѓа во земјоделството, односно сточарството, а таму во сточарството од климатските услови и од горенаведените проблеми зависи каков успех и квалитет ќе се добие на крајот во теглата мед – вели тој.
Според него, граѓаните можат да се заштитат од фалсификуван мед на два начина.
– Првиот начин е да го сторат тоа институциите според својата надлежност, секој купувач треба да се чувствува безбеден и да има доверба. Ако не е задоволен купувачот од начинот како го прават тоа оние што се платени за тоа, тогаш втората можност е самиот да се едуцира и самиот да врши анализи и контрола на пчелните продукти што ги купил за свое консумирање и тоа да го направи со прирачни или лабораториски анализи. Но и за тоа се потребни минимална едукација и информации – вели тој.
Инаку, според него, освен фалсификуваниот мед, големо влијание врз намаленото производство има и нарушена рамнотежата помеѓу животните и билките, а особено помеѓу инсектите и растенијата и нарушената рамнотежа помеѓу животните и инсектите и се доведува во прашање опстанокот на пчелите.
– Тоа значи дека е намален биодиверзитетот со уништување на многу автохтони билки и растенија со прекумерна неконтролирана употреба на пестициди, а со тоа се нарушуваат континуитетот на нектарење и изворите на полен, како основен услов за развој и опстанок на пчелните заедници. Особено опасност се овоштарите и неедуцираните трговци со препарати за третирање на овошките и несфатливата традиција на третирање на овошните насади во цвет, не знаејќи дека пчелите се полинатори и опрашувачи на овошните насади за побогат и попродуктивен род во овоштарството – смета тој.
Кировски додава и дека големо влијание има манипулирањето со временските услови, поточно разбивањето на дождовните облаци како страв од градобијни појави.
Со тоа се нарушува системот на природно наводнување на ливадите и нектарските извори, а особено билките што се поленски богати и со нектарски сокови остануваат без свежина и без коренска вегетација се сушат и стануваат непродуктивни. Поради разбивањето на облаците индиректно се зголемува опасноста од пожари и уништување на растителниот свет, а со тоа и изворите на нектар и полен, односно изворот на животот на пчелите. Мудроста на човекот и општеството треба да биде во насока на зачувување на природата, а не во експериментирање или обиди за современо управување и ставање под контрола на временските услови. Климатските промени со сите непредвидливости и драстични падови и нестабилност на температурите придружени со северни студени ветрови се меѓу главните причини за сѐ помалата продуктивност во количествата мед и пчелни продукти – заклучува пчеларот.

Нема ефикасна заштита од увоз на фалсификат мед

Според пчеларот Андреја Костески од Костинци, Прилепско, стопроцентна заштита од фалсификуван мед нема.
– Прво, сите оние методи што се читаат на интернет не се никаква гаранција за чистотата на медот. Второ, не верувам и дека народот има верба во системот дека ќе го заштити од увоз на фалсификат мед, не сум слушнал досега да се заплени некоја пратка на таков мед. Според мене, најдобра шанса да се купи чист и природен мед е комбинација од купување од локален пчелар кому му веруваме и вршење лабораториска анализа, но за ова второво треба да се направи некоја опција што ќе биде финансиски поповолна, сега е мислам околу 6.000 денари и многу пчелари во услови на намален принос не помислуваат на тоа – вели тој.
Според него, климатските промени секако дека имаат улога во намалувањето на производството на мед, меѓутоа важен фактор е и иселувањето, односно, како што вели тој, запустувањето на селата.
– Целиот циклус на природата е нарушен, порано кога селата биле полни со стока, ливадите се коселе, се ѓубреле природно, повторно цветале и така повеќе пати во текот на летото… Накратко, намалена е и пашата од која пчелите собираат мед. Откажување од пчеларството има само од неколку причини: старост на пчеларот, заминување во странство, очекување на брза заработка. Пчеларството бара ентузијазам, љубов, некогаш и цели денови на пчеларник. Без тоа не може на долги патеки да се пчелари. Последнава година имаше многу огласи за продажба на пчели и за мене е тоа загрижувачки, ќе видиме бројките од МЗШВ што ќе кажат. Ќе ни кажат горе-долу како стојат работите со бројот на пчелни семејства – потенцира тој.


Сиот Западен Балкан мака мачи со фалсификуван мед

Недостигот од мед е една од главните причини за високата цена, но и за сѐ почестите фалсификати што се појавуваат на пазарот на Западен Балкан. Да го земеме примерот со соседна Србија.

Иако со подолга традиција во заштитата и контролата на увозот и пазарот со мед, и Србија потфрла

Производителите велат дека на пазарот има и огромно количество лажен мед, додека кој е вистински, а кој фалсификуван тешко се препознава со голо око, велат пчеларите.
Иако надлежните инспекции, полицијата и другите државни служби, со години се обидуваат да се справат со фалсификаторите и фалсификатите, на српскиот пазар има сѐ помалку квалитетен мед, а сѐ повеќе производи со сомнително потекло и уште посомнителен квалитет.
Лажниот мед е поевтин, а бидејќи профитот е мотив зад секоја измама, купувачот е двојно оштетен, тој платил за копија, која за разлика од вистинскиот мед не е ниту квалитетна храна ниту лек. Особено е скап багремовиот домашен мед, кој во моментов не може да се купи под 1.500 динари за килограм, а познато е дека колку е поскапоцен производот, толку е поизложен на фалсификување. Кај медот тоа најчесто се прави со додавање шеќерен сируп. Пчеларите велат дека веќе ги мачат лошите временски услови, а на пазарот се појавуваат големи количества мед од сомнително потекло.

Ако не знаеш кој е природен мед, прашај кој е најскап мед…

Покрај познатата изрека „ако не знаеш што е добро, знаеш што е скапо“, пчеларите откриваат на кои други начини можете да препознаете дали купувате вистински домашен или лажен мед.
– Најбезбеден начин да се добие природен мед е да се купи директно од пчеларот. Невозможно е точно да се каже кој пчелен мед е вистински, а кој фалсификуван со голо око, тоа може прецизно да се утврди само со анализа. Еден начин да го препознаете е тоа што кога медот се зема во лажица, се крева нагоре, тој се спушта во ситни нишки додека е на лажицата. Кај сомнителен мед се појавуваат капки – изјави за РИНА проф. д-р Светомир Стаменковиќ.