ЕУ е онаа што доби рок да се подготви за проширување, а не државите од регионот за интегрирање
Според сите искуства од (лажните) ветувања од ЕУ за да добие непринципиелни и непристојни отстапки од земјите-кандидати, двете тези на Мишел за проширувањето на ЕУ се длабоко контрадикторни една со друга: реформирање на Унијата пред проширување и „подготвеност за проширување до 2030“. Таквата „неусогласеност“ е констатирана во изјавите со сомнеж и на лидерите на неколку земји-кандидати за членство во ЕУ, на самиот форум во Блед, чии реакции јасно укажуваат на недоверба во „приказните“ што им ги „продаваат“ ЕУ-функционерите на старите (земјите од Западен Балкан) и новите чекачи (Украина и Молдавија), купувајќи време за избегнување на одговорноста од неисполнетите ветувања
По тридецениското поигрување со ветувањата за евроинтеграција на Македонија, особено по серијата изневерени ветувања од ЕУ во последниве шест години, македонските политичари, но повеќе граѓаните, многу попрецизно ги слушаат и сѐ попрецизно ги читаат изјавите на евробирократите, препознавајќи ги сите нивни нијанси во кои е содржана и отстапницата за избегнување одговорност. Пред два дена претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во својот говор на Стратегискиот форум во Блед, Словенија, доби аплауз од присутните кога во својот говор поентираше дека „до 2030 година, двете страни – ЕУ и земјите-кандидати – мора да бидат подготвени за ново проширување на Европската Унија“.
– За да биде посилна и побезбедна, ЕУ треба да ги зајакне нашите врски и да стане помоќна и затоа сега е време да се справиме со предизвикот на проширувањето. И за нас во ЕУ… и за нашите идни земји-членки. Да, верувам дека вака сега треба да ги нарекуваме земјите со потврдена ЕУ-перспектива, идни земји-членки. Време е да се соочиме со предизвиците со јасност и искреност. Патот кон ЕУ за Западен Балкан започна пред повеќе од 20 години. Самитот во Солун, во 2003 година, ја потврди европската перспектива на Западен Балкан. Но бавното темпо на ова патување во ЕУ разочара многумина. И во регионот и во ЕУ. Се согласувам со канцеларот Шолц кога вели дека Европа мора да ги исполни своите ветувања. Така што сега проширувањето повеќе не е сон. Време е да се оди напред. За да бидеме веродостојни, верувам дека мора да зборуваме за времето и домашните задачи. И јас имам предлог. Додека ја подготвуваме следната стратегиска агенда на ЕУ, мора да си поставиме јасна цел.
Верувам дека мора да бидеме подготвени – од двете страни – до 2030 година за проширување. Тоа значи дека следниот долгорочен буџет на ЕУ ќе треба да ги вклучи нашите заеднички цели. Тоа е амбициозно, но неопходно. Тоа покажува дека сме сериозни – упати Шарл Мишел уште едно мотивациско ветување до земјите-кандидати за ЕУ, додавајќи дека лидерите на ЕУ ќе разговараат за проширувањето на некои од следните состаноци на Советот, но и дека ја поддржува идејата на францускиот претседател Макрон – дека прво ЕУ треба да се реформира, па да продолжи проширувањето.
Европски тези контрадикторни една со друга
Според сите искуства од (лажните) ветувања од ЕУ за да добие непринципиелни и непристојни отстапки од земјите-кандидати, двете тези на Мишел за проширувањето на ЕУ во основа се длабоко спротивставени една на друга: реформирање на Унијата пред проширување и „подготвеност за проширување до 2030“?!
Таквата „неусогласеност“ е констатирана и во изјавите со сомнеж на лидерите на неколку земји-кандидати за членство во ЕУ, на самиот форум во Блед, чии реакции јасно укажуваат на недоверба во „приказните“ што им ги „продаваат“ ЕУ-функционерите на старите (земјите од Западен Балкан) и новите чекачи (Украина и Молдавија), купувајќи време за избегнување на одговорноста од неисполнетите ветувања.
Во јавноста кај нас исто така излегоа повеќе коментари, полни со алегорија и цинизам.
– Шарл Мишел не рече дека земјите-кандидати до 2030-та ќе бидат подготвени за влез, туку ЕУ ќе биде подготвена да ги прими, што не е исто. Додека Макрон не рече ни тоа – концизно ја сублимира поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини поентата од обраќањето на Шарл Мишел.
Новинарот Бранко Геровски не го криеше својот потсмев кон „еврохистериците“…
– Реалноста е обесхрабрувачка. Политиката на проширување на Европската Унија долги години ја оспоруваат токму лидерите на водечките земји-членки на оваа организација. Тие постојано разговараат за можна нова архитектура на Унијата. Минатата година францускиот претседател Емануел Макрон го тестираше форматот наречен Европска политичка заедницa, замислен како заедница од 44 држави – вклучени 27 земји-членки на ЕУ како и 17 други европски држави што не се дел од Унијата. По изразените резерви дека тоа, всушност, е идеја за формирање „европска Б-лига“, иницијативата се притаи. Потоа Германците почнаа внимателно да го испитуваат расположението за еден друг формат на приближување на аспирантите кон Унијата, кој подразбира создавање единствен европски економски простор како приоритетен проект. Ќе видиме како ќе заврши таа идеја.
Европа во повеќе брзини, Македонија во рикверц?
Според новинарот Геровски, „Макрон викендов отворено кажа во која грмушка лежи зајакот“!
– Европската Унија тешко функционира и со 27 членки, а со 32 или 35 земји-членки нема да биде полесно. ЕУ треба да се реформира ако сака да прими нови членки, категоричен е францускиот претседател. Ништо ново, но добро е вистината да се слушне уште еднаш. Новото френско предложение, кое овој пат не само за нас, се вика „Европа со повеќе брзини“.
Колку и да ни е тој Макрон неомилен, непристрасната анализа сепак води кон заклучокот дека човекот е во право. Тој и сите што мислат дека со вака комплицирани процедури на одлучување, кои произведуваат и политики на уцени и дури и корупција внатре во Унијата, проширувањето ќе го направи тој организам уште понефункционален и тром. Затоа Макрон се залага за ревизија на процедурите на ЕУ. Едноставно, гласот на Франција или гласот на Германија, на пример, не може да има еднаква „тежина“ со гласот на каприциозната Бугарија денес, или утре со гласот на снисходливата Македонија, на пример – наведува во својата колумна новинарот Бранко Геровски.