Специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобално ангажирање на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, денеска ја започнува посетата на Црна Гора, Македонија и Албанија, каде ќе разговара за борбата против руските дезинформации.
Како што соопштија од Стејт департментот, Рубин од денеска до 14 април ќе ги посети Подгорица, Скопје и Тирана.
Пред неговото пристигнување, Рубин за регионалната телевизија Н1 изјави дека „предметот и темата на посетата се сериозни“, бидејќи на Западен Балкан „постои проблем со руските дезинформации: во Црна Гора, Македонија и во целиот регион“.
– Сакам да работам со владите кои сакаат да бидат дел од европскиот систем и да бидат свет на права и правила каде се почитуваат европските принципи. Сакаме да се обидеме да направиме се за да го елиминираме ова загадување на медиумската средина – рече Рубин.
Најавено е дека тој ќе се сретне со владини претставници во Подгорица и Скопје за да ја зајакне поддршката за иницијативите против дезинформации.
– Тие ќе разговараат за напорите на Русија, Кина и другите злонамерни актери кои користат дезинформации за да ја поткопаат демократијата и националната безбедност ширум светот и како нашите земји можат колективно да се спротивстават на заканите во информативниот простор – се вели во соопштението.
Рубин во Тирана ќе учествува на средби со американските амбасадори од Западен Балкан.
Зборувајќи за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Рубин изјави дека САД ги поздравуваат „договорите на кои работи ЕУ и им помага на Косово и Србија да имаат нормални односи, да им овозможат на народите да живеат едни покрај други, да ги признаваат симболите, малцинските права, слободата на народот и да тргнат напред така што и Косово и Србија можат да бидат дел од европските институции“.
Тој додаде дека решението „мора да биде прифатливо и за Косово и за Србија“, дека „лидерите мора да донесат тешки одлуки и да тргнат кон нормализација“ и изрази уверување дека „денес тоа е можно“.