Анализа
Во пресрет на неформалниот самит на ЕУ на Кипар на 23 и 24 април 2026 г.:
Брисел ги менува приоритетите
- Иако проширувањето кон Исток и Балканот е во ќор-сокак, евентуален неочекуван потег на Исланд за враќање во преговорите би можел целосно да ги промени правилата на игра. За разлика од другите кандидати, Исланд не носи социјални или безбедносни ризици, што би можело да послужи како тест за тоа дали ЕУ навистина е способна за какво било проширување во оваа деценија
Амбицијата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за геополитички мотивирано забрзано проширување на Унијата, за што неодамна уште еднаш се заложи, по сè изгледа, удира во цврст ѕид изграден од политички калкулации, а веројатно и стравови внатре во Унијата. За тоа говори и фактот што иако на претстојниот неформален состанок на ЕУ на Кипар закажан за 23 и 24 април требаше да се разговара за проширувањето, оваа тема од одредени причини „тивко“ е тргната од масата. Што се случи во меѓувреме?!
Париз и Берлин во дефанзива
На оваа тема, влијателниот медиум „Политико“ пишува дека главниот отпор кон ново проширување (па дури и за оние што се сметаа за „фронтлајнери“) доаѓа од јадрото на Унијата. Имено, Франција, предводена од Емануел Макрон, стравува од законската обврска за одржување референдум за секоја нова членка. Во земја каде што влијанието на суверенистите на Жордан Бардела (и Марин Ле Пен) е во нагорен тренд, секое споменување на прием на Украина или на балканските земји е „гориво“ за нивните кампањи. Исклучително се интересни речиси унисоните ставови на француските дипломати, кои се децидни во нивните тврдења дека „воведувањето на темата за проширување на ЕУ во една внатрешна национална дебата, во овој момент е политичко самоубиство за секој лидер“!
Од друга страна, Германија, заедно со Холандија и Италија, цврсто стои на ставот дека процесот мора да остане „базиран на заслуги“, свесни дека на овој начин нема да се затвори приказната за проширување, но дека тој процес повторно ќе биде на долги патеки, што на ЕУ како да ѝ одговара во услови кога и самата не е реформирана. Иако од овие земји на ЕУ постои „разбирање за геополитичкиот притисок под кој се наоѓаат Украина и Молдавија“, мнозинството земји членки немаат никаква желба за оваа дебата токму сега.
– Не сакаме да го ослабиме Зеленски, но реалноста е дека проширувањето моментално е замрзната тема – изјави висок европски дипломат за „Политико“.
Стравот од „тројански коњи“ и примерот со Унгарија
Овој нов бран скептицизам веќе ги зеде првите „жртви“. На пример, Црна Гора, која се сметаше за фаворит, сега се соочува со сериозни пречки. Според информации на подгоричкиот весник „Дан“, во Брисел сè почесто се користи терминот „тројански коњи“. Оваа етикета се лепи на државите што, по влезот во ЕУ, би можеле да го блокираат носењето одлуки или, како што тврдат елитите од Брисел, „…да водат политика спротивна на интересите на Унијата, слично како со Унгарија и Виктор Орбан…“.
Прашањето за изработка на пристапниот договор за Црна Гора, што е клучен чекор кон членството, наиде на резерви кај повеќе претставници, кои стравуваат дека со проширувањето само ќе се зголеми внатрешната нестабилност на блокот.
Можеби тука треба да се бараат причините за иницијативата на албанскиот премиер Еди Рама, за брз прием на сите земји од Западен Балкан во ЕУ, но со редуцирани права.
Бриселските економски и социјални стравови за проширување наспроти „факторот Исланд“
Покрај политичките, тука се и „социјалните стравови“. Имено, бриселските елити сега изнесуваат на виделина и наводни „граѓански стравувања на жителите на старите членки“, кои, како што се вели, „стравуваат од приливот на евтина работна сила и губењето на работните места“ и го рециклираат сценариото што веќе беше видено при претходните проширувања.
Во таков амбиент, каде што економијата и безбедноста се во тесна спрега, маневарскиот простор за актуализирање на проширувањето е целосно стеснет, односно буквално и го нема.
Сепак, аналитичарите укажуваат на еден неочекуван фактор. Иако проширувањето кон Исток и Балканот е во ќор-сокак, евентуален неочекуван потег на Исланд за враќање во преговорите би можел целосно да ги промени правилата на игра. За разлика од другите кандидати, Исланд не носи социјални или безбедносни ризици, што би можело да послужи како тест за тоа дали ЕУ е навистина способна за какво било проширување во оваа деценија.
Со други зборови, Исланд ќе послужи само како европско алиби дека процесот на проширување не е клинички мртов. Тоа ќе му овозможи на официјален Брисел да го задржи Балканот во својата сфера на влијание, хранејќи го регионот со реторика за „европска перспектива“ без притоа да понуди јасна временска рамка или гаранција за членство. Во меѓувреме, новиот План за раст ќе се користи како алатка за финансиско дисциплинирање – држејќи ги земјите кандидати доволно блиску за да не заминат на друга страна, но сепак доволно далеку од вистинската интеграција.
Реалноста пред желбите
Според добар дел од европските аналитичари, пораката од Брисел до земјите од регионот е повеќе од јасна – геополитиката е важна, а и опстанокот на сегашните политички елити во Париз и Берлин е поважен!
– Додека внатрешните реформи на ЕУ не го неутрализираат стравот од десничарскиот популизам, вратите на Унијата ќе останат затворени, а кандидатите ќе мора да се задоволат со бескрајни технички разговори без конкретен датум на хоризонтот – велат европските аналитичари.
Регионални аналитичари: Проширувањето е заложник на внатрешните избори, но Исланд може да биде „џокерот“
Според дел од аналитичарите од регионот, сегашниот застој во Брисел првенствено е внатрешно прашање на Франција пред претседателските избори следната година.
– Токму таа домашна политичка агенда ја диктира динамиката во рамките на Советот на ЕУ. Сепак, не треба да се занемари работата на комисијата. Очекувањата се дека прашањето за проширувањето повторно ќе стане доминантно дури по декември оваа година, не претходно – сметаат аналитичарите.
Според нив, клучниот момент што би можел суштински да ја промени динамиката е најавениот референдум во Исланд закажан за 29 август.
– Доколку граѓаните таму одлучат повторно да ги започнат преговорите со Унијата, тоа ќе создаде нов стратешки наратив. Евентуалното враќање на Исланд во „игра“, особено во контекст на актуелните геостратешки прашања на Северот, може да му даде нов и неочекуван замав на целиот процес на проширување – потенцираат повеќето аналитичари од земјите во регионот, запознаени со евроинтеграциските процеси.
Тие додаваат дека Црна Гора на некој начин е најблиску до членство, но дека ако има политичка волја, тогаш Франција би можела да направи некакви егзибиции за да го избегне референдумот за прием на нови членки, занемарувајќи ја волјата на француските граѓани. Тоа би донело дополнителен ризик за актуелната француска власт.
– Иако оптимизмот на европските официјални лица е присутен, реалните шанси за регионот остануваат мали. Во овој момент, само една земја – Црна Гора – е навистина блиску до членство. Постои деловник според кој одлучувањето за нејзиниот прием би можело да се префрли на францускиот парламент за да се избегне ризичниот референдум. Но ако се направи ваков преседан, тоа повторно може да им се удри од глава на Макрон и неговите политички истомисленици, така што малку е веројатно самите да си предизвикаат политичка штета – објаснуваат аналитичарите.
Сметаат дека упорното форсирање на моделот на т.н. лајт членство, влез во Унијата, но без право на вето и комесари, е единствената опција за проширувањето да се случи во некој одреден временски простор.
– Има премногу нерешени проблеми, а добрите намери не се доволни. Можеби официјален Брисел ќе продолжи со повиците за проширување, но конечниот збор и понатаму останува кај државите членки и нивните внатрешни политики – заклучуваат аналитичарите. С.Т.































